Знае ли Народна банка што се криптовалутите

Проблемот со валутата OneCoin, која најверојатно е измама, а не регуларна криптовалута, беше одлична прилика највисокото државно тело да ги едуцира граѓаните, а не да ги плаши со тероризам.

Во среда, 28 септември, Народна банка на Република Македонија се огласи со соопштение кое се однесува на криптовалутите. Со кратко пребарување на Гугл може да се заклучи дека ова е прво соопштение на тема криптовалути и се чини дека, како за прв пат, НБРМ не постигна голем успех.

Поводот за ова соопштение најверојатно е веста дека лондонската финансиска полиција покрена истрага за валутата OneCoin, за која НБРМ верува дека е доста купувана од македонски државјани. Намерата на НБРМ е добра, и секако, самата информација од финансиската полиција за истрагата на оваа валута е доволна причина да запрете какво било работење во оваа валута.

Што е криптовалута?
Накратко, дигитални пари. За најраспространетиот вид на криптовалута, биткоин, важи следното:
– Биткоин е децентрализирана валута: ниеден поединец не контролира колку биткоин има на пазарот на пари и не постојат централни банки.
– Биткоин e дигитална валута: сите пари кои поединец ги поседува ги чува во апликација наречена дигитален паричник, не постојат банкарски сметки, и не постојат банки кај што се чуваат биткоини.
– Биткоин се разменува со декретни валути (fiat currencies) на таканаречени берзи за биткоин. Kорисниците можат и да тргуваат со добра за размена за биткоин, како и секоја друга валута, на таканаречени онлајн пазари.
– Сите трансакции со биткоин се запишуваат во јавна главна книга (ledger) која се чува во дистрибуирана, децентрализирана база на податоци позната под името blockchain. Оваа релативно нова технологија, која наголемо се основа врз криптографија, овозможува главната книга да биде јавна, децентрализирана и безбедна од обиди за манипулација за туѓи трансакции.
– Вредноста на биткоин ја одредува самиот пазар: довербата на корисниците и тоа колку биткоини има во оптег.

Што вели НБРМ?

Криптовалутата се наоѓа на вашиот компјутер – тоа не е хартија од вредност. Со тие пари можете да купите добра или пак, да ги смените за друга декретна валута. Tоа не одговара на описот погоре. НБРМ во соопштението се обидува да ја претстави криптовалутата како „хартија од вредност“ или „сметка во странство“, па купувањето на криптовалути да го прогласи за незаконско, но тие не се ни едното ни другото. Која е целта на овој погрешен опис? Дали НБРМ ова го прави со намера или едноставно ни тие не знаат дека не е исто? И кое од двеве нешта е полошо за граѓаните?

Понатаму, во четири точки, НБРМ дава предупредувања за ризици. Постои една тема која се провејува низ нив:

Може да имате реална загуба на парите кои сте ги вложиле […]. Вредноста на вашите дигитални (крипто) валути може многу брзо да се намали […] може да се случи клиeнтите да имааат повеќе дигитални средства во дигиталниот паричник, но тие да вредат помалку во реалниот живот. […] Трансакциите поврзани со дигиталните (крипто) валути може да се користат при криминални активности, вклучувајќи го и перењето пари“.

Овие работи се точни, но не е јасно зошто се посочени во ова соопштение – ништо од ова не е специфично за криптовалутите туку сето ова важи и за декретните валути. Секоја инвестиција на пазарот на пари подлежи на реална загуба, вредноста на декретните валути може исто така да падне преку ноќ (види: Брегзит 2016), и последно – декретните валути се користат и за криминални активности и за перење пари.

Особено е интересен куриозитетот кога НБРМ, во 2016, зборува за „реалниот живот“. Во 2013, повеќе од 41% од интернет корисниците на светско ниво барем еднаш купиле производ онлајн. Дали, според НБРМ, овие купувања не се дел од реалниот живот? Дали стоте илјади трговци од почетокот на текстот, кои примаат биткоин како валидна валута, не се дел од реалниот живот?

Најдобар начин да се разберат криптовалутите е да се појде од точката дека тоа се во основа валути, па повеќето ризици и предности кои постојат кај декретните валути – постојат и кај криптовалутите. Се разбира, постојат разлики, и баш тие го прават биткоин попривлечен за користење, како на пример, тоа што главната книга е јавна, и затоа што нема можност за манипулации, дава поголема доверба на корисниците во однос на моменталната вредност на биткоинот. Минатата година бројот на трговци кои прифаќаат биткоин при трансакции, на светско ниво, ја проби бројката од 100 000, што говори многу за сериозноста на биткоин во глобалната онлајн трговија.

Целосно нејасен е концептот на „платформа“ за кој се говори во соопштението, зашто НБРМ не го дефинираат значењето, ниту пак, постои таков збор во терминологијата поврзана со криптовалути.

За да купите дигитални (крипто) валути треба да имате пристап до платформа, односно софтверска апликација на која се разменуваат овие валути. Овие платформи најчесто се нерегулирани и интерните правила на создавачот на платформата се предмет на чести измени.

Иако е точно дека не постои регулација на валутата, правилата на тргување се постојани и не се предмет на измени. Додека НБРМ под „платформа“ овде подразбира софтвер (дигитален паричник), понатаму го менува значењето на „платформа“ во пазар за онлајн трговија:

„…државните органи според своите законски овластувања, може да ја блокираат платформата и да ги замрзнат сите средства на сите корисници“.

И ова не е точно. Се чини дека НБРМ сосема површно направиле истражување на темата, и случајот со Silk Road од 2013 си го протолкувале на свој начин. Silk Road беше онлајн пазар за илегална трговија кој по долга истрага од FBI беше затворен.

Тоа што НБРМ погрешно си протолкувале е дека сите средства на корисниците биле замрзнати или запленети. Тоа е целосна измислица од страна на НБРМ, а последицата е сеење страв. Единствените пари кои корисниците ги загубиле беа парите за escrow, а единствениот кој ги изгуби сите пари беше сопственикот на илегалниот пазар Рос Улбрихт, кој беше уапсен и осуден. Со лабавата употреба на терминот „платформа“, овде НБРМ само влева несигурност кај читателите.

Втората точка е светлиот момент на соопштението – ако не сте подготвени да си ја запомните лозинката на вашиот дигитален паричник и ако не сте навикнати да правите дигитален бекап на податоци – не сте подготвени да тргувате со криптовалути.

Невешт е и начинот како НБРМ се осврнува на анонимноста на трансакциите:

„…налогодавачот и примачот на парите се анонимни. Тие им нудат на клиентите голем степен на анонимност […] но најчесто трансакциите не можат да се следат“.

Ова не е точно – трансакциите се јавни: секоја трансакција е дел од главната книга, и секој учесник на пазарот, во секој момент, ја има последната верзија од главната книга. Анонимни се само учесниците на трансакциите, но потребно е НБРМ да посочи кој има полза од тоа учесниците да не бидат анонимни?

При обичните банкарски трансакции, увид имаат само учесниците, банките учесници и централната банка, а граѓаните не го гледаат тоа јавно, па останува на централната банка да ја гарантира довербата кон одредена валута, а тоа во историјата се покажало дека не е секогаш најодговорно.

„…Овие мрежи на дигитални (крипто) валути најчесто и се користат за трансакции поврзани со криминални активности, перење пари и финансирање на тероризам.“

Тоа е најужасната реченица во целото соопштение и токму таа и го инспирираше текстов. Што значи „најчесто“? Дали НБРМ ќе понуди некаква статистика? Дали обичните валути не се користат за криминални активности? Дали НБРМ ќе понуди барем еден пример во кој постои сомнеж дека некоја терористичка организација се финансира со криптовалути?

На крај, од сето ова може да се заклучи дека НБРМ едноставно, површно и мрзливо се зафатиле со новава ситуација. Проблемот со валутата OneCoin, која најверојатно е измама, а не регуларна криптовалута, беше одлична прилика највисокото државно тело да ги едуцира граѓаните, а не да ги плаши со тероризам.

Оваа прилика е загубена. Многу малку информации се дадени за криптовалутите, а тие нема магично да исчезнат само зашто НБРМ рекла дека се опасни. Вистинската мерка е едукација, а НБРМ се чини дека и самите себе не успеале доволно да се едуцираат.

Авторот е соработник на Слободен Софтвер Македонија