Анализи

Првото делче од Империја пред обвинение

Од незаконски поврат на ДДВ, воени униформи и офшори до Империја

„Хилдебранс ДООЕЛ“, „Наска“ и „Текс-текс“. Овие три фирми постоеле пред 17 години. Во 2021 година не значат ништо. Но, од нивните деловни односи тогаш, во 2018 година почнале да `ртат корените за предметот на СЈО, „Империја“.

Нив обвинителството ги лоцира во тоа што државата враќала ДДВ врз основа на фиктивни фактури.

Тоа се првите сомневања поради кои пред повеќе од една и пол декада, семејството Камчеви и останатите се соочиле со истрага. Под бројот КО-1134/04, Обвинителството работело предмет за предизвикување лажен стечај и фалсификување службена исправа.

За тоа да се случи, полицијата претходно ги пријавила Орце Камчев, неговата мајка Ратка и сестрата Христина, како и три други лица, дека меѓу април 2002 до март 2003 година, како основачи, управители и потписници на сметката на „Орка холдинг“, со намера да избегнат плаќање данок на додадена вредност и да обезбедат поврат на ДДВ го оштетиле буџетот.

Во пријавата пишува дека пријавените „привидно продавале стока и имот, префрлале пари од сметка на сметка, отстапиле имот без надоместок и предизвикале стечај на фирмите“.

Истражната судијка ги сослушала Камчев и останатите во 2004 година. На записникот стои дека Камчев и неговата мајка се бранеле со молчење. Биле средноимотни со примања до 35 илјади денари.

Но, сослушувањето во судот случајно или не, се случило без присуство на јавната обвинителка, што било законска пречка во постапувањето.

Медиумите тогаш почнаа да објавуваат дека станува збор за даночна пирамида со педесетина фирми и дека државата им отвора војна на олигарсите.

Камчеви, пак, се бранеа дека станува збор за политичка хајка. На крај за овој предмет немаше ниту обвинение, ниту пресуда, туку затворање на случајот.

Две години подоцна, во јавноста се појави аферата со 90 илјади воени униформи, во која повторно се јавува името на Камчев. Управата за јавни приходи го пријави бидејќи како извршен директор на „Орка холдинг“, наследничка на кавадаречката фирма „Хоор АД“, го оштетил државниот буџет со незаконски поврат на ДДВ од пет милиони евра.

Тоа, според Обвинителството, се меѓу првите дејства, со кои, парите биле пуштени во оптек. Предметот е за испорака на воени униформи со американската фирма „Глобал Фајннс Груп“ од Њу Касл, која, исто така, била во сопствеништво на Камчев.

Предметот во Обвинителството за гонење организиран криминал завршил со изјава за откажување од кривично гонење поради немање докази.

Кон сето ова се надоврзуваат и дејствија за купувањето на плацот зад Рамстор од 2007 година. Тогашната влада го претстави купувачот на земјиштето како „странски инвеститор“ преку компанијата „ХЛK МК ЛЛП“, односно „Резидор хотел груп“. Но, во јавноста, бргу се откри дека фирмата е регистрирана неколку недели пред јавното наддавање за земјиштето и уште поиндикативно дека таа фирма е во врска со „Орка холдинг“, преку британска фирма со која „Орка“ има долгогодишна соработка.

Според наодите на Обвинителството, овие настани се првиот период на „Империја“, кој датира од далечната 2002 година. Веќе оттогаш почнале да се јавуваат првите оф-шори во приказната, а во нив со дејствија биле вклучени Камчев и неговиот покоен татко Илија, основачот на текстилниот магнат „Орка“.

Многу пред јавноста да чуе за офшорите, чии крајни сопственици се македонски олигарси, во кривичната пријава од 2004 година се споменува фирмата „РСПСА“ од Лугано, како и фирми од САД, преку кои понатаму биле префрлани и испумпувани пари.

Потврда за ова се деталите од решенијата за пуштање на слобода на Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, кои Врховниот суд ги објави во 2018 година.

Офшорите на Империјата

Најмалку петнаесетина офшори биле под лупа на истражителите | Фото: БИРН

Во продолжението, односно во вториот, понов и посложен дел од истрагата, се намножуваат 15-тина офшор-компании од Белизе, Панама, Сејшели, Британските Девствени Острови, Кипар, Лугано, кои отвораат и затвораат фирми во Македонија.

На пример, основачи на фирмата „Аџибадем Систина“ се „Хоспитал менаџмент груп“ од САД и „Груп оф хоспиталс Корп“ од Панама. Основачи на фирмите „Мала Богородица ДООЕЛ“ се „Центоком“ и „Глобал фајнанс Груп“ од САД. Со нив, со години се прави купопродажба на удели, купување имот, различни други трансфери…

Зад фамозната „Ексико“, на која СЈО ѝ влезе во трага, стојат три фирми од САД и Швајцарија („Делта инвестмент“, „Калвус“ и „Т&M инвестмент“).

Зад еден од првите офшори, „Делта инвестмент“, според наодите на СЈО, стои таткото на Камчев.

Империјата продолжува да расте, па како настани под лупа во истрагата влегуваат и продажбата на Графички центар при МПМ, обидот за преземање на „Фершпед“, случајот со хотелот „Мериот“…

Истражителите на СЈО тргнале да ги поврзуваат точките, односно да утврдат како фирмите со само неколку години работа, свртеле милиони евра и купувале огромни имоти.

Освен овие, за името на Камчев како своевидна секундарна биографија се врзуваат и други спорни епизоди за кои пишуваа медиумите. Една од нив е дека пазарната инспекција открила 40.000 евра неевидентирана стока во магацините на „Орка холдинг“.

Во написите од 2005 стои и дека името на Камчев, кого „Форбс“ го прогласи за еден од најбогатите Македонци, се поврзуваше со купување атрактивно земјиште во строгиот центар на Скопје.

Трите притвори на Камчев

Камчев првпат во затворски притвор влезе во 2005 | Фото: БИРН

Уапсен Орце Камчев. Овој наслов не е од последното апсење на Камчев за случајот со купопродажбата на спорните плацови на Водно, туку од 22 декември 2005 година. Тогаш за првпат Камчев влезе во затворски притвор.

Првиот пат, полицијата не можеше да го најде, па за него беше распишана потерница. Се шпекулираше дека бил во Бугарија или во Грција. На крајот самиот се пријави и влезе во притвор, но не седеше долго. Приближно 12 часа. Излезе со гаранција од 60 илјади евра.

Вториот пат, Камчев беше притворен по 13 години од тој настан, односно во 2018 година за предметот на СЈО, „Империја“. Но, и тогаш не седеше долго. Излезе бргу по начелното мислење на Врховниот суд, со кое СЈО беше прогласено неовластен тужител во постапката.

Понуди и една од највисоките гаранции на Балканот за да излезе од притвор од над 14 милиони евра.

Третото и последно апсење за случајот „Плацови на Водно“ се случи на 14 март, кога Камчев по дојава од агентите на Агенцијата за национална безбедност, беше изведен пред судија и доби 30-дневен притвор.

Денови пред обвинение

Поглед од парцелите на Водно | Фото: БИРН

Од една до десет години затвор им се заканува на осомничените во аферата „Плацови на Водно“, ако бидат обвинети и правосилно осудени. Меѓу нив е и Камчев.

Извори од Обвинителството за БИРН потврдија дека денови ги делат од завршување на истражната постапка и покренување обвинение, кое Сашо Мијалков и Орце Камчев ќе го дочекаат од затворски притвор.

Плацовите на Водно беше дел од „Империја“, но обвинителите ја извадиле оттаму и ја процесираат како посебен случај. Станува збор за атрактивни плацови на Водно, за кои има сомнежи дека ги купувал Груевски со пари од партиски донации за сума од 1,3 милиони евра.

Истрагата за случајот „Империја“, пак, е отворена пред повеќе од две години. Заглавена е кај вештачењето, кое се очекува да одговори на сложените финансиски и сметководствени прашања поврзани со енормната документација во случајот.

Вештите лица за случајот „Империја“ имаат полни раце работа. Извори од истрагата потврдуваат дека станува збор за околу 100 илјади документи.

Од Обвинителството за БИРН велат дека само за предметот со продажбата на „ЗИК Пелагонија“ ќе требаат три обвинителства поради многубројните трансакции.

Проценетата штета во „Империја“, барем онаму до каде што стигнало СЈО, се мери во десетици милиони евра.

Адвокатите на осомничените отворено говорат дека отфрлените кривични пријави за Камчеви и соработниците врз база на кои СЈО ја почна „Империја“, немаат правна основа и се извадени од „нафталин“. Сепак, со бомбите и посебните истражни мерки, истражителите велат дека собрале нови докази, кои треба да го потврдат случајот.