Истражувањa

Твитер „балоните“ сѐ уште не влијаат врз изборните резултати

Партиите вложија сериозно внимание и енергија на твитер-кампањи

Кога на избори би се добивале гласови соодветно на бројот на твитови и споделувања, тогаш коалицијата на СДСМ би требало да има барем двапати повеќе мандати од ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, тоа што се случува во меурите на социјалните мрежи, секогаш нема свој одраз во реалниот живот.

На изборите што се одржаа на 15 јули, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса освои 46 пратенички мандати, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ доби 44 мандати, ДУИ освои 15 пратенички места, коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива 12 мандати и Левица доби две пратенички места, а ДПА едно.

Сите други партии, вклучително и Твоја, не влегоа во новиот состав на законодавниот дом.

Специфично на овие парламентарни избори беше што поради ограничувањата за собирите и предизборните митинзи поради пандемијата со корона вирусот и избегнувањето големи групни собири, партиите, очекувано, добар дел од рекламните и пропагандни содржини ги приспособија и ги пренесоа на социјалните мрежи, во надеж дека така полесно ќе дојдат до електоратот.

Компаративната анализа на „твитањето“ на кандидатите и на политичките партии за време на предизборната кампања, како и употребата на хаштазите што за БИРН ја спроведе Фондацијата SHARE, покажува неколку карактеристики.

Кампањата на Твитер доминантно ја водеа двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ повлекувајќи со себе лавини од реакции.

Следејќи ги нивните официјални хаштази, односно клучни зборови, како сдсмовските „Можеме“ и „Се грижи“ и вмровските „Одбери обнова“ и „Исправи се Македонијо“, може да се заклучи дека првите – доминираа.

Loading...

Loading…

Клучните зборови (хаштази) на коалицијата „Можеме“ може да се идентификуваат во повеќе од 5.600 твитови, а оние, пак, на ВМРО-ДПМНЕ, односно коалицијата „Обнова“ во двојно помалку, односно нешто повеќе од 2.100 твитови.

Стратегијата на двете партии беше слична. Лидерите, носителите на изборните листи и високите партиски функционери ја постираат официјалната предизборна пропаганда, а за „валканата работа“ се задолжени други, симпатизерите. Дел од нив твитаат од своите лични профили, на кои се наведени имиња и презимиња, но поголемиот дел се само псевдоними и многу често само –  кодови.

Оттаму и претпоставката дека станува збор за автоматизирани профили, односно –  „ботови“.

Ако се анализира, пак, мрежата на корисниците што ги постирале твитовите, на тие што ги споделувале и на тие што ги коментирале, може да се забележи една покрупна разлика. Во таборот на СДСМ, постирањето на пораките било порамномерно од повеќе корисници. Предничи лидерот Зоран Заев, но голема комуникација има и од профилите на носителите на кандидатските листи и високи функционери, како Никола Димитров, Мила Царовска, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, министерот за здравство, Венко Филипче, дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, и потпретседателот на СДСМ, Коста Петров.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, комуникацијата во поголемиот дел се одвива преку налогот на лидерот Христијан Мицкоски и од официјалниот партиски профил. Споредено со овие два профила, твитер-активноста на другите високи партиски функционери е занемарлива.

Исто така, ако се земе предвид и мрежата на „засилувачи“ на пораките, односно твитер-профили што ги споделуваат твитовите на едната партија, а во коментари ги напаѓаат функционерите на другата страна, може да се дојде до сличен заклучок.

Мрежата од такви профили на страната на СДСМ е поширока додека онаа на ВМРО-ДПМНЕ повеќе е концентрирана околу помал број профили. Додека во мрежата на СДСМ не може да се забележи еден истакнат „борец“ , во мрежата на ВМРО-ДПМНЕ, како една од централните точки од која оди комуникацијата кон профилите на СДСМ (генерално негативна), е профилот „Фортификација“.

Според анализата, на тој твитер-профил отпаѓаат над 200 твита со содржина поврзана за изборната кампања, од кои добар дел се насочени кон официјални профили од СДСМ или профили што се јавуваат како поддржувачи на таа партија.

Loading...

Loading…

Ако, пак, се гледа севкупно, најактивни профили за време на изборната кампања биле официјалниот на СДСМ, кој твитал дури 470 пати, а по него е профилот Саша_Трајковски, за кој од пораките може да се заклучи дека е симпатизер на СДСМ. Заев е на осмо место, со над 150 твитови, во кои се наведени некои од клучните зборови (хаштази) на кампањата. Според тој критериум, Мицкоски го нема на листата на топ 25 најактивни твитер-корисници. 

Ако се анализира твитер-налогот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, може да се забележи дека од него, само во првиот ден од кампањата на 24 јуни, е постирано дури 15 пати, а до крајот на кампањата има над 250 постови. Содржината на твитовите, во поголемиот дел, се однесува на ветувањата и изборната програма, но околу десет проценти се резервирани и за негативна кампања кон неговиот главен политички противник, опозициската партија и нејзиниот лидер.

Loading...

Loading…


Во просек еднаш на ден, од профилот на Заев е постиран текст, фотографија или видео со кое се напаѓа ВМРО-ДПМНЕ, а можноста за нивно доаѓање на власт се споредува со „враќање на режимот“, што алудира на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ предводено од , како што го нарекуваат „азилантот“, Никола Груевски.

Кај Мицкоски, пак, интересно е што твитер-кампањата почна еден ден пред официјалниот почеток, односно на 23 јуни. Тој до изборниот молк твита над 150 пати, и слично како и кај неговиот противник, содржината на неговите постови во најголем дел се однесува на ветувањата и на изборната програма.

Меѓутоа, и тој, околу 13 проценти од пораките ги резервира за противникот.

Притоа најчесто тие твитови се однесуваат на „криминалот“ на Заев, претежно поврзан со случајот „Рекет“ и уништувањето на националното достоинство, поврзано со договорите со соседните земји Грција и Бугарија. 

Нашата анализа покажува дека девет од десетте најсподелувани твитови воопшто во изборната кампања се на функционери на СДСМ. На прво место е пораката на Заев, на која е закачен предизборен видеоспот на владејачката партија со текст „Покажавме дека можеме да го избереме патот по кој денес чекориме, обединети со најдобрите и најнапредните. #Можеме уште повеќе и уште подобро!“.

Овој твит во кампањата е споделен 120 пати, а добил вкупно 298 позитивни реакции и дури 52 коментари.

Коментарите се доминантно негативни, напаѓачки и во голем дел навредливи, а само пет од нив се твитани од профили на кои се наведени името и презимето на корисниците. Сите други се со псевдоними или кодови.

Десеттиот на листата на најсподелувани твитови е на опозицијата, односно на Мицкоски. Тој во него го споделува предизборниот спот со аеродромот, придружен со пораката: „Остани овде и бори се за Македонија! Доаѓа #Oбнова #ИсправиСеМакедонијо“.

За време на кампањата, тој е споделен 88 пати, добил вкупно 252 позитивни реакции и 57 коментари.

Коментарите, исто како и во случајот со најсподелуваниот твит на Заев, во најголем дел се негативни, напаѓачки и дел навредливи, и само десетина од тие што ги постирале имаат профили на кои се наведени име и презиме. Меѓу тие што му одговараат на Мицкоски има и грчки твитерџии, меѓу кои е и профилот „Палас Атена“.

Станува збор за твитер-налог што беше предмет на едно претходно истражување на БИРН околу твитер-војната меѓу националистите од Македонија и Грција за Преспанскиот договор. Истражувањето покажа дека овој твитер-профил беше еден од главните околу кој се организираше пропагандата и нападите од грчката страна.

И сега, за време на кампањата, грчките профили му се закануваа на Мицкоски дека нема да престанат со своите активности додека од официјалното име на државата целосно не го снема зборот Македонија.

Во вкупната предизборна комуникација на Твитер, најспоменувано е името на Зоран Заев. Неговиот профил е спомнат дури во 3.100 постови, а тој на Мицкоски во 1.580 постови. На трето место, според бројот на спомнувања, е Мила Царовска со 1.190 пати, а сите други политичари се под илјада.

Притоа, профилите на кандидатката за претседателка на државата од ВМРО-ДПМНЕ, а носителка на листата на изборната едница 1 на овие избори, професорката Гордана Силјановска-Давкова и на актуелниот министер за здравство, Венко Филипче, се најдолу на листата на најспоменувани корисници, со нешто над 110 пати.

Сепак, според резултатите од изборите, се чини дека двете партии не го добија она за што официјално се залагаа во твитер-кампањите и за што нивните твитер-војници жестоко се бореа.

Заев не доби комотно мнозинство за новата влада со која полесно ќе „може“ да направи промени, а на Мицкоски не му поверуваа дека е време некој како него да ги „исправа кичмите“ на граѓаните.

Loading...

Loading…