Вести

Само ослободување на Кежаровски е прифатливо за новинарите

Нема рокови за Апелацискиот суд да се изјасни по жалбата на Кежаровски, иако, според информациите од судот, голема е веројатноста тоа да се случи в петок

Ставот на апелациските судии по жалбата на Кежаровски веќе е изграден | Фото: Архива на БИРН

Ставот на апелациските судии по жалбата на Кежаровски веќе е изграден | Фото: Архива на БИРН

Нема рокови во кои Апелацискиот суд во Скопје треба да одлучува во однос на жалбите по првостепената пресуда со која новинарот Томислав Кежаровски беше осуден на 4,5 години затвор.

Оттаму, неизвесно останува кога апелациските судии ќе одлучуваат за судбината на предметот „Ликвидација“, иако, според информациите од судот, голема е веројатноста тоа да се случи до крајот на неделава, со оглед на тоа што ставот на петтемина судии веќе бил изграден.

„Пресуда сè уште не е донесена. Ќе бидете навремено известени“, ни изјавија од скопскиот Апелациски суд.

Второстепениот суд треба да одлучи дали ќе ја укине затворска казна на која беше осуден Кежаровски и ќе го врати целиот предмет на повторно одлучување, дали ќе ја потврди првостепената пресудата, или пак, ќе донесе нова пресуда.

За Иницијативниот одбор за поддршка на Кежаровски, секоја пресуда, освен ослободителна, би била неприфатлива.

„Сметаме дека единствена опција е ослободителна пресуда. Новинарот е осуден на затворска казна за напишан текст во кој се тврди дека открил идентитет на заштитен сведок. Како прво, тоа не е точно, бидејќи тој не го открил идентитетот. А како второ, самиот тој сведок призна дека бил наместен, што автоматски значи дека не постои дело“, вели новинарот Зоран Димитровски, член на Иницијативниот одбор.

„Доколку судот реши да го врати предметот или да ја ублажи казната, тоа би било правна одлука за да се покрие политичкото гонење на еден новинар.“

Единствена прифатлива опција е ослободителна пресуда за Кежаровски, велат од Иницијативниот одбор | Фото: Архива на БИРН

Единствена прифатлива опција е ослободителна пресуда за Кежаровски, велат од Иницијативниот одбор | Фото: Архива на БИРН

о 2013 година, кривичниот суд во Скопје го осуди Кежаровски на 4,5 години затвор. Тој помина 6 месеци во истражниот затвор во Шуто Оризари, а лани од октомври е во домашен притвор. Тој се жалеше на пресудата, а жалбата веќе месец и половина се наоѓа во Апелацискиот суд.

Процесот против новинарот предизвика реакции од меѓународни организации и новинарски здруженија, а се појавува како црна точка во сите извештаи за медиумските слободи во Македонија.