Регион

Косово: Годишнина од масакрот кој доведе до бомбардирање на НАТО

Со низа комеморативни настани денеска беше одбележана 21-годишнина од масакрот што српските сили го направија во косовското село Рачак.

Масакрот го обелодени Вилијам Вокер, шеф на верификациската мисија на ОБСЕ во Косово. Тој го посети местото на злосторството еден ден по масакрот, посочувајќи дека станува збор за „злосторство против човештвото“.

Тоа беше еден од клучните инциденти што доведе до бомбардирање на НАТО. Оваа интервенција требаше да го принуди југословенскиот претседател, Слободан Милошевиќ, да ги повлече своите сили од Косово.

САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија, по повод комеморацијата, издадоа заедничко соопштение.

„Да го зачуваме споменот на жртвите во Рачак и на сите други масакри во Косово пред две децении. Ние работиме заедно за да изградиме мир, правда и просперитет за идните генерации“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека владите на Косово и на Србија, мора да им обезбедат на семејствата на жртвите, целосен пристап до информациите за судбината на нивните најблиски.

Во пресрет на годишнината, Наталија Апостолова, шеф на канцеларијата на Европската унија во Косово, зборуваше за потребата од правда.

„Комеморациите на овие добро документирани настани нѐ потсетуваат на важноста на мирот, правдата и помирувањето. Моите мисли и молитви се со семејствата на жртвите. Нека почиваат во мир“, напиша Апостолова на Твитер.

Српските безбедносни сили, наутро, на 15 јануари 1999 година, го опколиле Рачак и го нападнале, по што влегле во селото и упаѓале по куќите. Некои мажи се обиделе да се сокријат, но биле откриени, а потоа тепани и стрелани. Вкупно биле убиени 44 селани.

Белград првично тврдеше дека жртвите биле припадници на Ослободителната војска на Косово.

Но, Вокер извести дека жртвите биле цивили.

Нападот беше дел од обвинение на Хашкиот трибунал против Милошевиќ, кому пресудата не му беше изречена, бидејќи тој почина во 2006 година.

Операцијата беше предводена од српскиот командант на специјалната полиција, Горан Радосављевиќ Гури.

Радосављевиќ, кој сега е во пензија и кој е член на Извршниот одбор на владејачката Српска напредна партија, негираше дека во селото биле убиени цивили. Тој тврдеше дека сите оние што биле убиени, биле терористи.

Медиумите повторно пишуваа за овој масакр минатиот месец, кога судот во Приштина го осуди Иван Тодосијевиќ, поранешен министер во косовската Влада и пратеник на партијата на косовските Срби, Српска листа, поради неговата изјава дека масакрот е „измислен од албанските терористи“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, остро реагираше на оваа одлука, обвинувајќи го Вокер за лажирање на масакрот во Рачак.

Тој изјави дека „сето тоа го фалсификувал белосветскиот измамник, крадец и хохштаплер, Вокер“.

Вокер пристигна во Косово за да присуствува на денешната комеморација.

Тој, врзано за коментарите на Вучиќ, изјави: „Тој знае што се случи во Рачак“, алудирајќи на фактот дека Вучиќ во тоа време бил министер за информации.

„Сигурен сум дека тој знае дека масакрот се случи. Тој беше дел од командата. Тој може да ме нарече како сака. Тој може да им каже на своите приврзаници дека сум глобален измамник, дека сум лажго … Има подобри работи што тој треба да ги направи во својот живот, 21 година по она што беше безобѕирен чин на српските сили“, истакна Вокер.

Вучиќ и вчера го критикуваше Вокер. Тој саркастично му порача: „Повеќе не е твое време Вилијаме и Србија денес не е грст овес што можете да го исколвате како што правевте во 1999 година“.