Вести

„Скопски пазар“ втор најголем акционер во „Македонија турист“

Акциите се купени на јавна берзанска аукција

„Скопски пазар“, во кој мнозински сопственици се ЗСФ-КОМ на Фатмир Етеми и Современ дом на Ацо Дудлоски купи над 44.000 акции во „Македонија турист“. Акциите се продадени минатата недела, на јавна берзанска аукција, по принципот „сè или ништo“. Со ова последно тргување, „Скопски пазар“, според бројот на акциите, сериозно се доближи до долгогодишниот доминантен акционер Доне Таневски.

Сега фирмата, која менаџира 12 зелени пазари во главниот град, има 17,30 отсто од акциите во хотелското друштво. Пред нив е само Таневски со 17,72 удел.

Поголемите промени во сопственичката структура на „Македонија турист“ почнаа во септември. Откако со години, со акционерското друштво раководеа Доне Таневски и Соња Бибановска, сега, освен „Скопски пазар“, влегоа и „МГ Фешн“ на Зоран Антиќ, „Чезакомерц“ на Симеон Павлов и „Промедика“, која има тројца сопственици.

Хотелското друштво има вкупно десет објекти, од кои повеќето хотели. „Холидеј ин“, „Бест вестерн“, „Белви“ и „Карпош“, кои работат, и затворените – „Бристол“, „Јадран“, „Водно“ и „Сарај“. Компанијата ја поседува и познатата „Пивница“ во центарот на Скопје, неколку станови на атрактивни локации, како и поранешната зграда на „Интеримпекс“, во близина на домот „Даре Џамбаз“.

БИРН пишуваше дека двајца од новите акционери, Антиќ и Етеми, во минатото се соочиле со проблеми со Конзерваторскиот центар, кога се работело за градби до значајни објекти, какви што се Арапска куќа и „Бристол“.

Етеми имаше проблеми со конзерваторското мислење за неговата градба до Воена болница, која е прогласена за зграда-споменик. За реновирањето на зградата на Поштенска банка, која е залепена до Арапска куќа, прекор од Конзерваторскиот центар Скопје доби фирмата „МГ Фешн“ на Зоран Антиќ.