Регион

Обвинение против поранешен полицаец за напади врз Бошњаци во Бихаќ

Емина Диздаревиќ, Сараево

Судот и Обвинителството на БиХ | Фото: БиХ

Обвинителството на Босна и Херцеговина, поднесе обвинение против Душан Цимеша, со кое го товари дека во 1992 година, во општина Бихаќ, извршил злосторство против човештвото.

Според обвинението што обвинителството го поднесе денеска, Цимеша, во периодот од мај до декември 1992 година, учествувал во здружен злосторнички потфат, со цел од територијата на Бихаќ, етнички да се исчисти бошњачкото цивилно население, преку прогон врз етничка и верска основа.

Во тоа време, според обвинителството, тој бил началник на станицата за јавна безбедност Бихаќ, со седиште во селото Рипач.

Како што е наведено, реализацијата на стратешкиот план вклучувала депортација и присилен трансфер на населението, при што биле вршени убиства, нанесувани телесни повреди и спроведувано затворање.

„Обвинетиот се товари дека раководел и дека самиот учествувал во договарањето, планирањето и реализацијата на нападите врз населените места и врз мнозинското бошњачко население на подрачјето на Љуточка долина и Рипач, при што биле убиени најмалку девет лица, а присилно протерани околу 6.000 цивили – жени, деца и мажи“, соопшти обвинителството.

„По одвојувањето и затворањето на воено способните мажи, следело водење во групи на вкупно 140 затвореници и нивно затворање во логорот во објектот на ‘ИМТ сервис’ во Рипач, каде што биле држани противправно во нехумани услови“, додаде обвинителството.

Обвинението е испратено до Судот на БиХ на потврда.