Регион

Србија им забрани на косовските боксери да настапат на светско првенство

Косовските боксери чекаат на српската граница | Фото: Косовски олимписки комитет

Боксерската репрезентација на Косово викендов трипати патувала до српската граница и назад во обид да отпатува на светското првенство во бокс за мажи во Белград, но српските власти одбиле да ги пуштат да влезат во земјата.

На првенството се одржува од 24 октомври до 6 ноември, учествуваат повеќе од 500 натпреварувачи од 88 држави, во 13 категории.

Боксерската федерација на Косово е полноправна членка на Меѓународната боксерска асоцијација АИБА од ноември 2014 година. Во саботата АИБА соопшти дека Косово треба да учествува на првенството и побара косовската делегација „да добие ист третман како и секоја друга“.

„АИБА се залага да обезбеди пријатна средина за секој боксер, бидејќи светот на боксот нема граници. Веруваме дека спортистите мора да добијат фер шанса да се натпреваруваат и да ги покажат своите способности во рингот. Спортот треба да ги обединува луѓето и да биде ослободен од национални политики“, соопшти АИБА, додавајќи дека сето ова стои во нејзиниот договор со српската боксерска федерација како домаќин на првенството.

Меѓународниот олимписки комитет ја обвини АИБА дека не успеала да го обезбеди правото на косовските спортисти да учествуваат на турнирот во Белград.

„Очигледно е дека АИБА не направила добри проценки пред да одлучи првенството да се одржи в Белград, иако МОК постојано ги советува меѓународните федерации да прават такви проценки“, се вели во изјавата од МОК, пренесена од Ројтерс.

Селектророт на косовската репрезентација Бесим Брахими изјавил за телевизијата Клан дека АИБА ги замолила да настапат без национални симболи.

„АИБА ни испрати порака со барање да настапиме без државни симболи, под знамето на АИБА, но ова би било навреда за Косово затоа што сме полноправна членка, како и секоја друга држава“, рекол Брахими.

Блерим Вела, шефот на кабинетот на косовската претседателка Вјоса Османи, рече дека забраната за влез на косовските спортисти е „јасно кршење на универзалните спортски вредности“ и ја повика АИБА „строго да ја казни Србија поради промовирање политички позиции“.

Ова не е прв инцидент во кој спортистите од Косово и од Србија ја плаќаат цената поради спорот меѓу двете земји. Во 2018 на косовска карате екипа не и било дозволено да настапи на европско првенство во Нови Сад. Тоа се случи само неколку дена откако косовските власти и забранија на фудбалската екипа на Црвена Ѕвезда да одигра натпревар во Грачаница, град главно населен со Срби. Исто така, поради страв од инциденти во 2019 година беше откажан јуниорски натпревар во одбојка за жени меѓу Србија и Косово.

Перпарим Исуфи