Регион

Теодор Мерон: Достигнувањата на Хашкиот трибунал се „извонредни”

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ламија Гребо, Сараево

Теодор Мерон | Фото: МКТЈ

Теодор Мерон, чиј мандат како претседател на Механизмот за меѓународни кривични трибунали наскоро завршува, за БИРН вели дека судот на ООН за воени злосторства, „фундаментално го сменил начинот на кој размислуваме за одговорноста” за најтешките злосторства.

Во интервју за БИРН, Теодор Мерон вели дека пред крајот на неговиот мандат е „исклучително горд” на постигнувањата на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и на неговиот наследник, Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ), особено поради нивниот придонес во меѓународното кривично и хуманитарно право.

„Според мое мислење, она што Трибуналот го постигна во текот на годините, не е ништо помалку од извонредно”, вели Мерон во својот писмени одговор, на прашањата на БИРН.

Тој истакнува дека резултатите што МКТЈ ги постигнал, имаат поголемо значење во однос на значењето на судењата што се одржале пред овој суд или на значењето на донесувањето на воените злосторници пред лицето на правдата.

„За само неколку години, тој фундаментално го смени начинот на кој размислуваме за одговорноста и важноста да се осигура дека лицата обвинети за најтешките злосторства, ќе бидат повикани на одговорност пред правични и непристрасни судови”, додава тој.

„Во исто време, МКТЈ ригорозно и методично ги прегледа, објасни и ги примени клучните одредби на меѓународното право, зголемувајќи го разбирањето на законот и, се надевам, неговата примена во конфликтните зони низ целиот свет и во националните судови, вклучувајќи ги и земјите од поранешна Југославија”, нагласува тој.

Некои од пресудите на Хашкиот трибунал, како што е ослободувањето на генералот на Војската на Југославија (ВЈ) Момчило Перишиќ и на генералите на Хрватската војска (ХВ), Анте Готовина и Младен Маркач, предизвикаа незадоволство на Балканот. Мерон признава дека „патот не бил секогаш лесен” и дека судот се соочувал со критики поради контроверзни пресуди.

„Сепак, јас сум сигурен дека пресудите на Хашкиот трибунал, како и оние кои ги донесоа Механизмот и сестринскиот суд на МКТЈ, МКТР (Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда) ќе го положат тестот на времето и дека глобалната заедница по еден век ќе се осврне со одобрување кон пресудите што ги донесоа овие пионерски институции и ќе го признае нивниот непроценлив придонес во воспоставувањето на ерата на одговорност и почитување на владеењето на правото “, истакна тој.

Трибуналот на ООН беше критикуван и дека недоволно придонел кон помирувањето. Сепак, Мерон вели дека е важно да се имаат предвид границите на неговиот мандат, истакнувајќи дека „самите пресуди на судот, не можат да ги излекуваат длабоките рани што ги нанеле злосторствата, како оние во Сребреница, на пример.”

„Наместо тоа, често останува на членовите на заедниците, на кои злосторството најмногу влијаело – на граѓанските и на верските лидери, на родителите и на наставниците, како и на поединците – да најдат сила и начин да ги обноват своите заедници”, нагласува тој.

„Одговорните ќе ја носат стигмата”

Пресудата која што беше пресвртница: Радислав Крстиќ во Хашкиот трибунал во 2004 | Фото: ЕПА/Пол Врикер.

Мерон вели дека за време на неговата 17-годишна кариера како меѓународен судија, две одлуки биле пресвртница – пресудата со која беше осуден генералот на Војската на Република Српска (ВРС), Радислав Крстиќ, и пресудата во судскиот процес против припадниците на ВРС, Драгољуб Кунарац, Зоран Вуковиќ и Радомир Ковач, кои беа осудени за силување.

Пресудата на Апелацискиот совет од 2004 година во случајот Крстиќ, со кој претседаваше Мерон, го дефинира масакрот во Сребреница како акт на геноцид.

„Одговорните ќе ја носат ова стигма, и таа ќе послужи како предупредување за во иднина, до сите оние кои ќе помислат да извршат такво грозоморно дело”, се вели во пресудата.

Утврдувајќи дека Кунарац, Вуковиќ и Ковач се виновни, МКТЈ востанови оти „силувањето е злосторство според обичајното меѓународно право и објасни дека силувањето не предвидува никаков предуслов на ‘отпор’ на жртвата, и заклучи дека злосторствата, поробување и мачење, можат да се засноваат на основните акти за сексуално насилство“, објасни Мерон.

„Преку нивната практика, МКТЈ и МКТР, јасно ставија до знаење дека злосторствата од сексуална природа не се само опортунистичка последица од војната, ниту, пак, претставуваат помалку грозоморно злосторство. Всушност, делата на сексуалното насилство можат да бидат, а честопати и се, инструмент на војната“, истакнува тој.

Последната година од мандатот на Мерон ја следат и контроверзии.

Така, во септември, хашкиот судија Жан-Клод Антонети го прифати барањето на одбраната на Ратко Младиќ, од жалбената постапка да се исклучат судиите, Теодор Мерон, Кармил Агиус и Дакун Лиу.

Како што наведе Антонети во својата одлука, судиите Мерон, Агиус и Лиу, „делуваат пристрасно”, со оглед дека во претходни предмети во Хаг, носеле одредени заклучоци во врска со Ратко Младиќ.

Мерон, потоа, се повлече од жалбената постапка на Радован Караџиќ, откако одбраната на Караџиќ побара тој да биде изземен поради „пристрасност“.

И додека поминува последниот месец од неговиот мандат, тој и натаму зборува отворено; за време на неодамнешната посета на Белград, тој ја критикуваше премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, поради нејзиното негирање дека масакрите во Сребреница се геноцид.

„На Владата на Србија не ѝ помага оспорувањето на пресудите на еден важен меѓународен суд”, ѝ рече Мерон на Брнабиќ.

Мерон е роден во 1930 година во Полска, а детството му било обележано со разурнувањата од Втората светска војна – искуство кое, како што вели, ја обликувало целата негова кариера.

„Иако мојата кариера не одеше праволиниски, постојано се обидував да се борам против хаосот и болката на војната. Војната го уништи моето детство и ми даде желба за образование и желба, со примена на правото, да застанам на патот на злосторствата“, објаснува тој.

„Јас сум длабоко благодарен за можностите што ми се укажаа во текот на живот, а особено на фактот што имав ретка можност да бидам на чело на институциите што служеа како пионери на новата ера на повикување на одговорност”, заклучува тој.