Истражувањa

Милионскиот лоби десант на ВМРО-ДПМНЕ во САД

БИРН ги претставува трошоците на ВМРО-ДПМНЕ за лобирање во САД, кои за една година надминуваат еден милион долари

За лобирање во САД ВМРО-ДПМНЕ потрошила над еден милион долари за повеќе од една година, од ноември-декември 2015 до јануари 2017, покажуваат документите објавени на страната на Американската агенција за регистрација за странски соработници ФАРА.

Пи-ар и лоби компаниите во САД на секои 6 месеци имаат обврска да ги пријавуваат парите што ги добиваат од странските клиенти, па така е можно и да се изврши увид на сите исплати, но и активности на лобистите за јакнење на имиџот на ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од Америка, европските компании немаат обврска да даваат отчет за своите клиенти, па не е познато дали партијата ангажирала услуги на европски лоби групи и пи-ар компании.

Според американските документи, во ноември 2015, ВМРО-ДПМНЕ преку нејзиниот генерален секретар Емил Димитриев стапува во контакт со три лоби и пи-ар агенции: „Њу партнерс консалтинг“, „Глобал секјурити иновативес“ и „Дашл груп“.

Договорите со трите агенции формално се склучуваат во ист период – ноември-декември 2015 и сите се со различно времетрање. Договорот со „Њу партнерс консалтинг“ се прекинува во јануари 2016, со „Глобал секјурити иновативес“ во јули истата година, а за договорот со „Дашл груп“ нема информации дека е прекинат.

Најмногу исплати се случуваат практично во едно тримесечје, од ноември 2015 до јануари 2016, кога Никола Груевски заминува од позицијата премиер и на негово место доаѓа Емил Димитриев.

Од тоа време датираат промотивните текстови за политиките на владејачката партија во САД, интензивните телефонски разговори и електронска комуникација со претставниците на американската влада, сенатот и конгресот, како и посетата на Вашингтон на Груевски на 11 јануари.

Следниот период на интензивно лобирање се случува пред и по одржувањето на парламентарните избори во декември 2016.

„Дашл груп“ ја организира средбата на Груевски со Бајден

Експертизата на оваа консултантска фирма со која ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште има договор е со широк спектар на економски и на политички прашања. Основана е од страна на поранешниот американски сенатор и лидерот на мнозинството во Сенатот, демократот Том Дашл и компанијата „Бејкер Донелсон“ чијшто основач, пак, е исто така поранешен лидер на мнозинството во Сенатот, републиканецот Хауард Бејкер.

Оттаму се смета дека „Дашл груп“ е фирма која има добри контакти од двете страни на политичкиот спектар во САД.

Првата исплата на „Дашл груп“ од ВМРО-ДПМНЕ датира од 25 јануари 2016, еден месец по потпишувањето на договорот. Во извештајот што „Дашл“ го испраќа до ФАРА се наведува дека од 25 јануари до 31 март наплатиле од партијата 72.667 долари.

Оваа сума се однесува на активности од ноември 2015 до март 2016 и тоа 50-ина мејлови, телефонски разговори, барања за средби и состаноци.

Тука се издвојува електронската комуникација и телефонските повици кон кабинетот на американскиот потпретседател Џо Бајден кои почнуваат уште во ноември со барање средба и на логистиката околу нејзиното одржување.

На 11 јануари, неколку дена пред неговото демисионирање како премиер, Груевски се среќава со Бајден во Вашингтон. На средбата учествува и американскиот амбасадор Џес Бејли со кого „Дашл груп“ исто така воспоставува комуникација која ја пријавува како своја активност.

ВМРО ДПМНЕ ги плаќа и патните трошоци за посета на Македонија на претставник на „Дашл груп“ на први февруари 2016, а следното плаќање е во две транши, на 19 април и на 23 август 2016 кои заедно изнесуваат над 119 илјади долари.

Веќе во мај „Дашл груп“ контактира и се среќава со претставник на комитетот за надворешни односи Бен Пурсер и американскиот сенатор Боб Коркер, а се испраќаат писма и до Хојт Ји и до Викторија Нуланд. Во сите комуникации темата се претстојните избори во Македонија.

На 7 септември 2016 претставници на „Дашл груп“ повторно доаѓаат во Македонија и за патни трошоци им се исплатени 25.490 долари, кои се пријавени во ФАРА. Следниот извештај за активностите и исплатените средства е на износ од 240 илјади долари исплатени во четири месечни транши. Активностите кон почетокот на јануари годинава повторно вклучуваат електронска комуникација со Викторија Нуланд и со вработените во канцеларијата на сенаторот Боб Коркер, кој е шеф на Комитетот за надворешни односи. Повторно тема се изборите во Македонија.

Според достапните документи на „Дашл груп“, од сметката на ВМРО-ДПМНЕ исплатени се вкупно 458.127 американски долари.

„Глобал секјурити иновативес“ организира средба со Ален Бернстин и Пит Сејшн

Средбата на Груевски со Пити Сешн, претседател на Законодавниот комитет на Конгресот | Фото: МИА

Сорaботката на ВМРО ДПМНЕ со лоби фирмата „Глобал секјурити иновативес“ ја чинеше партијата 350 илјади долари. Според достапните документи парите се исплатени во период од 4 месеци, ноември 2015 до февруари 2016 година. Половина од таа сума, 175 илјади долари, ВМРО-ДПМНЕ ја исплаќа во два дена, на 5 и на 6 јануари минатата година, на име на неколку соработници на фирмата.

Станува збор за период кога неколку дена пред 15 јануари, кога според договорот од Пржино се повлекува од функцијата премиер, Груевски престојува во Вашингтон на средба со американскиот потпретседател Џо Бајден. 

„Глобал секјурити иновативес“ како свој ангажман во тој период ги пријавува средбите на Груевски во Вашигтон со Пит Сешн, претседател на Законодавниот комитет на Конгресот и со Ален Берсин, помошник секретар за национална безбедност.

Сешн се смета за еден од највлијателните републикански конгресмени, додека Берсин е потпретседател за Америка на извршниот комитет на Интерпол.

На сите средби Груевски е претставен како премиер на Македонија, иако зад нивното организирање стои американска лоби фирма, платена со пари на партијата.

„Њу партнерс“ работи на медиумска промоција на политиките на ВМРО

Договорот на ВМРО ДПМНЕ вклучува ангажман на „Њу партнер консалтинг“ за пристап до странски новинари за интересите на ВМРО-ДПМНЕ, драфтирање тези, изјави и други написи кои би се дистрибуирале до странскиот печат.

Компанијата во извештаите објавени на ФАРА ги доставува и текстовите и говорите за кои помогнала да бидат пренесени во американскиот печат. Повеќето се соопштенија за печат со изјави на тогашниот премиер Никола Груевски, прилози за неговите активности и говори, како што е неговата средба со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и колумна на Груевски објавена во „Њусвик“.

Во промотивните материјали на „Њу партнерс“ е и текстот насловен како „Напад на слободните медиуми е напад врз сите нас“ на Мајкл Михан во кој се критикува лидерот на тогашната опозиција Зоран Заев заради изјавата дека одредени медиуми му се најголеми политички непријатели. Текстот на Михан потоа е пренесен во голем број провладини медиуми, претставен како „еминентен познавач на медиумската сфера“, а „Д Хил“ како највлијателен весник.

Пропагандниот материјал главно е дистрибуиран во текот на ноември и декември 2015 година, а договорот е прекинат веќе на 20 јануари 2016. За услугите  на „Њу партнерс консалтинг“, ВМРО ДПМНЕ платила вкупно 204.000 долари.

Мико најмалку платен, најпосветен лобист на ВМРО ДПМНЕ

Лобирањето за интересите на партијата ВМРО-ДПМНЕ претходно го  употреби  само еднаш, пред парламентарните избори во 2006, кога и успева да ја земе власта од СДСМ и да ја задржи сѐ до последните избори.

Станува збор за ангажманот на Џејсон Мико кој за потребите на партијата склучува договор со тогашниот генерален секретар Гордана Јанкулоска за консултантски услуги.

Договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Мико е склучен во мај 2006 година за следниве консултантски услуги:

– Преглед на партиската платформа и стратегија вклучително и сите материјали на англиски кои се дистрибуираат на меѓународна публика (како и интернет страницата);

– Пишување договори и писма, особено оние наменети за меѓународна публика;

– Сугестии за стратегија и истражување на политичките противници;

– Помош во комуникацијата со странските медиуми, искористување на сопствените контакти за таа цел;

– Комуникација со политичари и носители на одлуки во Вашингтон.

Џејсон Мико  е почесен конзул на Македонија, редовен колумнист во „Дневник“ и нескриен лобист на интересите на партијата.