Регион

Преживеаните во масакрот во косовско Трње, стравуваат дека пресудата на српскиот суд, нема да им донесе правда

Преживеаните на масовно убиство на цивили во косовското село Трње во 1999 година се сеќаваат како ја избегнале смртта и како се соочиле со обвинетите во судница

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ѓуле раскажува оти во нејзината куќа имало 30 лица кога нападот почнал, вклучувајќи ги и оние кои поради борбите, биле раселени од другите села во Косово.

„Почнавме да трчаме кон реката. Но, пред да стигнеме до неа, половина од нас беа убиени”, се сеќава таа. „Прво беше убиена Бехаре (Красниќи). Граната ѝ однесе дел од главата. Таа беше во деветти месец од бременоста.  Беше дојдена од селото Студенчани, за кај нас да најде засолниште”.

Ѓуле видела кога ја убиле нејзината 13-годишна ќерка Бесарта: „Бесарта трчаше позади баба ѝ и тетка ѝ, сите три беа убиени, една по друга”.

Вишиот суд во Белград денеска треба да им ја изрече пресудата на Павле Гавриловиќ и Ранко Козлина, двајца поранешни припадници на ВЈ, кои се обвинети дека, за време на нападот на Трње, учествувале во убиство на 27 косовски Албанци.

Гавриловиќ, како командант на 549 ​​бригада на ВЈ, е обвинет дека го наредил нападот, додека Козлина е обвинет, оти заедно со уште тројца други војници, отворил оган врз 18 цивили, меѓу кои имало жени и деца, од кои 16 биле убени. Другите цивили, според обвинението, биле убиени во неколку други куќи во селото.

И двајцата изјавија дека не се виновни по обвиненијата.

Гаши вели дека Козлина го видела на местото на масакрот, кога српските борци влегле во селото и ги собрале преживеаните кои влегле во реката, во обид да избегаат.

„Имаше околу 20 војници, а останатите беа паравојници, со обоени лица. Имаше и лица што носеа полициски униформи. Меѓу нив беше и Ранко Козлина“, вели таа.

Потоа тие го одвоиле нејзиниот сопруга Шабан и уште тројца други мажи од останатите и ги убиле.

„Моите три деца сведочеа на убиството на нивниот татко, а потоа и на другите, со куршум во главата. Тие беа последната група која беше убиена“, вели таа.

Кога си заминале српските сили, таа видела оти дворот околу нејзината куќа е прекриен со мртви тела. Ги имало и во дворовите на соседните две куќи.

„Во еден двор, ја видов Хабибе (Гаши) со уште три деца, како лежат на земја. Најмалото имаше 14 месеци. Другите беа изгорени“, додава таа.

Бидејќи пукањето продолжило, а нејзината куќа била запалена, таа и другите жени и деца, се сокриле во подрумот.

„Децата ме притискаа и постојано ме прашуваа кога ќе излеземе, бидејќи беше жешко. Пред нас паѓаа запалени греди, но јас не чувствував ништо“, истакна таа.

Цела ноќ таа поминала покрај прозорецот во подрумот, гледајќи ги мртвите тела во дворот. „Првата ноќ светлината на огнот ги осветлуваше нивните лица. Уште една ноќ можев да ја гледам Бесарта, затоа што беше најблиску. Можев да ја видам флеката од крв на нејзината жолта кошула“, вели таа.

„Изгледаше како ужасен сон”

Блиски роднини на Беким Гаши, убиени во масакрот во село Трње. Фото: Беким Гаши

Беким Гаши, за време на нападот, на 25 март 2019 година, од малиот прозорец на таванот на неговата куќа, ја гледал својата мајка и своите четири сестри, како мртви паѓаат на земја, една покрај друга.

Неговата најмлада сестра, Блерта, имала 14 години, а најмладиот што тој ден бил убиен, бил неговиот внук, кој имал само 14 месеци.

Беким, кој во тоа време имал 23 години, вели дека српските војници ги довеле сите цивили пред куќата и пукале во нив.

„Видов дека мајка ми е сѐ уште жива. Таа стана и побара вода. Застана кратко на нозе, а потоа се упати кон бунарот. Потоа падна на земја“, се сеќава тој.

„Малку ми фалеше да се симнам од таванот. Дури и денес, кога ќе се напијам вода, се сеќавам на тој момент“, вели тој.

На таванот останал и попладнето, од каде ги гледал мртвите тела во дворот.

„Изгледаше како ужасен сон. Бев вкочанет“, додава тој. „Сè уште не знам како останав таму цела ноќ, до следното утро. Цело време гранатите на српските сили прелетуваа над мојата глава“.

Следниот ден, чичко му дошол да ги види мртвите. „Српските војници му наредија да ги закопа сите ‘во рок од пет минути’. Како еден човек може да закопа 31 мртов човек за пет минути?“, праша тој.

Беким и неговиот братучед, решиле да почекаат додека да падне ноќта, а потоа, вечерта на 27-ми март, избегале преку реката. „Поминавме покрај мртвите тела и одевме низ реката околу три километри”, нагласува тој.

По еден месец, додека врнеле поројни априлски дождови, Бекам решил да се врати во својата куќа.

„Не можев да останам, свесен дека сите од моето семејство лежат мртви во дворот. Ги гледав српските сили во нашите куќи од врвот на ридот, додека ги отстрануваа мртвите. Па се вратив. Ме забележаа и пукаа кон мене, но куршумите не ме стигнаа“, нагласи тој.

Кога конечно можел да се врати во својата куќа на 12 јуни 1999 година, ја нашол само шамијата на неговата мајка и чевлите на неговата сестра Лулета.

„Само мачката на Блерта беше жива. Единственото нешто што не беше уништено во огнот беше една маса со чаши за ракија“, си спомнува тој, додавајќи дека мисли дека српските борци ги користеле, за да прослават со пијалак, по убиствата.

До денес не се пронајдени посмртните останки на членовите на неговото семејство, додека останките на ќерката на Ѓуле Гаши, на нејзината свекрва и на нејзината јатрва, како и останките на уште три жени, биле пронајдени во гробница кај планинското село Брезина, во близина на границата со Албанија, во јули 1999 година.

„Овчар кој собирал листови од билки за чај, видел нога на детето во близина на една грмушка”, вели таа.

„Тоа беше левата нога на Бесарта, ја препознавме по нејзините чевли. Во џебот на Бехара беше цуцлата на нејзиниот едногодишен син“.

„Пресудата не може да ја избрише болката”

 

Беким Гаши. Фото: БИРН

Беким Гаши, денес службеник во Даночната управа на Косово, во 2008 година, до Обвинителството за воени злосторства (ОВЗ) на Србија, поднел кривична пријава против 549-та бригада на ВЈ, која во времето на масакрот била под команда на Божидар Делиќ.

Во ноември 2013 година, OВЗ поднело обвинение против Павле Гавриловиќ и Рајко Козлина, за воени злосторства извршени над цивили. Делиќ сведочеше на нивното судење во Белград, но никогаш не беше обвинет.

Убиствата во Трње беа и дел од обвиненијата за воени злосторства поднесени пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), против шест поранешни српските функционери – поранешниот српски претседател, Милан Милутиновиќ, заменикот премиер на Југославија, Никола Шаиновиќ, командантите на ВЈ, Небојша Павковиќ и Владимир Лазаревиќ, генералот на ВЈ, Драгољуб Ојданиќ, и српскиот министер за внатрешни работи, Сретен Лукиќ.

Сите тие, освен Милутиновиќ, беа прогласени за виновни за „широка кампања на насилство против албанското цивилно население, што ја спровеле силите под контрола на (југословенските и) српските власти, во текот на која биле извршени убиства, сексуални напади и намерно биле уништени џамии”.

На судењето на Гавриловиќ и Козлина во Белград, Беким Гаши стана главен сведок; еден од ретките Албанци кои некогаш биле повикани да сведочат за воените злосторства во Косово, пред српски суд.

Повторното преживување на масакрот, не било пријатно искуство: „За време на судењето во Белград, бев убиван малку по малку”, вели тој.

Сведочела и Ѓуле Гаши. Таа вели дека соочувањето со обвинетите во судницата, и бил еден од најтешките моменти во животот.

„Нема ништо потешко од средбата со убиецот, а притоа не можете да направите ништо”, нагласува таа.

Таа истакна оти денешната пресуда нема да може да понуди правда за злосторствата на кои таа им сведочела во Трње во март 1999 година.

„Само двајца, дури и ако добијат смртна казна, за нас тоа не е правда”, нагласи таа, додавајќи дека оние што го наредиле нападот и денес се слободни.

И Бекам Гаши смета оти правдата нема да биде задоволена, доколку и командантот на обвинетите, не биде обвинет за овој масакр.

„Во секој случај, каква и да биде пресудата, таа не може да ги врати мртвите или да ја избрише болката и траумата”, заклучи тој.