Регион

Проруските канали на Телеграм ја промовираат линијата на Кремљ на Балканот

Повеќе од половина милион луѓе следат 23 промосковски канали на комуникациската апликација Телеграм, кои го таргетираат Балканот со наративи на Кремљ

За помалку од една и пол година, телеграм-каналот Словенски Медведи привлече повеќе од 54.000 следбеници, објавувајќи илјадници видеа и десетици илјади фотографии, кои ја застапуваат позицијата на Кремљ за Украина, Балканот и за други прашања.

Каналот Словенски Медведи, основан во јануари 2023 година, една година по почетокот на целосната руска инвазија на Украина, вели дека неговата цел е да биде „гласот на Русија во Србија и гласот на српскиот народ“. Тој е еден од најбрзорастечките проруски канали на Телеграм.

Една од неговите неодамнешни објави беше за собирање пари за војната во Украина. „Можете да ги поддржите момците од 4-та бригада и да учествувате во кампањата за собирање средства за набавка на квадкоптер, како дел од проектот „Сите за победа“ на Народниот фронт“, се вели во објавата.

Членовите на Народниот фронт, политичка коалиција основана од рускиот претседател Владимир Путин, неодамна почнаа со посети на Република Српска и да развиваат блиски врски со градоначалникот на Вишеград, како и да им оддаваат почит на руските доброволци што се бореле во војската на босанските Срби за време на босанската војна 1992-1995 година.

За нешто повеќе од една година, каналот објави речиси 30.000 фотографии и 8.000 видеа. Поврзан е со уште 65 слични канали што ја поддржуваат руската инвазија на Украина и споделуваат содржина на Република Српска, Косово и Русија.

Во последниве месеци, содржината беше вкрстено емитувана од нефункционалниот канал Пермски Медведи, чиј администратор беше Дарио Ристиќ, босански Србин, кој отиде да се бори како волонтер во Украина, како што откри БИРН, следејќи ги неговите објави на социјалните мрежи.

Овие канали се дел од сè попопуларниот тренд на користење на апликацијата Телеграм наместо социјалните мрежи за ширење руски дезинформации и повици за воени регрутации во Западен Балкан, утврди анализа на новинарите на БИРН.

Иако овој феномен не е нов, бројот на канали и зачестеноста на пораките се чини дека се поголеми отколку на почетокот на инвазијата на Украина.

Со помош на аналитички алатки, како што се Telemetrio и TGstat, БИРН ги издвои 23-те најпопуларни канали и ја анализираше нивната содржина и меѓусебната интеракција.

Некои од овие канали се создадени во Русија, објавуваат на руски или ги користат руските државни медиуми како свои главни извори на информации, но сите се насочени кон публиката во Западен Балкан.

Експерти од Србија, каде што беа лансирани најголемиот број канали анализирани од БИРН, објаснија како, без разлика каде се основани, овие канали сакаат да го шират своето влијание во Република Српска, како и во Србија.

Аналитичарот и експерт за дигитална форензика Наташа Килибарда, за БИРН, вели дека Телеграм стана плодна почва за руско влијание на Западен Балкан.

„Интерконекцијата и заемната промоција на каналите е доброкоординирана и оркестрирана, со јасно артикулиран наратив“, додаде Килибарда, објаснувајќи дека објавената содржина е обично проруска, антиукраинска и антизападна, но, исто така, и анти-ЛГБТ и против неодамнешната резолуција на Генералното собрание на ОН за геноцидот во Сребреница.

Повиците за приклучување кон странски воени и паравоени формации се забранети според босанските и српските закони, но значителен број канали на Телеграм продолжуваат да ги охрабруваат доброволците да се борат во Украина.

Каналот на српските борци има 85.000 следбеници

Пост од Телеграм каналот Словенски медведи

Дејан Бериќ е еден од најпознатите српски доброволци во руската армија, а неговиот канал е најпосетуваниот проруски телеграм-канал во Босна, Србија и во Црна Гора.

Бериќ има повеќе од 110.000 следбеници, објавува околу сто објави дневно, а во период од 24 часа, неговата содржина ја гледаат дури 25.000 следбеници.

Неговиот канал цитира други проруски канали, како што се Бунтот е  состојба на духот и Запалка и руските медиуми поддржани од Кремљ, како што е Спутник. Тој е најпопуларниот телеграм-канал на српски јазик.

Најпопуларните објави во последниве недели, кои беа прегледани десетици илјади пати, беа посветени на српско-руското братство, православната религија, глорификацијата на руската инвазија на Украина и критиките на НАТО.

Од 2020 година, Бунтот е состојба на духот шири просрпска и проруска пропаганда. Бројот на нови членови рапидно порасна од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, а денес има повеќе од 85.000 следбеници.

Сите овие канали имаат корист од растот на апликацијата Телеграм, која наскоро треба да стигне до првата милијарда активни корисници.

„Тој мегараст беше постигнат од најмалку три причини: миграција на корисници од Фејсбук, Месинџер и Ватсап и недоверба во главните медиуми, што истовремено е придружено со голем интерес за глобалните општествено-политички теми“, рече Килибарда.

Покрај тоа што е поврзан со Бунтот е состојба на духот, каналот Бериц е поврзан и со каналот Српски весник на Телеграм, покажа анализата на БИРН. Речиси сите канали што ги анализираше БИРН се регистрирани во Србија.

Руската пропаганда е широко распространета во Србија, истакна Софија Тодоровиќ, програмска директорка на Младинската иницијатива за човекови права во Белград, така што содржината на каналите Телеграм не е невообичаена во земјата.

„Во новата српска влада имаме министри што се отворено проруски ориентирани, така што прашањето е до кој степен можеме да ги класифицираме поединечните наративи како пропаганда, кои главно доаѓаат од надвор доколку таквите ставови се претставени и промовирани од луѓе на важни државни функции“, тврди таа.

Раст на „пропагандните инфлуенсери

Каналите на Телеграм за пропаганда стануваат сè поважни за руските власти | Фото: Pexels

Балканист, еден од најпопуларните канали на Телеграм, чиј јазик на комуникација е рускиот, е основан во 2019 година и е посветен на објавите за ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина.

Од февруари 2021 година, Балканист ги прошири своите активности на рускиот пребарувач Јандекс, отвори канал на Јутјуб и создаде официјална веб-страница и поткаст.

Еден од донаторите на каналот, чиј број на следбеници се зголеми за една година, е Платон Беседин, писател познат како проруски пропагандист. Каналот Балканист ја промовира неговата содржина.

Друг канал што го промовира руско-српското единство Злобни орли беше основан неколку дена по почетокот на инвазијата на Украина. Креаторот Александар Лисов, директор на руско-српскиот центар Орли, кој беше регистриран во Санкт Петербург во 2017 година, одржува контакти со претставници на владејачката Српска напредна партија во Србија, објави Радио Слободна Европа.

Каналот Војна во живо, исто така, е со седиште во Србија. Со повеќе од 21.000 следбеници, речиси двојно ја зголеми својата публика во изминатата година. Неговата најпопуларна објава е за руската инвазија на Украина, величајќи ги војниците од Еспанола, руска воена единица, чии членови велат дека се инспирирани од паравоената група „Тигри“, која беше предводена од покојниот српски воен лидер Жељко Ражнатовиќ, алијас Аркан, во текот на војните од 1990-тите во Хрватска и во Босна.

Килибарда вели дека анализата со помош на дигитална форензика покажала дека се воспоставуваат и аналози на руските канали на српски јазик. Еден од нив е Инфодефенс Србија, пропагандниот канал на познатиот руски воен блогер Јуриј Подољак, етнички Украинец осуден на 15 години затвор во отсуство во Украина за ширење руска пропаганда.

„Се покажа дека, на пример, мрежата Инфодефенс Србија работи многу успешно и на српски јазик, ширејќи дигитална пропаганда, дезинформации и манипулативни содржини“, рече Килибарда.

Килибарда вели дека групата е создадена во октомври 2022 година и сега има повеќе од 14.000 членови. Целата нејзина објавена содржина е преведена од руски и украински на српски.

Нејзините најпопуларни објави беа на 15 мај оваа година, кога руската армија спроведе голема воена операција во источна Украина, за која практично имаше објави во живо од местото на настанот.

Каналите на Телеграм за пропаганда стануваат сè поважни за руските власти и за нивните посредници, велат експертите.

Неодамна, рускиот канал на Телеграм Рајбар , кој има повеќе од милион следбеници, се пофали дека одржал обуки во Србија и во Република Српска за водење и вмрежување канали за 500 учесници, меѓу кои студенти, новинари, политичари и академици.

Рајбар е создаден од поранешен вработен во канцеларијата за односи со јавноста во руското Министерство за одбрана, Михаил Звинчук, кој се наоѓа на листите за санкции на Украина и на Европската Унија. Во интервју за РТВИ, во 2022 година, тој рече дека 40 постојани вработени раководат со каналот.

Рајбар објави дека самиот Звинчук одржал затворени тренинзи за тоа како да се користи Телеграм и да ги избегнува Икс, Фејсбук и Инстаграм. Во објавата додаде дека Рајбар избрал десет ветувачки проекти за развој и организирал нови тренинзи во живо.

Според Килибарда, каналите на Телеграм сега претставуваат голема операција за дигитално влијание.

„Администраторите на каналите Телеграм буквално станаа инфлуенсери за пропаганда и за воени активности“, рече таа.