Регион

Косово: Наложено второ обновено судење на обвинетите за трговија со органи

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Блерта Ибердемај, Дие Морина, Приштина

Лутфи Дервиши пред судот во Приштина во април 2013 | Фото: EПA/Валдрин Џемај

Апелацискиот суд во Приштина, наложи да биде одржано второ обновено судење на сопственикот на клиниката Медикус и на неговиот главен анестезиолог, кои во мај беа осудени за незаконски трансплантации на органи, заради продажба на бубрези.

Апелацискиот суд во Приштина, во вторникот донесе одлука за одржување на ново судење на поранешниот сопственик на клиниката Медикус, Лутфи Дервиши, и на главниот анестезиолог, Сокол Хајдини, со што ја укина претходната пресуда, донесена во првата половина на оваа година, со која тие беа осудени за трговија со луѓе и за организиран криминал.

„Апелацискиот суд ја потврди жалбата на одбраната и ја укина првостепената пресуда; случајот оди на повторно судење“, изјави за БИРН, адвокатот на Лутфи Дервиши, Бесник Бериша.

Оваа одлука доаѓа откако Бериша поднесе жалба на пресудата донесена во мај оваа година, наведувајќи дека таа ги крши начелата на правдата, и побара повторно судење.

„Пресудата на првостепениот суд ја карактеризираат суштински повреди на одредбите на кривичната постапка и содржи несовладливи правни недостатоци, така што повторното судење беше и е, единствениот начин и можност за нивно отстранување“, додаде Бериша.

Со пресудата од мај оваа година, Дервиши беше осуден на седум години и шест месеци затвор и парична казна од 8.000 евра, додека Хајдини доби една година затвор.

Клиниката „Медикус“ во Косово носела донатори на бубрези, на кои органите им биле илегално отстранувани и продавани на богати пациенти. Операциите што биле извршени во 2008 година, на клиниката лоцирана во Приштина ѝ донеле парични средства во висина од околу 679.000 евра, заклучи судот.

Синот на Лутфи Дервиши, Арбан Дервиши, е обвинет за истите кривични дела и по него е распишана потерница.

Тие првично беа осудени во 2013 година. Апелацискиот суд на Косово во март 2016 година им ги потврди првостепените пресуди, со кои Лутфи Дервиши и неговиот син беа осудени на осум, а Хајдини на пет години затвор.

Но, Врховниот суд ја поништи оваа пресуда поради процедурални неправилности. Нивното повторно судење започна во јули 2017 година.

Полицијата упадна во клиниката во 2008 година, откако на приштинскиот аеродром беше пронајден турски државјанин, кој беше сериозно болен, чии бубрези биле отстранети.

Сиромашни донатори од Турција, Русија, Молдавија и Казахстан, наводно, биле доведени на клиниката со ветување дека за своите бубрези можат да добијат 15.000 евра.

Осомничен во овој случај е и израелскиот државјанин, Моше Харел. Тој, исто така, е обвинет за учество во трговија со органи на клиниката „Медикус“. Уапсен е во Кипар во јануари оваа година, откако со години по него беше распишана потерница на Интерпол.

Турскиот лекар Јусуф Сонмез, уште еден осомничен во овој случај, и натаму се наоѓа на слобода.

Во 2008 година, истражителите ја затворија клиниката, која нешто подоцна беше продадена.