Регион

Пат до правдата или слепа улица?

Новата стратегија на Србија за воени злосторства

Европската комисија неодамна ја критикуваше Србија, поради лошите резултати во гонењето на воените злосторства и поради неуспехот да процесира високи функционери и воени лица.

Во новата петгодишна Национална стратегија за воени злосторства на Србија, која Владата ја усвои овој месец, се објаснува како обвинителите, судиите и другите службеници, имаат намера да тргнат напред, во периодот 2021-2026 година.

Стратегијата опфаќа прашања како што се ефикасноста на постапките, заштитата на жртвите и сведоците, потрагата по лицата исчезнати во војните во 90-тите години, соработката со Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг и со судските властите во другите поранешни југословенски земји.

Новата стратегија признава дека има потреба од поголема ефикасност и прекугранична соработка и ја препознава потребата од спроведување на закони кои би ги криминализирале присилните исчезнувања и би им дале права на семејствата на воените жртви.

Меѓутоа, стратегијата занемарува решавање на некои конкретни прашања, како што е заштитата на обвинетите или осудените за воени злосторства во Босна и Херцеговина, од страна на Србија.

Таа, исто така, не го решава прашањето за одбивањето на Србија да испорача во Хаг двајца политичари обвинети за непочитување на ММКТ, иако соработката со Трибуналот е поставена како посебна цел.

Сепак, стратегијата јасно кажува дека има повеќе од 1.700 нерешени предмети во Обвинителството за воени злосторства (ОВЗ) и дека во претходниот петгодишен период, 2016-2020 година, се поднесени само 34 обвиненија – што сугерира дека многу предмети што се во тек, најверојатно ќе останат непроцесирани поради бавниот напредок.

Подигнување на обвиненија

Влезот во зградата на Вишиот суд и на Обвинителството за воени злосторства на Србија. Фото: БИРН

Во стратегијата, моменталната состојба во однос на гонењето на воените злосторства, се опишува како „задоволителна“, и се додава дека целта е таа да биде на „високо ниво“ до 2026 година.

Според податоците наведени во стратегијата, во периодот 2016-2020, ОВЗ презело вкупно 2.853 случаи, од другите обвинителства и судови во Србија.

„По деталното разгледување и обработка на сите случаи кои беа преземени“, 1.731 останаа во ОВЗ.

Што се однесува до обвиненијата, од 2016 до 2020 година, поднесени се вкупно 34 обвиненија во предмети со кои се опфатени 45 осомничени лица. Меѓутоа, две третини од нив, односно 22 обвиненија, всушност не се предмети формирани од ОВЗ, туку се преземени од судството во БиХ, бидејќи осомничените во тие предмети живеат во Србија.

Во истиот период се изречени 18 првостепени судски пресуди и 23 по жалба.

Вишња Шијачиќ од Фондот за хуманитарно право (ФХП), со седиште во Белград, смета дека поради големиот број предмети, во кои се чека поднесување на обвинение, треба да се воспостават јасни критериуми за одредување на приоритетoт на предметите. Оние на кои сега им се суди, често се осомничени лица од понизок ранг, а не команданти.

„Недостигот на јасни критериуми за одредување на приоритетни предмети, може да доведе до продолжување на практиката на процесирање на ‘помалку проблематичните’ случаи на воени злосторства“, вели Шијачиќ.

Поддршка за жртвите и сведоците

Еден од најголемите проблеми во српските судови е изостанокот на компензација за жртвите на воените злосторства, во кривичната постапка. Иако кривичното право на Србија ја дозволува оваа можност, тоа не се случува во практика.

Тоа значи дека, на пример, жртвите на силување мора да поднесат граѓанска тужба против сторителот, со што ќе започне сосема нов правен процес во кој тие нема да ги имаат истите права како што ги имале во кривичниот предмет.

Шијачиќ посочува дека новата стратегија за периодот 2021-2026, „не носи никакви нови решенија, но продолжува да обрнува внимание на ова прашање преку обезбедување обука за државните обвинители и судии, со воведување на единствен образец за поднесување барања за отштета и преку обезбедување на помош за негово пополнување“.

„Овие активности имаат потенцијал да ја променат сегашната практика (на судовите) да не одлучуваат за барањата за надомест и ФХП очекува ова да се случи во наредниот период“, додава таа.

Утврдување на судбината на исчезнатите лица

Ископувања на локацијата на масовната гробница во Кижевак, во близина на Рашка, јужна Србија. Фото: Марко Рисовиќ.

Целта за 2026 година е „да се намали бројот на исчезнати и загинати луѓе, чии погребни места не се познати“, се наведува во стратегијата.

Тоа, како што велат, може да се постигне со промена на законот за присилни исчезнувања и правата на семејствата на исчезнатите лица.

Сепак, Шијачиќ  забележува дека претходната стратегија за периодот 2016-2020, исто така, предвидувала дека Србија ќе ги исполни своите меѓународни обврски кога станува збор за криминализирање на присилните исчезнувања. Србија долго време ветува и дека ќе го усогласи своето кривично законодавство со одредбите на Меѓународната конвенција за заштита на сите лица од присилно исчезнување.

„Тоа значи дека новата стратегија е само потсетување на старата обврска, која со години не е исполнета“, посочува Шијачиќ.

Друг проблем со исчезнатите лица е тоа што српските државни институции не откриваат никакви информации за активностите за време на војните во 90-тите, на војската, полицијата и на паравоените единици, а како резултат на тоа не се откриваат нови податоци за злосторствата што тие ги извршиле, за бројот на жртви и за локацијата на која се закопани нивните тела.

Прашањето за отворање на воените архиви е дискутирано за време на преговорите за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, кои се водат со посредство на ЕУ, но засега без јасни резултати.

Шијачиќ објаснува и дека новата стратегија нема мерка која директно се однесува на прашањето за отворање на архивите. Но, во акцискиот план на стратегијата има мерка која зборува за обука на вработените во ОВЗ, во српското Министерство за одбрана, во двете безбедносни агенции во земјата и во други институции, кои би им помогнале да го применат новиот Закон за исчезнати лица.

„Бидејќи во овој момент не знаеме што ќе биде дефинирано со Законот за исчезнати лица, ни останува да се надеваме дека овој закон конечно ќе го допре прашањето за „отворање на архивите“, т.е. за консултација со релевантните архиви, што може да придонесе за лоцирање на гробните места или на друг начин да придонесе за расветлување на судбината на луѓето по кои сѐ уште се трага“, нагласува Шијачиќ.

Работата на новиот Закон за исчезнати лица е започната и, според претставници на работната група за изработка на законот, тој би можел да се најде во Собранието до крајот на оваа година. Предлог-законот се уште не е објавен во јавноста.

Спорови со судот на ООН

Во стратегијата се наведува дека соработката со ММКТ „резултирала со олеснување на докажувањето во постапките за воени злосторства и подобрување на знаењата и вештините на судиите и обвинителите во Република Србија“.

Шијачиќ  наведува дека има простор за понатамошно подобрување на соработката со Судот на ООН преку мерките предвидени со стратегијата, но дека „одбивањето да се екстрадираат лицата обвинети за непочитување на судот, се заканува да стане камен на сопнување во таа соработка“.

Имено, ММКТ ги бара членовите на националистичката Српска радикална партија, Вјерица Радета и Петар Јојиќ, бидејќи се обвинети за непочитување на судот поради притисок врз сведоците за време на судењето на нивниот лидер, Воислав Шешељ, во Хаг, но Србија одбива да ги екстрадира.

Претседателот на ММКТ, Кармел Агиус, во средата пре Генералното собрание на ООН изјави дека „за жал, напредокот во случајот за непочитување на судот, против Петар Јојиќ и Вјерица Радета, не ветува толку, колку другите случаи пред Механизмот“.

Тој изјави дека во мај ја пријавил Србија до Советот за безбедност на ООН, за „непочитување на меѓународните обврски за апсење и предавање на обвинетите на Механизмот“.

„Ова е трет пат до Советот да се известува за непочитувањето на Србија, а по повеќе од шест години неактивност од страна на Србија“, рече Агиус.

Проблеми во соработката со соседите

Српската обвинителка за воени злосторства, Снежана Станојковиќ (лево), поранешната главна обвинителка на Босна и Херцеговина, Гордана Тадиќ, и републичката јавна обвинителка на Србија, Загорка Доловац, во Белград, во октомври 2021 година. Фото: tuzilastvorz.org.rs

Кога станува збор за соработката со другите поранешни југословенски држави и земјите ширум светот, Шијачиќ оценува дека во новата стратегија има „клучни проблеми“.

Таа посочува дека стратегијата „идентификува одредени области каде што е потребен дополнителен напор … сепак, се чини дека анализата на моменталната состојба не ја зема предвид реалната состојба во судницата“.

Ова се однесува на проблеми во случаите како што е случајот со генералот на Војската на Република Српска, Новак Ѓукиќ, чиј случај Србија го презеде од БиХ. Постапката во случајот Ѓукиќ во Србија се одложува со години, а судот во Белград сѐ уште не ја потврдил неговата осудителна пресуда.

Дополнителни проблеми се појавија во случаите кога Србија им додели државјанство на босанските Срби, обвинети за воени злосторства во БиХ.

Шијачиќ вели дека стратегијата ја „пропушта можноста да утврди кои лекции се научени од претходните пет години и кои предизвици и проблеми се појавиле“.

„Доколку тоа беше направено, претпоставката е дека со стратегијата ќе се решеше проблемот со преминувањето на границата, со цел да се избегне кривична одговорност, а во насока на изградба на добра практика, насочена кон казнување на воените злосторства“, заклучува таа.