Истражувањa

По мандатот, Коце Трајановски се подновил со куќа

Трајановски купил фирма без вработени и со мали приходи, во чија сопственост бил објектот

Рекреативците што шетаат на кејот на Вардар, гостите во хотелот „Русија“ и посетителите на паркот на езерата, од неодамна имаат поглед на новата куќа на поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, која се наоѓа на спротивната страна на реката Вардар во населбата Керамидница. Објектот е на самиот кеј на реката Вардар и има поглед кон населбата Аеродром.

Куќата е на два ката и според податоците од Катастар, има вкупна површина од 392 квадратни метри, заедно со подрумските простории и со терасите. Сѐ уште не е вселена и ѝ се доуредуваат внатрешноста и дворот. Трајановски може да се види како ја посетува заедно со луѓето што нудат градежни или занаетчиски услуги, или како работи во дворот.

За оваа нова градба била издадена градежна дозвола на 31 март 2017 година. Историските сателитски снимки на Гугл покажуваат дека темелите почнале да се копаат во јули истата година, а градежните работи стартувале во септември, во последните месеци од мандатот на претходниот градоначалник. Според снимката од 14 јуни 2018 година, таа веќе имала покрив, а Трајановски станал нејзин сопственик на 25 јуни.

Купена преку фирма со годишен промет од 10 денари

Трајановски ја посетува куќата и дава насоки како да се доврши | Фото: БИРН

Коце Трајановски, всушност, не е директен сопственик на куќата, туку таа е во сопственост на фирма што тој ја купил минатата година заедно со својата сопруга. Компанијата се вика „Природна органска храна ДОО“ и на нејзино име се водат три катастарски парцели во Керамидница, со вкупна површина од 1.895 квадрати. На една од парцелите се гради објектот.

Фирмата според податоците од Централниот регистар била основана на 14 јануари 2014 година од дипломирана уметница од Скопје, која тогаш имала 29 години и била регистрирана на нејзината домашна адреса во Општина Карпош. По преземањето минатата година, нејзиното седиште било префрлено на адресата на семејството Трајановски во населбата Автокоманда.

Освен што поседува три парцели во Скопје и што градела куќа на едната од нив, компанијата ниту се среќава во системот за јавни набавки, ниту има интернет-страница, ниту некаде може да се најде информација како потенцијалните купувачи на природна органска храна може да стапат во контакт со неа.

Во целото свое постоење, компанијата имала исклучително ниски приходи, а големи трошоци, покажуваат податоците што БИРН ги обезбеди од Централниот регистар. Така, во првата година од основањето имала годишен промет од 10 денари, а расход од речиси 75 илјади денари. Најголеми приходи имала во 2015 година, 205 илјади денари, но расходите ѝ биле 850 илјади. Вкупно за пет години фирмата заработила 6.119 евра, а имала трошоци од 31.981 евро, што значи наталожила загуби од 25.860 евра.

И покрај постојаното работење со загуба, компанијата изградила куќа од речиси 400 квадрати, а потоа таа куќа преминала во рацете на Трајановски. Но, затоа тековните средства (пари во кеш,резерви, побарувања итн) ѝ се зголемиле од 769 евра во 2017, на речиси 297.000 евра следната година, во која градоначалникот ја презел сопственоста.

За сето тоа време „Природна органска храна“ имала еден вработен, прво уметницата како управителка, а потоа самиот Коце Трајановски, исто така како раководно лице. Месечните плати им изнесувале од 4 до 12 илјади денари.

Маркичката добиена со промена на ДУП-от

Во претходниот детален урбанистички план немало маркичка за куќа на парцелата | Фото: БИРН

На интернет-страницата на Општина Гази Баба сѐ уште може да се најде стариот детален урбанистички план за делот од населбата Керамидница, каде што се наоѓа куќата. Во него на катастарските парцели во сопственост на „Природна органска храна“ не е предвидена никаква градба. Овој план, според информациите од општината, бил донесен во 2006 година.

Како се стигнало до градежната маркичка на овие парцели? Прво, со промената на Генералниот урбанистички план во 2012 година, за време на првиот мандат на Трајановски во Град Скопје, тие биле префрлени од една во друга градска четврт. Тоа е истиот ГУП што се најде во „бомбите“ на СДСМ во 2015 година, според кои, дел од промените се направиле по нарачка на тогашниот премиер Никола Груевски, за да може земјишта што тој наводно ги поседувал во парк-шумата Водно да се најдат во градежна зона.

Четири години откако се сменил ГУП-от, а две години по основањето на фирмата „Природна органска храна“, на 20 јули 2016 година, Советот на Општина Гази Баба го усвоил и деталниот урбанистички план со кој на имотот на фирмата била предвидена изградба на куќа за домување. Компанијата побарала градежна дозвола и ја добила на 31 март 2017 година, а почнала да гради неколку месеци подоцна. Во овој период општината ја раководи градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Трајковски, со мнозинство во Советот од неговата партија.

Трајановски: Парите од продажбата на други имоти

Покрај објектот поминува рекреативната патека на кејот на Вардар | Фото: БИРН

Во телефонски разговор, Коце Трајановски за БИРН потврди дека е сопственик на куќата и дека таму планира да живее со семејството. Како што рече, парите ги обезбедил од продажбата на станот во Автокоманда и на имот од мајката на неговата сопруга.

„Таа уште се гради, но планираме да биде семејна куќа. Станот ни е во процедура за продажба, а и бабата продаде земјиште за да можеме да ја купиме куќата“, рече Трајановски.

Но, зошто за да ја добие куќата презел фирма што направила загуби од речиси 26 илјади евра? Поранешниот градоначалник рече дека не го интересирал бизнисот со природна органска храна, само сакал да го добие објектот.

„Се погоди локацијата. Сопругата е од Керамидница и затоа таму сакаме да се преселиме. Фирмата гради, па кога ќе бидат готови работите, ќе ја префрлиме куќата на наше име. Не планирам да се занимавам со природна органска храна, фирмата нема некои активности“, вели тој.

Трајановски додаде дека не ја познавал поранешната сопственичка пред да ја преземе фирмата и не сакаше да открие за колку пари станал нејзин сопственик. Но, иако фирмата претходно била во сопственост на уметница од Скопје, како контакт-информација за неа Централниот регистар стои имејл-адреса од компанијата „Турбоинженеринг“, која склучувала договори со Град Скопје и со неговите јавни претпријатија и за време на Трајановски, и пред него, и по него.

„Тоа мора да е грешка, таму треба да стои мојата имејл-адреса“, вели Трајановски.

Надвор од антикорупцискиот радар

Од куќата има поглед на Вардар, Паркот на езерата, салата „Јане Сандански“ и на хотелот „Русија“ | Фото: БИРН

Коце Трајановски зад себе има политичка кариера долга 19 години, од 1998, кога првпат стана пратеник во Собранието, преку градоначалничкиот мандат во Општина Гази Баба од 2005 до 2009, сѐ до двата мандати како прв човек на Град Скопје до локалните избори во 2017 година. Бил член и на највисоките партиски тела на ВМРО-ДПМНЕ и важел за влијателна личност во поранешната владејачка партија.

Ова значи дека Трајановски поднесувал анкетни листови за својата имотна состојба уште од 2002 година, кога е воведена оваа обврска, сѐ до пред две години. Во овие документи се пријавени родната куќа во Илинден, семејниот стан, земјишта во руралните средини околу Скопје, мали автомобили, како „сузуки свифт“ или „ровер 214“, акции во МЗТ Опрема и 9.600 евра на сметката на ќерка му. Во 2016 година пријавил дека од продажба на земјиште заработил речиси 109.000 евра (1.486 квадрати по 73,35 евра за квадрат).

На интернет-страниците за огласување има малку објави за продажба на недвижности во Керамидница. На неколкуте огласи што ги има, празни земјишта со градежни маркички, но без ништо изградено, се продаваат по цени од 140 до 150 евра за квадрат. Се очекува вредноста на локацијата да расте, со оглед дека на околу 500 метри подолу од неа покрај Вардар се гради комплексот Космос, а на 500 метри погоре по текот на реката треба да поминува нов мост меѓу Аеродром и Керамидница, како една од главните сообраќајници во градот.

Според анкетните листови, никој од семејството Трајановски не поседувал компании и немал приходи доволно високи за да треба да се пријават во Антикорупциската комисија.

Компанијата „Природна органска храна“ и куќата во Керамидница ги нема во документите затоа што се стекнати по истекот на мандатот. Ако Трајановски некогаш повторно стапи на јавна функција, ќе мора да ги пријави и нив. Во тој случај, Комисијата за спречување на корупцијата одново ќе ги следи промените на неговата имотна состојба, за да утврди дали тие се несразмерни со неговите примања, односно дали стекнал нешто што не би можел да си го дозволи со парите што ги заработува. Но, тоа што го стекнува како приватно лице, не влегува во надлежностите на комисијата.