Регион

Косово: Жртва на воено силување бара правда за сите жртви

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
 and Приштина

Васвије Красниќи Гудман (во средина) во Бабин Мост во неделата. Фото: БИРН

Васвије Красниќи Гудман во неделата упати емотивен апел за правда, во дворот на напуштената куќа во селото Бабин Мост, кое се наоѓа на околу 20 километри северно од Приштина, каде што во 1999 година, кога имала 16 години, била силувана од српски полицајци.

„На ова место исчезнаа соништата од моето детство“, изјави Красниќи Гудман, која минатата година проговори за нејзиното силување за време на војната, со што стана првата жена во Косово, која зборуваше за оваа тема, која сé уште е табу во оваа земја.

Таа истакна дека од мисиите на ООН и ЕУ во Косово, УНМИК и ЕУЛЕКС, побарала да ѝ помогнат да ја постигне правдата, но без успех.

„Правдата ми е ускратена, но јас нема да запрам“, рече таа.

Во 2014 година, Врховниот суд на Косово ги ослободи од сите обвиненија двајцата српски полицајци, кои првично беа обвинети за силување.

Красниќи Гудман истакна дека таа зборува и во името на сите жени, кои биле силувани од српски борци за време на косовската војна.

„Потребна ни е правда, бидејќи нашите души нема да најдат утеха, додека не најдеме правда“, рече таа.

Фериде Рушити, директорка на косовскиот Центар за рехабилитација на жртвите на тортура, ја опиша Красниќи Гудман како „храбра амбасадорка“ на нејзината земја.

„Таа дојде денес заради себе, но и да побара од институциите, да не дозволат овие злосторства да останат неказнети“, рече Рушити.

Специјалната обвинителка на Косово, Дрита Хајдари, во ноември изјави оти повторно отворила истрага за нејзиниот случај.

Најавата на обвинителката дојде по интервјуто што Красниќи Гудман го имаше за јавниот сервис на Косово, РТК, во кое таа изјави оти била силувана двапати, откако српски полицајци ја одвеле од нејзиниот дом, во април 1999 година.

Нема потврдени статистички податоци за бројот на жртви на сексуално насилство извршено од српските сили за време на војната во Косово.

Во извештајот на Амнести Интернешнал објавен во 2017 година се наведува дека само неколку лица, одговорни за силување за време на војната во Косово, досега биле кривично гонети.