Регион

Напуштените „села на духови“ во Косово

Мрачното наследство од конфликтoт

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Последните семејства заминале во Србија кон крајот на јуни 1999 година. Веќе следниот ден, нивните куќи биле запалени.

Дваесет години подоцна, Жаково е во урнатини. Неговите жители, како и во многу други слични „села на духови“ во Косово, никогаш не се вратиле.

„Дури и каменот од куќите им го однесоа. Србите кои живееја тука користеа специјален камен за изградба на своите куќи“, раскажува 72-годишен Албанец, од соседното село Сушица, кој не сакаше да ни го каже своето име.

„Јас не сум видел ниту еден Србин од Жаково, да учествува во злосторства над Албанци. Не можам да кажам дали тие учествувале во такво нешто, на друго место во Косово“, додаде тој.

Напуштените гробишта над селото се прекриени со трева и грмушки. Последниот погреб бил во февруари 1999 година, еден месец пред НАТО да започне со воздушните напади врз југословенските сили, со цел да ги принуди да ја прекинат својата воена кампања во Косово. На едно место може да се види скршен надгробен споменик, на кој натписот, со исклучок на презимето Петковиќ, не може да се прочита.

Во изминатите две децении, обновени се само две оштетени надгробни плочи, една е делумно обновена, а останатите се руинирани. Во еден од гробовите, дури и коските се видливи на површината, поради слегнување на земјата.

Повоено намалување на бројот на население

Србите заминале не само од Жаково, туку и од многу други села во Косово. Многу мал процент од нив, се вратиле во повоените години.

Веднаш по завршувањето на војната, многу Срби биле целени од вооружени групи, а многумина побегнале затоа што се плашеле од одмазднички напади.

Клинт Вилијамсон, американски обвинител, кого Европската унија го назначи за шеф на работната група што ја спроведе истрагата за наводите од извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, во 2014 година изјави дека сознанијата до кои дошла оваа работна група, укажуваат дека во повоениот период, националните малцинства, како Србите, биле намерна цел на одредени елементи на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

„Процесот на прогон вклучувал незаконски убиства, исчезнувања и присилно раселување на лица од нивните домови, како и сквернавење и уништување на цркви и други верски објекти“, нагласи Вилијамсон.

Според податоците на косовското Министерство за заедници и враќање, од 1999 година до денес, се раселени 226.418 лица од Косово.

Силвија Рашковиќ, директор на Канцеларијата за заедници и враќања во источната општина Исток, вели дека процесот на враќање тече, но бавно.

„Од 2002 година, кога првите жители почнаа да се враќаат во своите домови во општината Исток, до денес, имаме 1.295 повратници. Не можеме да кажеме дека процесот на враќање е одржлив. Само 60 лица се вратиле во последните пет години“, информира Рашковиќ.

Таа објаснува дека најголемите пречки за одржливост на процесот на враќање се узурпацијата на имотот, заплашувањето на повратниците, несоодветните документи и проблемите поврзани со наследството.

Во селата Бинач и Белинце, кои, исто така, биле населени со српско население и кои по војната останале речиси празни, во последните години се изградени неколку куќи, но нивните жители морале повторно да заминат, поради неможноста да заработат за живот.

Оние што останаа се стари и осамени

Влајинка Стојиќ, една од ретките жители на селото Макреш. Фото: БИРН

Во источниот дел на Косово, причините поради кои луѓето заминуваат, не се поврзани само со војната и насилството од повоениот период.

Влајинка Стојиќ (82) од селото Макреш, во општина Ново Брдо, вели дека во ова село нема можности за нормален живот.

До 1999 година, во Макреш живееле околу 300 луѓе, додека денес, според оваа старица, нема повеќе од 20.

Нејзината куќа е на врвот на ридот, покрај главниот пат. Таа била сведок на тивкото заминување на жителите од селото. Нивната главна дестинација била Србија или други подрачја во Косово, населени со мнозинско српско население.

Стојиќ посочува дека поради нивното заминување сѐ повеќе е осамена.

„Како поминуваа годините, јас забележував сѐ помалку светла во куќите и помалку чад од оџаците“, ни кажува таа.

„Се случува со денови да не видам ниту еден жител. Повеќето од оние што останаа тука се постари луѓе. Четирите мои деца си заминаа. Се чини дека никој наскоро нема да остане овде“, додаде таа.

Стојиќ нагласува оти животот во ова село некогаш бил добар.

„Моето семејство имаше дуќан овде и многу земја за обработување. Имавме и добиток. Селскиот живот беше прилично добар“, вели таа.

Продавницата што некогаш нејзиното семејство ја поседувало, денес е затворена и служи како остава за тегли со кисели краставички и предмети што не се користат.

„Во минатото имаше многу луѓе со кои можеше да се разговара, и за добри, и за лоши работи. Сега ги поминувам деновите во градината, грижејќи се за кокошките и кучињата“, додава таа.

Во селата како Макреш, каде бројот на населеие е драстично намален, оние што останале се соочуваат со невработеност, ограничен пристап до услуги и лоша инфраструктура и транспортни врски, проблеми што дополнително влијаеле на намалувањето на бројот на население.

„Живеам од пензија од 90 евра (месечно). Но, тешко е да се снајдете за да ги задоволите личните потреби иако градот не е далеку. Ние тука немаме поддршка, ниту некој се грижи за нас. Никој од владата или општината не е дојден тука“, истакнува Стојиќ.

Мала мотивација за враќање

Патот кој поминува низ речиси напуштеното село Макреш. Фото: БИРН.

Сретен Стојиќ (38) работи како чувар во училиштето во Макреш. Тој вели оти кога разговара со постарите жители на селото, очите им се полнат со солзи, секогаш кога зборуваат за претходните времиња.

„Се сеќавам на мојата генерација, имаше повеќе од 100 ученици во училиштето. Сега има само осум“, истакнува тој.

Многу други рурални области од кои луѓето заминале по војната, се борат да преживеат. Ова делумно се должи и на недоволниот економски развој во цела земја.

Според извештајот на УНХЦР за раселените лица од Косово, вкупно 3.236 Срби и 576 Роми, изразиле интерес да се вратат во Косово.

Косово, во 2005 година, формираше Министерството за заедници и враќање, кое се обидуваше да ги охрабри луѓето да останат или да се вратат.

Но, Силвија Рашковиќ предупредува дека инвестициите во процесот на враќање се многу мали – „инвестирани се само 170.000 евра во општината Исток, во последните две години“, потенцира таа.

Сретен Стојиќ вели дека не сака неговото село да умре.

„Но, од друга страна, тешко е да се остане“, додава тој, потенцирајќи: „Депопулацијата продолжува“.