„We Are The Champions“, „We Will Rock You“… Мелодии од британскиот рок-бенд „Queen“ до доцна во ноќта одекнуваа од канцеларијата на независните „Шанса за центар“, на неколку стотина метри од зурлите и тапаните, кои татнеа од белата палата на ВМРО-ДПМНЕ.
Пред затворањето на гласачките места, десетина активисти и пријатели на иницијативата го раззеленуваа просторот со цвеќе, а тука беа маичките, плакатите и „зелените“ весници што ги дистрибуираа пред изборите…
Впрочем тоа беше и единствената „скромна иконографија“ на независните во Центар. Без бина, скапи дисплеи и говорници. Но, и без сакоа и вратоврски.
Да не беа излепените стакла со бројот на кандидатската листа „83“ и плакатот „Шанса за Центар“, случаен минувач веројатно ќе помислеше дека мало друштво прославува убав повод.
Медиуми, освен БИРН, немаше. Наспроти „медиумскиот електрицитет“ што искреше од двете најголеми партии, во катчето на „Шанса за Центар“ цела ноќ беше спонтано: се собираа активисти, поддржувачки и пријатели на иницијативата.
Како што завршуваа еден по еден, почнаа да пристигнуваат и набљудувачите.
„Давате ли вие нешто за пиење“, ќе се чуеше од некој што насмеан влегува во изборниот „штаб“.
Ќе добиеја и „шанса“ за пијалак и закуска.
Информатичарите Маја и Александар посветено работеа на паралелен интерен систем, идентичен како државниот на ДИК, така што од минута во минута во реално време ги внесуваа податоците и ги правеа калкулациите за бројот на освоени мандати.
„Побргу стигнуваат кај нас резултатите, отколку во ДИК“, ненаметливо констатираа некои од присутните.
Додека се чекаа нови бројки, архитекти, инженери и професори разговараа за детални урбанистички планови во општината, за решенија за сообраќајот во центар…
„Трети сме“, повремено среќниот глас на носителката на листата, Јана Белчева, ќе ја надгласаше гитарата на вокалистот на бендот, Брајан Меј, очекувајќи ги и следните резултати и надевајќи се на уште еден, четврти мандат.
„Имаме пола гласови од ВМРО“, ќе дошепнеше друг задоволен од исходот.
Мртвата трка за советот на Општина Центар таа вечер де факто се водеше меѓу нив и Левица. Ги радуваше и секое изборно место, каде што при броењето имаа повеќе гласови од некоја од големите партии.
Околу 22 часот веќе беше извесно дека обезбедиле тројца советници во советот.
Следуваа честитки и „фемили фото“, а одвреме-навреме можеше да се улови по некој залутан прашален поглед на случајните минувачи.
Бргу стана јасно дека „срцето на Скопје“ – Центар, општината што своевремено беше знак на пркосот и политичкиот непокор добива тројца независни советници.
Во 23-члениот совет на Центар влегоа носителката на листата Јана Белчева, архитектката Дивна Пенчиќ и новинарот Јане Димески.
„Доволно е да ги раздрмаме малку“, ќе се чуеше од некој агол во просторијата, со тон на дозирана еуфорија.
Политичкиот подем на независните
Ако големите партии пред изборите договараа да скројат законски повисок праг за собирање потписи за учество на кандидати за локалните избори, кој не помина во Собранието, по резултатите, независните покажаа дека, не само што имаат поддржувачи, туку некаде ќе бидат и одлучувачки фактор.
Иако навидум малубројни, тројцата советници на „Шанса за Центар“, ќе го имаат одлучувачкиот глас во Советот, судејќи по досегашните резултати. Таму, освен големите коалиции СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, место за тројца советници обезбеди и Левица.
Гласот на независните ќе биде пресуден, бидејќи освоија точно онолку мандати без кои, во постизборните калкулации, тешко би се донесувале идните одлуки во општинскиот совет.
Идентичен епилог имаше и Чучер-Сандево, каде што, според веб-страницата на ДИК, четири граѓански иницијативи освоија вкупно над 30 проценти од гласовите во советите. Нивниот број допрва ќе биде познат.
Исходот за градоначалник на Карпош ќе се знае ноќта на 31 октомври, кога е закажан вториот круг од гласањето. Но, независно од тоа кој ќе застане на чело на општината, независните за Карпош, веќе споделија дека сметаат на две од 23 места во општинскиот совет.
Пробивот на независните советници го има и во внатрешноста.
И битолчаните од иницијативата „Поинаку“ влегуваат со тројца советници во 31-члениот совет.
Со по еден претставник во три општини, Ново село, Босилово и Струмица, влегуваат од независните листи на „Стига Е! – фронт против рудникот и загадувачите на животната средина“.
Со двајца советници, независната група „Подобро за Тетово“, исто така, влегува во Советот на Општина Тетово.
На овие локални избори учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини.
Претседателот на ДИК, веќе соопшти дека двајца советници од иницијативата „Зелен хуман град“, влегуваат во 45-члениот совет на Град Скопје, Драгана Велковска и Горјан Јовановски.
На оваа листа се и други градови. како Радовиш, каде што граѓанската иницијатива предводена од Александра Трајанова-Илиев е четврта според бројот на освоени мандати во општинскиот совет, или Охрид, каде што тројцата носители на граѓански листи заедно имаат над 12 проценти од гласовите.
Според пресметките на ДИК, независните советнички листи вкупно на територија на целата држава освоиле над 56.000 гласови.
Тоа значи дека по ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, според вкупниот број освоени гласови, независните се на четврто место.
Независните се очекува да бидат политички будни и да „им ја матат водата“ на големите коалиции, особено таму каде што ниедна голема партија ќе нема доволно мандати за чисто мнозинство.
Од ДИК, за БИРН, соопштија дека тече периодот за приговори, па не се возможни дефинитивни резултати, но досега вкупниот број независни советници низ општините надминува шеесет.