Регион

Србија: Тужбите против НАТО „најверојатно нема да имаат успех”

Експерти од Србија се надеваат дека ќе докажат оти осиромашениот ураниум, кој се користел за време на бомбардирањето на НАТО врз Југославија, во 1999 година, е причина за труење на населението и дека ќе успеат, врз основа на тоа, да понесат неколку тужби. Сепак, правните аналитичари веруваат оти тие немаат речиси никакви шанси за успех.

Маја Живановиќ, Белград

Зградата на центарот Ушќе во Белград, беше бомбардирана на 21 април 1999 година. Фото: Википедија.

Тим на локални и странски адвокати и лекари, имаат намера да подготват тужба против земјите членки на НАТО, поради употребата на осиромашен ураниум за време на бомбардирањето на Југославија во 1999 година. Сепак, правни експерти се сомневаат дека овие случаи се успеат, објави во недела Радио Телевизија Србија, РТС.

Адвокатите и лекарите ќе се обидат да го поврзат зголемениот број на тешки заболувања со употребата на осиромашен ураниум, а целта е да се поднесат тужби против 19 членки на НАТО. Тие веруваат дека ова може да се постигне во рок од две години.

„Сега статистиката зборува за огромен процент. За епидемија на малигни заболувања, аномалии кај потомството “, вели за РТС, Радомир Ковачевиќ, токсиколог на Институтот за трудова медицина и радиолошка заштита и член на тимот.

НАТО, на 24 март 1999 година, без поддршка на Советот за безбедност на ООН, започна со воздушни напади на Србија, откако тогашниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ, одби да потпише мировен договор, со кој би се прекинале насилствата на српските сили над косовските Албанци кои бараа независност.

Милошевиќ, 78 дена подоцна го потпиша договорот, кој го олесни влегувањето на НАТО во Косово. За време на нападот, според информациите на Хјуман рајтс воч, убиени се околу 500 цивили.

Европски невладини организации сметаат дека употребата на осиромашен ураниум е причина за смртта на десетици италијански војници кои учествуваа во мисијата во Косово.

Милан Антонијевиќ од Комитетот на правници за човекови права, за РТС изјави дека на новата иницијатива ѝ дава мали шанси.

„Зборуваме, од една страна, за неможноста да се утврди директната вина, а од друга страна, веруваме дека ситуацијата ќе биде многу слична на онаа во Германија”, вели Антонијевиќ.

Во воздушните напади на НАТО, на седиштето на РТС во Белград, на 23-ти април 1999 година, загинаа 16 лица, но како што објави РТС, судовите во Германија и во Италија се прогласија за ненедлежни за овие случаи, како и за оние кои се однесуваат на други жртвите од бомбардирањето на НАТО.

Истрага беше иницирана и од Хашкиот трибунал, но подоцна беше решено овој случај да се отфрли.

„Искуството покажува дека наместо правни средства, мора да се бориме со политички … За тие, сега, по волку години, да ѝ помогнат на нашата земја да санира одредени последици. Тука зборуваме за деминирањето, и за финансиската помош и за инвестициите, и мислам дека ова е патот по кој, во овој случај, треба да се оди“, рече Антонијевиќ.

Адвокатот, Тома Фила, кој го бранеше Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, за РТС изјави дека Владата треба да формира комисија која ќе ги документира сите последици од бомбардирањето на НАТО.

Комисијата треба да го оцени „сето она што ни го направија, да го опише, документира со фотографии, истории на болести, а потоа да се чека на соодветниот момент, тоа да се искористи“, вели Фила.