Анализи

ТРТ Балкан и Блумберг Адрија: Нови регионални медиумски „играчи“

Македонија – дел од новиот регионален медиумски мозаик

Додека дома локалните медиуми полека згаснуваат, оние што остануваат бараат помош од државата, а националните бараат чаре за повеќе пари, регионалните стапуваат на медиумската сцена.

Потврда за тоа е што на балканскиот медиумски пејзаж се „исцртуваат“ два нови и значајни медиумски „играчи“, кои припаѓаат на гиганти во медиумскиот бизнис и имаат амбициозни планови за развој во иднина.

Она што ги спојува е регионот.

Овој медиумски интерес за регионот не почна сега. Меѓу првите што го најавија овој „наплив“ на странски медиуми на Балканот беа Би-би-си, кој повторно ја врати редакцијата на српски јазик и Еуроњуз на албански.

Сега и Македонија е дел од плановите на големите медиумски играчи.

Пред две недели почна со работа платформата ТРТ Балкан, која функционира како експозитура на Турската радио и телевизија, а само што стартува и Блумберг Адрија, која  се пласира како лиценциран продукт на aмериканскиот медиумски бренд Блумберг.

ТРТ Балкан претставен како „свеж воздух од татковината“

Содржините ќе бидат објавувани на пет јазици | Илустрација: Јутјуб-канал на ТРТ Балкан

„ТРТ е глас и здив на свеж воздух од татковината“, рече пред присутните гости, домаќинот на церемонијата за отворање на платформата, генералниот директор на ТРТ, Мехмет Захид Собачи во Куршумли-ан.

„ТРТ Балкан е уште еден чекор кон тоа да се слушне гласот на Туркије низ целиот свет.“

Собачи, во обраќањето, кажа и дека „ТРТ Балкан ќе ја поддржи борбата против дезинформациите, кои се најголемиот проблем со кој медиумите денес се соочуваат и во регионот ќе го претставува новинарството на ТРТ, кое трага по вистината и настојува бргу да ја соопшти“.

Целта им е да допрат до пулика од 30 милиони | Илустрација: Јутјуб-канал на ТРТ Балкан

Мотото под кое работат е „Биди информиран“, а редакциите на ТРТ Балкан се во Скопје и во Сараево.

Го прашавме генералниот менаџер кој е и главен уредник на ТРТ Балкан, Аднан Идриз, според каков концепт ќе функционира платформата.

Во одговорите до БИРН, Идриз вели дека ТРТ со своите претставништва во Скопје и во Сараево, а ТРТ Балкан со уреднички центар во Скопје и со редакција во Сараево, ќе работи „со цел да обезбеди објективни и веродостојни вести на својата публика од целиот Балкан и пошироко“.

Тој рече дека платформата ќе покрива политички, социјални, културни и економски теми од светот, Турција и од Балканот.

Не добивме конкретни одговори колку вкупно луѓе ќе брои тимот и на кој начин планираат да се борат со дезинформациите.

На свеченото отворање во Скопје му претходеше објавата на националната турска радио и телевизија ТРТ, која на 15 јуни ја пушти новата дигитална платформа.

Содржините ќе бидат објавувани на македонски, албански, босански, хрватски и на српски јазик. Целта, како што наведуваат самите, е да допрат до речиси 30 милиони гледачи на Балканот и во дијаспората.

Најавуваат „иновативен и професионален новинарски пристап“, а ќе ги користат социјалните мрежи Инстаграм, Фејсбук, Твитер, Јутјуб и Тикток.

Турската радио и телевизија веќе емитува содржини на пет меѓународни канали: „TRT World“, „TRT Arabi“, „TRT Russian“, „TRT Deutsch“ и „TRT Francais“, а ТРТ Балкан влегува во групата со другите канали на турската радио и телевизија, како што се „ТРТ Хабер“, „ТРТ Аваз“ и „ТРТ Турк“.

„Врвна и доверлива дестинација за вести во Југоисточна Европа“

Прва мултимедијална деловна платформа во Југоисточна Европа | Илустрација: Блумберг Адрија

Беше ноември 2021 кога македонските агрегатори за вести речиси воедначено објавија дека српски Телеком влегува на македонскиот пазар со телефонски услуги и со сателитска телевизија.

Генералниот директор на компанијата „Телеком Србија“, Владимир Лучиќ, тогаш за српските медиуми изјави дека подружницата во Северна Македонија ќе се вика Мтел, како што се викаат експозитурите во Црна Гора и во БиХ.

Според податоците од Централниот регистар, македонската подружница е основана во јули минатата година.

Речиси паралелно со влезот на „Телеком Србија“ во Македонија, српските медиуми објавија дека Bloomberg Media и Mtel Swiss, компании во мнозинска сопственост на српскиот Телеком, во 2022 година го лансираат проектот „Блумберг Адрија“ на Балканот.

Во првите месеци од годинава, на македонските портали се појавија и првите интервјуа и тоа со Само Ошина, првиот човек на Блумберг Адрија, како и со Весна Дамјаниќ, главната и одговорна уредничка на Блумберг Адрија ТВ.

Тогаш впрочем и беше најавена прес-конференција за проектот, но беше одложена за вториот квартал од годината. Некаде во мај се појави и видеоспот со потесниот круг луѓе што ќе работат на проектот.

Сега тимот е пред фотофиниш за почеток на проектот.

Главната уредничка на Блумберг Адрија, Весна Дамјаниќ, за БИРН, вели дека станува збор за првата мултимедијална деловна платформа во Југоисточна Европа, со пет уредувачки центри во Белград, Љубљана, Сараево, Скопје и во Загреб.

Освен дигиталната платформа, односно онлајн-содржините, ќе има и телевизија и печатени изданија.

Судејќи според одговорите на Дамјаниќ, концептот им е амбициозен.

Весна Дамјaниќ | Фото: Лична архива

„Ќе емитуваме единствена програма за сите пет земји. Тоа значи дека економските теми од секоја од земјите ќе бидат застапени на ист начин, во комбинација со регионални и светски теми. Програмата ќе почнува во седум часот наутро и ќе трае до доцна навечер, а ќе се базира на интервјуа и анализи. Ќе се стремиме на гледачите да им понудиме во просек по 15 интервјуа дневно“.

Истата амбициозност се огледува и во бројноста на тимот.

Вкупниот тим ќе брои 130 новинари, аналитичари и финансиски и други експерти.

„Сите работиме како едно за да создадеме содржини за телевизија, печатени и дигитални медиуми, мобилни мрежи и социјални медиуми што може да се споделуваат низ регионот на Југоисточна Европа и пошироко“.

„Тимот на Северна Македонија ќе го сочинуваат 15-тина професионалци. Клучни лица на телевизискиот дел од тимот се новинарките Наташа Стојановска, Ирена Каревска и Ивана Вучкова, која ќе се појавува како водителка-продуцент.

На локалниот тим за дигиталната платформа одговорна уредничка ќе биде новинарката Александра Томиќ и нејзините колеги Владимир Николоски, Наташа Хаџиспиркоска-Стефанова и Игор Смилевски.

Суштината на Блумберг е да се биде „примарно дигитален“.

„Новинскиот портал Блумберг Адриа ќе има длабинска содржина достапна со месечна претплата. Таа ќе вклучува примерок од печатеното списание, кое нема да се продава на киосци или други продажни места, туку ќе биде доставувано до претплатниците“.

Дамјаниќ вели дека политиката и економијата се лице и опачина на истата паричка, со политичките прашања ќе се занимаваат до степен до кој тие влијаат врз економските текови.