Вести

Се бараат нови антикорупционери

Собранието распиша оглас за новиот состав на ДКСК

На седми ноември, точно три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот состав на Државната комисијата за спречување корупција во Службен весник е објавен огласот за избор на претседател и нови членови. Мандатот на актуелниот состав е до седми февруари 2024 година и ова беше последниот законски рок.

Огласот го распишува собранието кое и ги бира членовите, а критериумите се идентични како и во 2019 година, кога беше избран овој состав. Од кандидатите се бара да се македонски државјани, да имаат завршено Правен факултет или образование од областа на политичките, комуниколошките или економските науки.

Во однос на професионалните критериуми треба да имаат најмалку десет години искуство од кои осум во областа борба против корупција, добро управување и владеење на право, ако се кандидираат за претседател и две години помалку ако сакаат да бидат членови.

Антикорупционери не може да бидат ниту оние кои во последните десет години биле пратеници, членови на влада, донатори на политички партии или пак вршеле партиски функции. На огласот не можат да се пријават и тие што досега биле членови или претседатели на комисијата, што значи дека таа ќе добие комплетно нов состав. 

Она што е специфично за Државната комисија за спречување корупција е и начинот на кој се бираат членовите и претседателот. Со законот од 2019 година процедурата е различна од вообичаените партиски препукувања во собраниската Комисија за избори и именувања која го бира составот на ваквите тела.

Интервјуата на кандидатите се емитуваат јавно на собранискиот канал, а нив ги прашуваат и претставници на здруженијата на новинари, на други здруженија и фондации, од Македонската академија на науки, Народниот правобранител и Интеруниверзитетската конференција. И за нивните претставници сега е отворен огласот кој исто како и за антикорупционерите трае десет дена. Претставници на граѓанскиот сектор има и во комисијата која ја врши селекцијата и го има последниот збор.

Минатиот пат се пријавија 80 кандидати за членови на комисијата, но на 22 не им беа прифатени кандидатурите поради неисполнување на критериумите. ДКСК има седум членови.

Во извештаите на Европската комисија овој состав на комисијата се оценува како проактивен во спречувањето на корупцијата и во отворањето на нови предмети.