Анализи

Три години проверуваме дали тројца судии несразмерно се збогатиле

Бавно оди испитувањето на имотот на судиите

Речиси три години откако ДКСК побара институциите да им го проверат имотот на пет судии и членовите на нивните семејства, постапката заврши само за двајца.

Антикорупционерите се со врзани раце и останува и натаму да чекаат што ќе им достави Финансиската полиција за другите тројца.

За проверка „остануваат“ уште поранешните судии Јово Вангеловски и Владимир Панчевски и управната судијка Светлана Костова.

Постапката заврши за Софија Лаличиќ и за Александра Зафировска.

Во одговор до БИРН од ДКСК појаснија дека направиле сѐ што било во нивна надлежност.

„Во постапката за проверка на податоците од анкетните листови, Државната комисија обезбеди податоци од Министерството за внатрешни работи, Централниот депозитар за хартии од вредност, Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за јавни приходи, Централниот регистар на РСМ, како и од банките во Република Северна Македонија“, велат оттаму.

Освен тоа, побарале од Финансиската полиција да направи проверки, и тоа уште во декември 2019. Штом ќе завршат со проверките, за тоа треба да ја известат ДКСК, но тоа уште не се случило и за нив постапките уште се отворени.

Како почна сѐ?

Постапките беа отворени пред скоро три години | Фото: БИРН

Беше крајот на март 2019, кога тазе избраниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата на прес соопшти дека  ќе ја проверува имотната состојба на пет судии што се најдоа во Извештајот на Стејт департментот за човековите права за Македонија за 2018 година.

За нив пишуваше дека биле во спрега со извршната власт.

Софка Пејовска-Дојчиновска од ДКСК, најавувајќи ја проверката, тогаш рече: „Верувам дека доколку нешто откриеме, секогаш е ова сомнеж најнапред, сигурно и ние ќе бидеме дел од мозаикот да се затвори една слика, или сликите за овие луѓе, кои, како што знаеме, ги следи една карактеристика дека се дел од несакани однесувања во минатите години“. 

Оттогаш до денес поминаа речиси три години. Епилогот засега е во духот на Шекспировата комедија „Многу врева за ништо“.

Тројца од судиите, чиј имот се најде под рендген на државата, повеќе не се судии, откако по многу години одолжување на постапките ги разреши Судскиот совет.

Без дамка во имотот

1,5 до 2,5 години траела проверката на две судијки | Фото: БИРН

Од средината на 2021, судијката Софија Лаличиќ повеќе не е  судијка. Врховниот суд оцени дека одлуката за нејзиното разрешување е исправна.

Додека таа тврдеше дека разрешувањето е спротивно на законот и срам за правосудството, во октомври 2020 ДКСК за неа ја запре постапката.

Во решението пишува: „ДКСК по разгледувањето на прибавените податоци од наведените институции, како и по разгледувањето на известувањето од Управата за финансиската полиција, констатира дека нема елементи за нејзино натамошно надлежно постапување во конкретниот случај“.

Покрај нејзиниот имот, бил испитуван и имотот на нејзината мајка, но немало ништо спорно или сомнително.

Идентична формулација има и за судијката Александра Зафировска, за која СЈО во специјалниот извештај за судиите констатира дека е меѓу тие што „широко ја отвориле вратата за влез на политиката во правосудството“ и чиј глас се слушна во бомбите како договара избор на судии.

Под лупа на државните институции, освен неа, биле нејзиниот сопруг, како и децата.

Во периодот додека била членка на Судскиот совет, не се стекнала со несразмерно зголемен имот и нема сомненија дека сторила кривично дело.

Постапките за нив од отворањето до завршувањето траеле една и пол, односно две и пол години.

Бавни „филтри“ за проверка

Симболични прекршочни | Фото-скрин: Решение на ДКСК

Антикорупционерите веднаш откако почнаа со работа, со јавни изјави кажуваа дека немаат ниту услови, ниту софтвер, а ниту доволно кадар за работат непречено.

Прашањето кое уште во 2019 година јавно се поставуваше е ако за тројца судии се чека толку долго време за испитување на несразмерно збогатување, колку ли време ќе се чека за проверка на нешто помалку од 500 судии, колку што има во Македонија.

Ова не важи само за судиите, туку и за сите функционери.

Изјави на тогашниот премиер Зоран Заев, шефот на финансинската полиција Арафат Муареми и судијката Добрила Кацарска

Во меѓувреме, во базата на ДКСК може да се најдат решенија за прекршочни платни налози за судии што не доставиле анкетни листови, што им е законска обврска.

Некои, пак, ја „искористиле“ бавноста на системот и, иако не поднеле анкетен лист, им застарел прекршокот.

Глобите се симболични – од 200 до 400 евра. Ако глобата се плати во рок од 8 дена, тогаш тој износ е преполовен.