Истражувањa

Убиството на Ивановиќ: Игра на меѓусебно обвинување на Косово и Србија

Од убиството на Оливер Ивановиќ, поминаа две години. Приштина и Белград разменуваа меѓусебни обвиненија, а заднината на убиството остана непозната

Поминаа две години од убиството на српскиот политичар од Косово, Оливер Ивановиќ, кој беше ликвидиран пред седиштето на неговата партија во Митровица. Шест лица се обвинети за учество во неговото убиство.

Сепак, сè уште има бројни непознаници, вклучително и името на човекот што пукал во него, а лошите односи помеѓу Белград и Приштина, дополнително го комплицираат трагањето по вистината за тоа кој стои зад убиството и кој бил мотивот.

Фактот дека Србија не ја признава својата поранешна провинција Косово како независна држава, дополнително ја отежна истрагата.

Во исто време, официјални лица од обете држави го користат ова убиство за да добијат поени во нивните секојдневни политички препукувања. Тие понекогаш даваат неконтролирани и неосновани наводи за убиството на 64-годишниот политичар.

Главните осомничени на слобода

 

Во декември 2019 година, по двогодишна истрага, Специјалното обвинителство на Косово обвини шест лица, дека биле членови или дека организирале криминална група, како и за злоупотреба на службената должност, помагање во убиството, поседување нелегално оружје, откривање на службени тајни и за злоупотреба на докази.

Судскиот процес против осомничените требаше да започне истиот месец пред специјалниот оддел на Основниот суд во Приштина, но истиот беше одложен за февруари.

Во обвинението се наведува оти лидери на криминалната група одговорна за убиството на Ивановиќ, се Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ, истакнати косовски Срби.

Ниту еден од нив не е приведен. Во ноември 2018 година, припадниците на косовската специјална полиција, РОСУ, извршија рација во куќата на потпретседателот на Српска листа, Милан Радоичиќ, во обид да го уапсат.

Тие не успеаја во тоа, оти таму не го најдоа. Всушност, тој веќе беше на сигурно, во Србија.

Непосредно пред својата смрт, Ивановиќ го именува Радоичиќ, сопственик на фирма за камиони и собирач на долгови, како клучна фигура и вистински носител на власта во северно Косово. Партијата на Ивановиќ, Слобода, демократија, правда, е политички противник на Српска листа на Радоичиќ.

Ивановиќ неколкупати пред убиството изјави дека нему и на неговото семејство му се закануваат. Тој побара помош од Косово, Србија и од други земји, но повратен одговор не доби.

Кратко време по рацијата во куќата на Радоичиќ, косовскиот претседател, Хашим Тачи, го прогласи за осомничен за убиството на Ивановиќ и додаде оти таа одговорност сега лежи на Белград, кој треба да преземе акција и да го уапси.

„Главните осомничени се во Белград. Затоа, Белград треба да биде кооперативен. Не да ги штити, туку да ги предаде и да помогне правдата да биде задоволена. Тоа е одговорност на Србија“, рече Тачи.

Радоичиќ негираше дека сторил нешто незаконско, а официјалните претставници на Српската напредна партија го бранеа од обвиненијата.

„Милан Радоичиќ не е цвеќе за мирисање, но тој на никаков начин не учествувал во ликвидацијата на Оливер Ивановиќ, лидер на граѓанската иницијатива, Слобода, демократија, правда“, рече српскиот претседател, Александар Вучиќ, на прес-конференција во јули 2019 година.

„Ова е потврдено преку различни методи на проверка и следење на Радоичиќ“, додаде тој.

Во писмената изјава до јавноста, Милан Радоичиќ порача дека нема да им се предаде на косовските власти, но дека „на покана на неговата земја, Србија“, тој секогаш е подготвен да одговори и да даде исказ.

По ова, во ноември 2019 година, тој беше сослушан од страна на Министерството за внатрешни работи во Белград.

Потоа, директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, за медиумите изјави дека Радоичиќ бил подложен на полиграфско тестирање, кое покажало дека тој не е виновен за убиството, иако со закон полиграфските тестови пред српските судови не можат да се користат како доказ.

Ѓуриќ истакна дека косовските власти се обиделе да го убијат Радоичиќ за време на рацијата.

„Длабоко сум убеден дека тие сакаа да го тргнат Радоичиќ и да беше ликвидиран – тие засекогаш ќе го обвинуваа за тоа убиство“, нагласи Ѓуриќ.

Во јули 2019 година, косовскиот специјален обвинител им изјави на локалните медиуми дека по Радоичиќ е издадена меѓународна потерница, иако неговото име не било на веб-страницата на Интерпол на барани лица.

За тоа време, Радоичиќ и Веселиновиќ, контроверзен бизнисмен, кој исто така има врски со српската владејачка партија, беа на слобода во Србија.

Веселиновиќ, како и убиениот Ивановиќ, беше „чувар на мостот“ на реката Ибар во Митровица, кој го дели градот на српски и на албански дел, а беше и обвинет за етничко насилство.

На Ивановиќ, пред да биде убиен, во обновена постапка му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци во Митровица, за време на војната во Косово во 1999 година. Во повоениот период, тој стана умерен политичар, кој се залагаше за соживот на српското малцинство и албанското мнозинство во Косово, но и гласен критичар на Владата во Белград.

Вучиќ посочи оти „сторителот“ е Албанец од Косово

Вучиќ во јули 2019 година објави дека има алтернативен осомничен во случајот Ивановиќ – Флорим Ејупи

Вучиќ во јули 2019 година објави дека има алтернативен осомничен во случајот Ивановиќ – Флорим Ејупи.

„Сметаме дека го имаме името на убиецот, на сторителот, Албанците го немаат, тие немаат поим. Ние се обидуваме да дојдеме до материјални докази и потоа ќе излеземе во јавноста“, рече Вучиќ.

Ејупи претходно беше ослободен од обвинението дека активирал бомба поставена во автобус, кој превезувал српски патници преку границата со Косово, во февруари 2001 година, при што беа убиени 12 лица.

Вучиќ спомна уште едно, наводно, осомничено лице. Тој праша што правел Неџмедин Зекај, косовски Албанец, за кој рече дека го сменил името во Лирим Зекај, во северно Косово во времето на убиството на Ивановиќ.

Сепак, Белград не објави докази што ги поврзуваат Ејупи или Зекај со убиството на Ивановиќ.

По изјавата на Вучиќ за Ејупи, во јавноста се јави и Ѓуриќ. Тој посочи дека косовскиот министер за правда, Абелард Тахири, ги штити убијците.

Ѓуриќ ги опиша косовските власти како „коегзекутори“ на Ивановиќ, додека Тахири ги обвини српските власти за злоупотреба на нивната моќ и за „обид да го сокријат злосторството“.

Друга работа околу која се судрија Белград и Приштина беше улогата на еден од обвинетите, на полицаецот, Драгиша Марковиќ. Според обвинението, тој бил првиот што дошол на местото на настанот.

Косовското специјално обвинителство тврди дека Марковиќ му ги открил информациите од местото на злосторството на друг полицаец во Србија. При проверката на телефонот на Марковиќ, полицијата утврдила дека тој три пати му се јавил на полицискиот службеник во Србија.

Меѓутоа, овие три повици, српскиот мобилен оператор ги изоставил од извештајот испратен до косовските обвинители, како обид на Белград да ги скрие, се вели во обвинението.

Камерите го снимиле Марковиќ како му дава инструкции на својот колега, присутен на местото на злосторството, Жарко Јовановиќ, кој ја зема чаурата и ја става во џеб.

Спор се водеше и околу надзорните камери во партиското седиште на Ивановиќ, кои беа исклучени за време на убиството.

„Што е со снимките добиени од седиштето на партијата?“, праша Вучиќ во јули 2019 година.

Косовските власти ја обвинија секретарката на Ивановиќ, Силвана Арсовиќ, за реактивирање на камерите по убиството.

Според обвинението, камерите не работеле од 4 до 16 јануари, а Арсовиќ била единствената личност присутна во седиштето на партијата во тој период.

Анонимен сведок во овој случај, изјавил дека некои полицајци, косовски Срби, биле под контрола на српската Безбедносно-информативна агенција и оти биле одговорни за прикривање на доказите.

Полицијата, според овој сведок, ги контролирала видео-камерите не само во близина на местото на злосторството, туку и на патот по кој поминувал автомобилот што го користеле убијците, при што ги скриле снимките од приштинските власти.

Белград ја обвинува Приштина, а Приштина Белград

Автомобилот на Оливер Ивановиќ проголтан од оган по експлозијата подметната од непознати напаѓачи во јули 2017. Фото: КоССев

Поминаа две години од убиството, а Приштина и Белград продолжуваат да разменуваат обвиненија за недостигот на соработка во истрагата, на другата страна.

Вучиќ, во јули 2019 година, изјави дека приштинските власти не го прифатиле барањето на Србија да учествува во истрагата.

„Зошто привремените институции во Приштина не го прифатија барањето на српските власти да бидат целосно вклучени во истрагата за убиството на Ивановиќ?“, праша тој.

Од друга страна, Албин Курти, водач на партијата Ветевендосје, рече дека убиството на Ивановиќ е само уште еден обид на Србија, да покаже дека сè уште има власт во северно Косово.

„Од една страна, Србија сака да објасни – за некој друг на Косово да не помисли поинаку – дека северот на Косово никогаш не може да биде Косово и дека ова е територија со која управува не само Србија, туку и нејзините структури на државната безбедност, бидејќи убиството очигледно е извршено на многу професионален начин“, вели Курти за БИРН.

Вучиќ, во меѓувреме, ја обвини Приштина за „ангажирање на мрежа на (странски) тајни служби и соработници, со цел Србија да биде обвинета за злосторството“.

Ѓуриќ, во март 2019 година, нагласи дека српските власти се „сѐ повеќе сигурни дека Тачи и (тогашниот претседател на Собранието на Косово, Кадри) Весели, стојат зад атентатот на Оливер Ивановиќ“.

Тој не понуди докази за ова свое тврдење.