Регион

Во Хрватска се одбележува годишнина од самоубиството на Праљак

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ана Владисављевиќ, Загреб

Комеморација на Слободан Праљак во Загреб, во декември 2017 | Фoто: EПA-EФE/Aнтонио Бат

Во Хрватска и во Босна и Херцеговина, се одбележува годишнината од смртта на поранешниот воен функционер на босанските Хрвати, Слободан Праљак, кој испи отров во судницата на Хашкиот трибунал.

Во Хрватска и во БиХ, во четврток и во петок ќе се одржат неколку настани со кои ќе биде одбележана годишнината од смртта на поранешниот хрватски генерал, Слободан Праљак, кој пред една година, додека му ја читаа пресудата со која беше прогласен за виновен за воени злосторства, испи отров во судницата на Хашкиот трибунал.

Повеќето од овие настани ќе бидат одржани во објекти на католичката црква, вклучувајќи ја и премиерата на монодрамата „Јас, Слободан Праљак“, која ќе биде одиграна во манастирот на Херцеговачко францисканската провинција во Загреб.

Автор на оваа монодрама е универзитетскиот професор, писател и колумнист, Слободан Просперов Новак, а ќе ја изведе актерот, Божидар Алиќ. И двајцата се познати по своите конзервативни политички ставови и по изјавата дека Праљак го сметаат за пријател.

Просперов Новак за весникот „Хрватски тједник“ изјави дека претставата е обид да се согледа „длабоката когнитивна драма на еден брилијантен ум, на човекот кој беше сестрано образуван, реализиран во многу области, вистински хомо универзалис, а кој прибегна кон таков чин“.

Алиќ, пак, го опиша Праљак како „хрватски маченик“.

Во петок вечер, во Загреб, ќе се одржи миса за Праљак во црквата Света Мајка Слобода во Загреб.

Предходно во Матица Хрватска ќе биде одржана панел дискусија, која ќе се фокусира на пресудата со која Праљак и пет други политички и воени претставници на босанските Хрвати, беа осудени во ноември 2017 година.

„Неговата (на Праљак) жртва, презир и огорченоста кон Хашкиот трибунал е морална обврска за преиспитување на историските, политичките и правните факти, со цел да се утврди вистината“, се вели во најавата за панел дискусијата.

Меѓу говорниците ќе биде и Мирослав Туѓман, пратеник на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) и син на првиот хрватски претседател, Фрањо Туѓман.

Праљак и пет други воени функционери на самопрогласената хрватска државичка во БиХ, Херцег-Босна, минатата година беа осудени за учество во здружен злосторнички потфат, заедно со Фрањо Туѓман и други високи хрватски функционери, чија цел била прогон на Бошњаците.

Во градот Груде, во Босна и Херцеговина, каде што во војната била формирана Херцег-Босна и силите на босанските Хрвати, Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), во четврток, во чест на Праљак, во католичката црква ќе се одржи миса и молитва.

A во текот на кошаркарскиот натпревар што се одигра во хрватскиот град Задар во понеделникот, меѓу локалниот клуб Задар и Будуќност од Подгорица, навивачката група Торпедо истакнаа транспарент во чест на Праљак.

Беше истакната и фотографија на Праљак, а на крајот на пораката испишана на транспарентот стоеа зборовите: „Генерале, ти благодариме за сè“.

Праљак, воен командант на Главниот штаб на ХВО, испи отров во судницата кога судиите на Хашкиот трибунал му ја потврдуваа казната од 20 години затвор, за воени злосторства во Босна и Херцеговина.

По изрекувањето на казната, Праљак, стоејќи, извика дека не ја признава пресудата и дека тој не е воен злосторник, а потоа испи цијанид од мала чаша. Тој почина во болница два часа подоцна.

Во октомври оваа година, обвинителството во Хаг ја заврши истрагата за неговото самоубиство, но тоа не можеше да утврди како тој дошол до цијанидот што го испи во судницата.

Заедно со Праљак, осудени беа и Јадранко Прлиќ, поранешен премиер на Херцег-Босна, беше осуден на 25 години затвор, додека поранешниот министер за одбрана, Бруно Стојиќ, и поранешниот началник на Главниот штаб на ХВО, Миливој Петковиќ, добија по 20 години затвор.

Поранешниот командант на воената полиција, Валентин Чориќ, беше осуден на 16 години, а поранешниот претседател на комисијата за размена на затвореници, Берислав Пусиќ, на 10 години затвор.

И покрај осудата, Хрватска жалеше по Праљак, а неколку илјади луѓе, вклучително и двајца хрватски министри, неколку пратеници и генерали, присуствуваа на комеморацијата за починатиот генерал на босанските Хрвати во Загреб.