Репортажи

Новите борци со криминалот се заколнаа дека ќе работат одговорно

Се засилуваат со кадар обвинителствата во внатрешноста на државата

Дојдоа од 12 различни градови во земјата. Ги облекоа обвинителските тоги, ги прочитаа свечените изјави, па разговараа со членовите на Советот на јавните обвинители.

Од први јуни ќе гонат криминал во локалните обвинителства. Во првите три години, полесни дела за кои е предвидена казна затвор до пет години.

Осумнаесет јавни обвинители денеска свечено се заколнаа на одговорност во работата.

Пред камерите и фотоапаратите оставија впечаток дека, освен фотографирањето и изјавата не очекувале присуство на медиумите. Прашања уште помалку.

Тивки и срамежливи

Новоизбраните јавни обвинители пред давање заклетва во Советот на јавните обвинители | Фото: БИРН

„Одете во соба 514 и облечете ја тогата“, добија насоки за однесување 18 нови јавни обвинители што утрово дојдоа во Советот на обвинители.

Ги пречекаа црвени папки во кои имаше свечена изјава што требаше да ја прочитаат, одлука за нивниот избор и т.н. персонален лист што требаше да го пополнат.

Десетина минути пред почетокот на првата група обвинители, во салата веќе беа присутни неколкумина.

Меѓу нив беа синот на претседателот на Собранието, Барлет Џафери и сопругата на шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал, Ислам Абази, Албулена.

Тие од четврток ќе бидат обвинители во родните градови, Гостивар и Кичево.

18 нови јавни обвинители се избрани во 12 обвинителства низ внатрешноста | Фото: БИРН

Кратко потоа се појави професионален фотограф, кој ги замоли да симулираат потпишување на изјавите за да го овековечи настанот.

Присутните обвинители дојдени од Битола, Велес, Гостивар, Делчево, Дебар, Прилеп и од други градови внимателно ги слушаа насоките за тоа како да се однесуваат во салата.

На крајот влегоа и членовите на Советот и свеченоста почна и заврши за нецели пет минути.

Во формален манир и без особена лична експресија, обвинителите се поздравија со луѓето што ќе одлучуваат за нивната понатамошна професионална кариера.

Сите во еден глас ги кажаа нивните имиња и презимиња и повторуваа: „Изјавувам и се колнам дека во вршењето на функцијата јавен обвинител ќе го почитувам Уставот на РСМ, законите и меѓународните договори ратификувани согласно со Уставот и дека функцијата ќе ја вршам совесно непристрасно и одговорно…“

„Очекуваме да ја подобрите сликата за правосудството“, им рече претседателот на Советот на обвинители, Антонио Јолевски, честитајќи им го изборот на функцијата. Им порача да ги слушаат повозрасните колеги.

Непријатност од камера

Новоизбраниот јавен обвинител Стевчо Биновски во прва изјава пред медиумите | Фото: БИРН

Новите обвинители, пак, не сакаа да говорат пред камера. Можеше да се забележи како со дошепнување и поглед си го префрлаат очекувањето од еден на друг, бидејќи никој не сакаше да застане пред камера.

„Не очекувавме дека ќе сакате изјави. Нека кажат тие“, ги правдаше претседателот Јолевски.

„Ако има некој храбар…“, можеше да се чуе од некој од членовите на Советот.

„Штом се тука, сите се храбри за да се соочат со јавноста“, се уфрли Јолевски.

Рече дека станува збор за свечен ден и дека најверојатно кандидатите имаат трема и по малку се збунети од природата на самата свеченост.

По неколкуминутна дискусија и потпрашања за тоа што ќе ги прашаат новинарите, двајца од првата група обвинители се „охрабрија“.

Прва „мразот го скрши“ Александра Станковска, која ќе гони криминал во велешкото обвинителство.

Ја прашавме зошто одлучила да биде јавен обвинител.

„Многу причини. Кривичната материја многу ја сакам. Јавните обвинители се заштитници на јавниот интерес. Тие се први повикани во име на јавниот интерес да го гонат криминалот и да ја подобрат ефикасноста на кривично-правниот систем во нашата држава“.

На прашањето дали се намалила мотивацијата за да стане јавен обвинител од денот кога почнала обуката во Академијата за судии и јавни обвинители, таа кратко одговори дека напротив, мотивацијата пораснала.

Задоволна е од обуката и очекува да се соочи со какви било предмети.

Нејзиниот колега, кичевскиот обвинител Емрах Михтароски рече дека од мали нозе имал желба да ја работи правничката професија како обвинител.

„Мотивот е да придонесам, пред сѐ, за унапредување и заштита на правата и слободите на граѓаните…“

Михтароски говореше и како ќе придонесе за да порасне довербата на граѓаните во правосудството, кое е на ниво на статистичка грешка.

„Преку свесно, совесно и непристрасно постапување“.

Истото сценарио се повтори и со втората група обвинители. Почна подоцна од пријавеното, затоа што обвинителите доаѓаа од внатрешноста.

Кога заврши свеченоста, прилепскиот обвинител Стевчо Биновски со треперлив глас говореше дека пред да се запише на Академијата за судии и јавни обвинители долго време работел како стручен соработник.

Тој ќе биде третиот од вкупно тројца обвинители, колку што има во прилепското обвинителство. Биновски ја посочи соработката со новинарите како важна алка, преку која се гради довербата во правосудството, а новинарите му возвратија дека како за првпат добра му била изјавата.

Непополнети обвинителства

Десетмина идни јавни обвинители не конкурираа на огласот | Фото: БИРН

Да се биде обвинител во Скопје е поатрактивно од тоа да се биде обвинител во внатрешноста. Тоа можеше да се види и на сегашниот оглас за јавни обвинители. На пример, во Гевгелиското обвинителство имаше оглас за две обвинителски места, но не се јави никој. Идентично е и во Крива Паланка, каде што нема обвинител.

Тоа де факто значи дека при обучен кадар, обвинителските столчиња во некои обвинителства и натаму се празни

Од последната генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители произлегоа вкупно 28 идни јавни обвинители.

Од нив, само 18 аплицирале на огласот, иако академците од АСЈО се должни да конкурираат на секој јавен оглас за избор на судија или јавен обвинител.

Доколку не се јават на два последователни огласи го губат статусот кандидат и ќе треба на Академијата да ѝ ги компензираат средствата за обука.

Десеттемина што не се јавиле на овој оглас ќе мора да се јават на следниот. Доколку тој биде за обвинителствата во Скопје, тогаш случајно или не, им се исплатило чекањето.