Регион

Жени, воени злосторници: Нераскажана приказна за војните на Балканот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Јована Прусина, Белград

Поранешната претседателка на РС, Билјана Плавшиќ, во септември 1997 година | Фото: ЕПА/Саша Станковиќ

Илјадници жени учествуваа во војните во поранешна Југославија, а некои од нив беа и осудени за брутални злосторства. Сепак, улогата на жените кои се бореа во тие војни, често се занемарува.

Вишиот суд во Белград, ја осуди поранешната припадничка на силите на босанските Срби, Ранка Томиќ, на пет години затвор, за учество во тортурата и убиството на 18-годишната болничарка на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ), Кармена Каменчиќ, во јули 1992 година, за време на војната на БиХ.

Специфичноста на овој случај се огледа во бруталноста на самото злосторство, како и во фактот дека и жртвата и сторителот се жени.

Според обвинението, припадниците на единицата на Ранка Томиќ, ја заробиле Каменчиќ и ја однеле во селото Радиќ. Томиќ ѝ наредила на болничарката да се соблече гола, да ползи по земја и да си ископа гробно место.

Томиќ и другите припадници на единицата ја тепале Каменчиќ со стапови, ѝ ја исекле косата, со нож, на челото и на долниот дел од грбот ѝ врежале крст, и на крај, ѝ го отсекле долниот дел од увото. Томиќ, потоа, ѝ ја втурнала главата во измет од крави, ја удирала со лопата и ја терала да пее српски песни.

На крајот, Каменчиќ, која имал осумнаесет години, била убиена од припадник на единицата на Ранка.

Во повеќето случаи, кога станува збор за војните од 90-тите на Балканот, жените се спомнуваат само како жртви, претежно цивилни.

Сепак, многу жени биле припаднички на воени единици. Точниот број на овие жени не е познат, иако податоците велат дека само во редовите на АБиХ имало 5.360 жени, од кои некои биле ангажирани како логистичка поддршка, а другите се бореле.

Но, судењата за воени злосторства, како што е ова на Ранка Томиќ, покажуваат дека жените можат да бидат и воени злосторници.

Првата жена осудена од меѓународен суд

Билјана Плавшиќ, во тренинг центарот на војската на Мањача, во октомври 1998 | Фото: EПA/Драго Вејновиќ

Поранешната претседателка на Република Српска, Билјана Плавшиќ, е единствената жена обвинета и осудена од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Таа беше обвинета за геноцид, соучество во геноцид, истребување, убиства, намерно лишување од животот и за други злосторства извршени за време на војната во БиХ.

Таа се памети и како личност која призна дека е виновна за прогон на несрпското население на политичка, етничка и верска основа.

Плавшиќ беше осудена на 11 години затвор. Сепак, иако се изјасни за виновна, таа по издржувањето на казната, кога се врати во Белград, даде низа изјави во кои тврдеше дека не е виновна и оти ја признала вината со цел да добие поблага казна.

Јелена Суботиќ, професор на Државниот универзитет во Џорџија во Атланта, вели дека академските истражувања покажуваат дека воените злосторнички обично се перципираат и се третираат поинаку и за време, и по судењето.

„Случајот на Билјана Плавшиќ, сепак, е интересен, поради тоа што е тешко да се утврди до кој степен топлото добредојде во Србија и Република Српска за неа, беше резултат на фактот дека таа е жена, во однос на фактот дека е Србинка“, вели Суботиќ.

Плавшиќ беше осудена од меѓународен трибунал, што е многу ретка појава. На пример, Меѓународниот кривичен суд никогаш во својата историја не обвинил, ниту пак осудил жена. Само една жена се наоѓа на потерницата на тој суд – Симон Гбагбо, поранешната прва дама на Брегот на слоновата коска.

По неа е распишана потерница за наводни злосторства против човештвото, извршени за време на постизборниот период на насилство во оваа западноафриканска земја, во 2011 година.

Нејзините наводни злосторства вклучуваат убиства, сексуално насилство и прогонство.

„Азра Два ножа“ и другите злосторнички

Азра Башиќ во Сараево, по екстрадицијата од САД во 2016 | Фото: Обвинителство на БиХ

Постојат неколку примери, кога жени се осудени од домашните судови во земјите од поранешна Југославија, иако нивниот број не е ниту близу до бројот на мажи прогласени за виновни за воени злосторства.

Маја Бјелош, истражувач во Белградскиот центар за безбедносна политика, објаснува дека „повеќето жени немале командна или политичка одговорност“.

„Тие главно служеле како ‘пешадија’, но и во специјалните единици, обезбедувајќи логистичка поддршка и слично“, вели Бјелош.

Една од ретките жена на која во Србија ѝ се судеше за воени злосторства, е Нада Калаба, која од страна на Вишиот суд во Белград беше осудена на девет години затвор, за злосторства извршени во Овчара во Хрватска.

Калаба беше меѓу 18 лица обвинети за учество во убиството на повеќе од 200 хрватски затвореници на фармата Овчара, во близина на Вуковар, откако градот во 1991 година падна во рацете на српските сили.

Повеќе примери за жени, осудени за воени злосторства, може да се најдат во Хрватска.

Една од нив е Слаѓана Корда, која Окружниот суд во Вуковар, во отсуство, ја осуди на осум години затвор, за воени злосторства извршени над цивили.

Таа беше дел од групата припадници на српските паравоени сили и на Југословенската народна армија (ЈНА), кои беа обвинети за убиство, физичко малтретирање и ограбување на несрпски цивили во Вуковар, Стаичево и во Сремска Митровица, извршени во ноември и декември 1991 година.

Окружниот суд во Вуковар, ја осуди и Иванка Савиќ, цивилно лице, на четири и пол години затвор, за воени злосторства над други цивили.

Според пресудата, Савиќ не била член на ниту една вооружена единица, но во 1991 и 1992 година таа ги пријавувала Хрватите кај српските воени единици и ЈНА.

Таа, исто така, активно учествувала во заплашување, злоупотреба и прогон на Хрватите кои претходно ги пријавувала кај српските сили.

Таа беше осудена во 2004 година, на возраст од 77 години.

Сепак, најголем број пресуди и тековни судења за воени злосторства, во кои се вклучени жени, има во БиХ.

Азра Башиќ, поранешна припадничка на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), беше осудена на 14 години затвор, за злосторства извршени врз српски цивили во Дервента во 1992 година. Таа во БиХ беше екстрадирана од САД, каде што избега веднаш по завршувањето на војната.

За време на војната, Башиќ имала два прекари, „Азра Два ножа“ и „Крвава Азра“, кои ѝ биле дадени поради суровоста на нејзините злосторства. Преживеаните лица кои биле затворени во логорот кој бил под нејзина команда, сведочеа дека Башиќ ги терала да ја лижат крвта на убиените затвореници од воени чизми, да јадат југословенски банкноти, да го бакнуваат хрватското знаме и да ползат по стакло на под.

Според изјавата на еден од сведоците, Башиќ „со ножеви (на затворениците), на грбовите и на челата им врежувала крст или буквата С, ставала сол на нивните рани и ги принудувала да ги лижат, ги удирала по гениталиите и им се заканувала дека ќе бидат обрежани“.

И на други судења на жени, обвинети за воени злосторства, извршени за време на конфликтот во БиХ, можеа да се слушнат сведоштва за бруталност што не може да се опише.

Албина ‘Нина’ Терзиќ, поранешна припадничка на ХВО, беше осудена на три години затвор, бидејќи физички малтретирала српски цивили во логорите во Оџак и ги принудувала на меѓусебни сексуални односи. Еден од сведоците изјави дека Терзиќ го натерала на сексуални односи со ментално болна затвореничка.

Моника Каран-Илиќ, беше осудена на четири години затвор, за тортура и малтретирање на лица од несрпска националност, во 1992 година. Во логорот ја нарекувале „чудовиште со лице на дете“, бидејќи во тоа време имала само 17 години.

Пред судот, преживеаните сведочеа за суровоста на нејзините злосторства, кои вклучувале сипање на киселина на отворени рани, колење на затвореници со стакло од скршени шишиња од пиво и сексуално малтреирање на затвореници.

Марина Грубишиќ-Фејзиќ е уште една жена осудена за воени злосторства во БиХ. Поради злоупотреба на затвореници, босански Срби, во логорот Дретељ, во близина на Чапљина, во 1992 година, беше осудена на пет години затвор, иако таа и денес тврди дека е невина.

„Како се чувствувам како жена, воен злосторник, прашувате? Не се сметам себеси за воен злосторник“, изјави таа за БИРН во затворот во Тузла, во кој ја отслужува својата казна.

„Јас сум некој кој е горд на себеси и сум стоела на оние места на кои мажите не се осмелуваа да зачекорат. Горда сум што се борев за оваа земја, за некој да не ми ја одземе“, додаде таа.

Таа призна дека сведочела на малтретирањето на затворениците во логорот Дретељ, но нагласува дека никогаш не учествувала во нивното тепање.

„Жал ми е за тие луѓе. Не велам дека не страдаа, дури тоа го реков и пред судот кога сведочев. Гледав како ги тепаат и дење и ноќе, но тие не беа во моја надлежност, јас не ги повредив, а не бев во позиција да ги пуштам“, изјави таа.

Одењето во војна „машка работа“?

Војници ја одбележуваат 25-годишнината од формирањето на Армијата на БиХ, во април 2017 | Фото: EПA/Фехим Демир

Овие случаи јасно покажуваат дека жените се повеќе од способни да вршат воени злосторства, иако јавноста не е навикната да ги гледа во таква улога.

Бјелош објаснува дека ова е затоа што војната се сфаќа како „машка работа“.

„Безбедносната политика им е доверена на машките политички лидери, на генерали со пет ѕвездички и на институции за безбедност во кои доминираат мажите. Активната улога на жените во вооружените конфликти е занемарена и е сведена на улога на жртви на родово насилство“, нагласува таа.

Случајот на Плавшиќ покажува дека дури и жените кои биле осудени за воени злосторства и кои имале високи позиции, се третираат различно од мажите во иста ситуација.

„Постои длабока патријархална претпоставката дека, како жена, таа не можела да биде навистина надлежна, а оттаму и одговорна, а особено не можела да биде задолжена за воспоставување на политики кои доведоа до геноцид“, вели Суботиќ.

„Поради начинот на кој жените сѐ уште се перципираат во нашите општества, на Билјана Плавшиќ се гледа како на баба, а не како на архитект на геноцид, кој во голема мера е поттикнат од нејзината сопствена историја на расизам и нетолеранција“, додава таа.

Жените се секако многу почесто жртви отколку извршителки, но судските пресуди, од онаа на Плавшиќ, па наваму, недвосмислено покажуваат дека воените злосторства, не ги извршуваат исклучиво мажите.