Регион

Србија: БИА поднесе кривична пријава за шпионажа против две лица

Фото: Интернет страница на БИА

 

Безбедносната информативна агенција (БИА) на Србија,

соопшти дека поднела кривична пријава за шпионажа, против поранешниот хрватски полициски инспектор и претседател на Националниот синдикат на полицијата на Хрватска, Никола Кајкиќ, и поранешниот припадник на српското Министерство за внатрешни работи, Дражен Летиќ.

Во соопштеието, БИА потенцира дека на Летиќ, „по налог на припадници на хрватските безбедносни и политички структури“, му било плаќано за собирање на информации, што може да се користат против Србија.

„Летиќ е дел од мрежата соработници… која, во изминатите години, ја создаде и ја користеше Никола Кајкиќ … за собирање на разузнавачки информации, за врбување на лица од овие простори за соработка со хрватското судство, како и за доаѓање до документација што би била злоупотребена за надворешно-политички цели, заради дискредитирање на Србија“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека Кајкиќ собирал информации за истраги во Србија, за злосторства против Хрвати за време на војната 1991-1995, особено во случаите што веќе биле завршени со правосилна пресуда на посебното одделение за воени злосторства на белградскиот окружен суд.

Кајкиќ, како полициски инспектор во одделот за тероризам и екстремно насилство при полициската Вуковарско-сремска управа, ги истражувал егзекуциите извршени од страна на српските сили, на фармата Овчара, по падот на Вуковар во 1991 година. Но, во јули минатата година, тој беше суспендиран од полицијата.

Полицијата тогаш соопшти дека Кајкиќ е осомничен дека поднел лажно досие во кривична истрага за злосторство.

Кајкиќ, кој, исто така, е на чело на организација на бранители, изјави оти е суспендиран, затоа што е „упорен во истрагата на воените злосторства“.