Вести

Затворска, условна и парична казна за тонот канабис запленет во 2020

Четири години по акцијата на МВР прва пресуда за случајот

„Виновни се“.

Четири години откако МВР објави дека заплениле тон марихуана, судијката, Оља Ристова, ја изрече првостепената пресуда за случајот.

„Искрено морам да кажам дека се измачив баш со овој предмет“, рече таа пред објавата на пресудата, алудирајќи на правните перипетии кои ги доживеа овој предмет откако влезе во судот.

Но, случајот го следеа низа контроверзи уште пред да почне судењето.

Во 2023 предметот пред да се објави пресудата, беше вратен на почеток за да се утврди што е запленетата материја, индустриски коноп или коноп за медицински цели, дилема поради која процесот се развлекуваше.

„Ќе бидам кратка. Сѐ ќе добиете во образложението“, додаде на рочиштето Ристова.

Ристова ги прогласи за виновни израелскиот бизнисмен Менахем Јитшак Кохен, на кого му се судеше во отсуство и доби три години затвор и фирмата „Канатек ДООЕЛ“ која доби парична казна од 800 илјади денари, односно 13 илјади евра.

„Се одзема канабисот“, кажа судијката и појасни дека пресудно за пресудата било тоа што „индустриски коноп е секое надземно стебло, растение освен канабис сатива. Така што овде неспорно е дека се работи за канабис сатива и неспорно е дека треба да има дозвола за одгледување“.

Одбраната тврдеше дека станува збор за индустриски коноп, за кој законот не предвидува дозвола за одгледување.

Менаџерот на Канатек, Ненад Јованов доби условна казна затвор, која нема да се изврши ако во следните пет години Јованов не направи ново кривично дело.

Членот по кој беше обвинет е од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, во кој стои дека „лице кое одгледува канабис, кое ќе задржи, изнесе, пренесе семе, расад, лист од канабис наменето за лична употреба ќе се казни со казна затвор од една година до пет години“.

Јованов беше изненаден од пресудата. На излегување искоментира дека не очекувал ваков исход и дека е убеден во неговата невиност.

Обвинетите може да се жалат на пресудата за 15 дена откако ќе ја добијат.