Десет најпознати дела напишани во затвор

Колумна на Сашо Кокаланов

Се раскажува една анегдота за еден познат современ писател и неговото најкратко предавање на темата – пишување. Писателот бил поканет да зборува на семинар за креативно пишување, а тој им ја открил целата тајна на посетителите на семинарот за помалку од една минута.

Дошле, имено, на семинарот и млади и стари, и искусни и помалку искусни, и почетници и веќе објавувани автори, и поранешни премиери и идни затвореници, сите желни и спремни да ги чујат неговите мудрости и совети. Тој тогаш се појавил на бината, ја погледнал публиката и рекол: „Драго ми е што ве гледам во олкав број. Претпоставувам дека сите овде сте дошле поради една иста причина. Па, што чекате? Одете дома, и пишувајте.“

Тоа е целата тајна на станувањето писател – пишувањето. Сите други работи се далеку помалку важни од самиот процес на пишување. Вклучително и локацијата и времето. Некои пишуваат ноќе, некои дење. Некои пишуваат дома, во работната соба, други надвор на отворено, во клупа во паркот, во купе од воз, или трускајќи се во градскиот превоз. Некои сакаат тишина, други бучава. Некои пишуваат со мастило на хартија, некои типкаат на стара машина за пишување, други се гушкаат со тастатурата, новиве генерации писатели веќе се вешти да си ги запишат мислите на тач-скринот од својот таблет.

Сè е прашање на навика. Но, околностите, велам, се неважни. Кога ќе дојде бранот инспирација, важно е само мислата да не ви одлета како плашлив врабец. Во овие модерни времиња на брз и интензивен живот, вревата на вашите животи ги брка врапците на инспирацијата и многу генијални дела остануваат ненапишани.

Затворот е непосакувана туристичка дестинација за секој човек, тоа е едно од местата што никако не сакате да ги посетите во животот, но, ете, некогаш е неминовност што не може да се избегне. Но, тоа и не е толку лошо место за пишување. Напротив, се покажало дека е и многу продуктивно поради времето што го имате на претек и добрите услови за разговор со самиот себе. А времето и тој разговор се супер подлошка за прекрасни книжевни остварувања.

Дека е тоа така, најмногу ни говори фактот што десет од најголемите дела на светската литература на сите времиња се напишани токму во затвор.

Еве една топ листа на дела за кои со сигурност се знае или се претпоставува дека се напишани во затвор, направена од британскиот весник „Гардијан“:

  1. „Don Quixote, Miguel de Cervantes. Можеби најзначајниот роман на сите времиња. Сервантес бил затворан два или трипати, а и тој самиот тврди во неговиот пролог на „Дон Кихот“ дека неговата голема потсмев-романса е „родена во затвор“. Затворен во ќелија, имагинацијата на авторот скита со неговиот витешки витез над правливите патишта на Шпанија.
  2. „Le Morte d’Arthur, Sir Thomas Malory. Колекцијата на витешки предива на Мелори служи како изворна книга за секој следен „Артур“. Заробен во текот на 1450-тите, осуден за силување, како и за кражба, Малори ги исполнил годините што ги поминал во исчекување на пресудата со приказните за витештво, кои потоа станале еден од првите бестселери во историјата.
  3. „Pilgrim’s Progress, John Bunyan. Алегоријата на Буњан, која раскажува за патувањето на главниот лик Кристијан до светиот град, била напишана додека бил затворен во затворот во Бедфорд, цели 12 години. Бил затворен поради тоа што одбил да ја прекине јавната проповед.
  4. „De Profundis, Oscar Wilde. Во затворот во Ридинг, каде што поминал две години откако бил прогласен за виновен за „голема непристојност“, Вајлд ја напишал својата апологија за својот живот и однесување.
  5. „Memoirs of a Woman of Pleasure, John Cleland. Додека е затворен една година во затворот на реката Флит во Лондон во 1740-тите, Клеланд го составил ова необично книжевно порнографско дело, полно со секс, но без груби зборови.
  6. „Our Lady of the Flowers, Jean Genet.  Првиот, претежно автобиографски, роман на Џене бил напишан тајно, додека бил во затвор за кражба. Хомосексуалниот раскажувач на романот е исто така во затвор, и се потсетува на некои од неговите сексуални средби со експлицитни детали: „Јас си направив душа што одговара на моето живеалиште. Мојата ќелија е толку слатка“.
  7. „To Althea, from Prison, Richard Lovelace. Поетот-автор беше затворен за време на конфликтот помеѓу Парламентот и Чарлс Први, откако го предводеше маршот од Кент во поддршка на ројалистичката кауза. За време на седумте седмици поминати зад решетки, тој најверојатно ги продуцира најпознатите затворски линии во англиската поезија: „Камените ѕидови не прават затвор, ниту железото не поставува кафез…“
  8. „Pisan Cantos, Ezra Pound. Некои од најпознатите поеми на Паунд беа напишани додека поетот, кој за време на Втората светска војна го поддржувал режимот на Мусолини, бил интерниран од американската војска во камп, во близина на Пиза. Лишен од неговите книги и од неговата слобода, тој создал восхитувачки стихови.
  9. „Justine, Marquis de Sade. Маркиз де Сад поминал голем дел од својот живот во затвор и таму ги напишал повеќето од неговите романи. Неговите сексуално експлицитни наративи – вклучувајќи го и овој за доблесна девојка во злобен свет на сексуални предатори – беа составени за да ги пополнат здодевните часови и да го компензираат отсуството на жени.
  10. „A Hymn to the Pillory, Daniel Defoe. Дефо ја претворил личната катастрофа во триумф во односите со јавноста кога ја напишал оваа сатира во затворот во Њугет, додека чекал да биде ставен на столбот на срамот. Тој бил осуден поради исмејување на нетолерантноста на црквата кон дисидентите каков што бил и самиот. Книгата го направи  миленик на народот.

На листава на „Гардијан“ секако треба да се додаде и извонредниот автобиографски затворски роман на црногорскиот актер Жарко Лаушевиќ „Година ќе пројде, ден никако“. Тој помина четири и пол години во затвор, осуден за двојно убиство во самоодбрана.

Велат, а и самиот имам некои скромни искуства со таа работа, нема повозбудлива работа од пишувањето книга. Многумина веруваат дека таа е еден од покусите патишта што водат кон бесмртноста. Кундера, авторот на романот „Бесмртност“, во едно интервју, на шега вели – за жал тоа не е книга за мене.

Како и да е, нема автор кој не се надева дека книгата што ја пишува нема да му овозможи, ако не бесмртност, барем спас од најстрашното нешто за едно човечко суштество – заборавот.

Да се разбереме, има и други начини да не ве заборават. Еден од нив секако е да се потроши една милијарда евра на еден сиромашен народ и да му се „унакази“ неговиот главен град. Тоа гарантира дека ќе ве пцујат уште генерации и генерации жиранти на вашиот луд проект.

Но, зошто да не се напише плус и книга?

Да, нема поидиотска причина за барање за одлагање на извршување на затворска казна од пишувањето книга. Но, ако на еден друг поранешен премиер му успеа да одложи одење во ќорка со образложение дека така ќе нема кој да им предава право на студентите, зошто да не се надева на чуда и црни Грујо.

Впрочем, и актуелниот премиер неодамна рече – чуда се случуваат – и оп, навистина се случи чудо во парламентот.