Регион

Одлука на Хрватска да смали казна на босански Хрват, предизвика бура во БиХ

Емина Диздаревиќ, Ања Владисављевиќ | БИРН | Сараево, Загреб

Одлуката што минатата недела ја донесе Окружниот суд во Загреб, со која на Марко Радиќ, кој е осуден за воени злосторства, му беше намалена затворската казна, предизвика политичка бура во Сараево.

Ова предизвика расправа во јавноста помеѓу министерот за правда, Јосип Грубеша, босански Хрват, и неговиот заменик, Незир Пивиќ, Бошњак, а едно од здруженијата на жртви во БиХ дури поднесе и кривична пријава против министерот.

Окружниот суд во Загреб, пресудата со која на Радиќ му ја смали казната од 21 на 12 години затвор ја изрече на 1 октомври, со што беше изменета пресудата што во март 2011 година ја донесе Судот на Босна и Херцеговина.

Радиќ, кој беше осуден за злосторства против човештвото извршени во Мостар, требаше да биде во затвор до 2027 година, но тој, со новата пресуда, ќе биде ослободен до крајот на оваа година.

Во Хрватска нема „здружен злосторнички потфат”

Министерот за правда на БиХ, Јосип Грубеша. Фото: Министерство за правда на БиХ

Судот во Загреб ја смени пресудата на Судот на БиХ, бидејќи Хрватска не го признава правниот термин „здружен злосторнички потфат”, за што Радиќ, во еден дел од пресудата, првично беше осуден во Сараево.

Во БиХ, моментално, околу 30 лица кои поседуваат хрватски пасош, служат затворски казни за воени злосторства, во врска со здружен злосторнички потфат. Адвокатите се сомневаат дека случајот на Радиќ би можел да биде преседан кој на овие лица ќе им овозможи да бараат трансфер во Хрватска, со цел да им се намали затворската казна.

Инаку, барањето на Радиќ за трансфер во Хрватска, беше одобрено од министерот Грубеша.

Неговиот заменик, Незир Пивиќ, за БИРН вели дека одлуката на Грубеша во случајот Радиќ, е „незаконска и неприфатлива”. Тој додаде дека такво нешто, во слични случаи, нема да биде дозволено.

„Тоа не може да се случи, бидејќи ни овој случај никогаш не требаше да се случи. Босна и Херцеговина и Хрватска имаат договор кој јасно дефинира оти ова е незаконски“, рече Пивиќ.

Радиќ, како што е утврдено со пресудата на Судот на БиХ, во својство на командант на првиот баталјон на Бело Поље на втората бригада на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), учествувал во формирање на затвор и наредил незаконско апсење на десетици бошњачки цивили, жени, деца и постари лица, како и нивно затворање.

Учествувал, според пресудата, и во незаконски притвор на бошњачките мажи во затворот Хелидодром. Мажите биле носени во селото Војно на принудна работа, биле држани во брутални, деградирачки и нехумани услови, во гаража и во подрум на една куќа во Војно.

Прашањето за двојно државјанство

Стариот мост во Мостар, градот во кој Радиќ ги изврши злосторствата. Фото: ЕПА/Фехим Демир

Грубеша го одобрил трансферот на Радиќ во Хрватска, во октомври оваа година, по што Окружниот суд во Загреб, му ја намали казната.

Грубеша изјави дека БиХ е потписник на Европската конвенција за трансфер на осудените лица, според која секој осуденик може да ја издржува казната во државата чиј пасош поседува, и дека Босна и Херцеговина и Хрватска имаат билатерален договор кој го дозволува тоа.

Неговиот заменик Пивиќ, сепак, тврди дека договорот помеѓу БиХ и Хрватска изрично забранува екстрадиција на државјани на двете земји, и дека вакви трансфери може да се случат само во случаи кога во БиХ би било осудено лице, кое има само хрватски пасош. Ако овие лица имаат и државјанство на БиХ, тогаш тие не можат да бидат префрлени, нагласи тој.

„Хрватска не покажа никаква соработка (со БиХ) во овие случаи (на воени злосторства,што се водат против босанските Хрвати), така што министерот требаше да ги штити интересите на БиХ”, рече Пивиќ.

„На крајот, Окружниот суд ја смени пресудата, така што на Радиќ му е овозможено, во рок од неколку дена, да биде ослободен, што е неприфатливо”, додаде тој.

Невладината организација ТРАЈЛ Интернешнл, исто така, смета дека трансферот на Радиќ е „неприфатлив”, бидејќи договорот меѓу БиХ и Хрватска, не предвидува екстрадиција на сопствените граѓани.

„Со оглед дека постои дилема за тоа како да се постапува во случаите кога имаме лица со двојно државјанство, одговорот е во Европската конвенција за трансфер на осудените лица”, вели правната советничка на ТРАЈЛ, Адријана Нанушиќ-Бечиревиќ.

Во конвенцијата се наведува дека само „странци”, кои поради злосторства се наоѓаат во затвор, можат да бидат префрлени во нивните земји, истакнува Нанушиќ-Бечиревиќ.

„Со оглед дека Радиќ не е странец во БиХ, туку нејзин државјанин, а според извештаите на медиумите живеалиштето му е во Мостар, тој веќе ја издржува својата казна во својата заедница. Затоа, неговиот трансфер, како и повредата на договорот меѓу Хрватска и БиХ, е надвор од логиката и духот на Европската конвенција“, додава таа.

Здружението на жртви и на сведоци на геноцидот, поднесена кривична пријава против министерот Грубеша, при што оцени дека постапката со која Радиќ ја постигнал својата слобода, е „незаконска”.

„Министерот ги прекрши законите на БиХ и дозволи на воен злосторник, казната, пола да му биде намалена”, изјави за БИРН, претседателот на ова здружение, Мурат Тахировиќ.

Грубеша одби да одговори на прашањата во врска со случајот Радиќ, но тој напиша долго соопштение, во кое забелешките на неговиот заменик и кривичната пријави, ги опиша како „неприфатливо и недозволиво собирање на евтини политички поени” и злоупотреба на “болката на жртвите”.

Тој нагласи оти му е жал што некои политичари се за тоа, на одредени лица, осудени за воени злосторства, „да им се изгубат клучевите од ќелијата”, што, како што додава „според меѓународните стандарди не е можно и не е прифатливо”.

„Во конкретниот случај, осуденото лице поднесе барање за продолжување на издржувањето на казната во Република Хрватска и ниту еден орган во Босна и Херцеговина нема право да спречи поднесување на такво барање, бидејќи тоа е право на осуденото лице”, напиша Грубеша.

Тој наведува дека екстрадицијата и преносот на издржувањето на казната, се сосема различни постапки.

Адвокатите поделени околу трансферот на казната на Радиќ

Јадранко Прлиќ(стои, втор од лево) и останатите обвинети функционери на босанските Хрвати, во Хашкиот трибунал во 2017 година. Фото: ЕПА-ЕФЕ/Робин ван Лонкхуисен/Пул

Адвокатите и правните експерти се поделени околу законитоста на трансферот.

Нина Кисиќ, адвокат во предмети на воени злосторства од Сараево, смета дека таквите трансфери ги нагласуваат „разликите во системите (на државите), што овозможува да се избегне правдата”.

„Проблемот е што овие меѓудржавни документи го дозволуваат тоа”, рече Кисиќ.

Но, Јелена Докиќ-Јовиќ од невладината организација, Документа – Центар за справување со минатото, за БИРН вели дека целиот процес бил „спроведен во согласност со законските прописи”.

„Во случајот Радиќ, командната одговорност се сметаше како основа за осудителната пресуда – дека не ги спречил злосторствата, дека наредил и учествувал во формирањето на затворот и дека тој лично извршил злосторства. Тој беше осуден на 12 и пол години затвор. Во однос на казните изречени за припадниците на хрватските сили, јас би рекла дека оваа е на исто ниво или можеби дури и малку поголема“, вели Ѓокиќ-Јовиќ.

Таа додава дека властите во Сараево „можеле да побараат да се изврши казната што ја донесе Судот на БиХ”.

Коментирајќи ја одлуката на судот во Загреб, да ја отстрани референцата во пресудата на Радиќ, која се однесува на здружен злосторнички потфат, Ѓокиќ-Јовиќ вели дека хрватскиот закон не го препознава овој термин.

„Хрватска, во политичка смисла, е претпазлива кон овој термин, особено земајќи ја предвид пресудата против Јадранко Прлиќ и другите”, нагласи таа.

За потсетување, Хашкиот трибунал во 2017 година ги осуди Прлиќ и другите пет поранешни функционери на босанските Хрвати, на казна затвор од вкупно 111 години, за учество во здружен злосторнички потфат, заедно со високи претставници на Загреб, со цел протерување на Бошњаците од територијата контролирана од страна на силите на босанските Хрвати.

Пресудата, во која хрватскиот претседател, Фрањо Туѓман, се спомнува како учесник во здружен злосторнички потфат, наиде на критики кај хрватските политичари, кои негираат дека Загреб имал активна улога во војната во Босна.

Ѓокиќ-Јовиќ забележува дека хрватската влада во 2016 година донесе одлука со која „ги спречува хрватските судски власти да реагираат во предмети, во кои одговорноста се базира на здружен злосторнички потфат”.

Александар Лазаревиќ, адвокат од Белград, кој застапува лица обвинети за воени злосторства пред судот на БиХ, вели дека не постои ништо спорно во одлуката на хрватскиот суд, да се унинат деловите од пресудата, кои се однесуваат на здружен злосторнички потфат.

Според мислењето на Лазаревиќ, концептот на здружен злосторнички потфат, од судовите во Хаг и во Сараево, кои се занимаваат со воените злосторства, е применет ретроспективно, бидејќи тој не постоел во законот, во времето на извршувањето на злосторството.

„Не можете сега некое дело да именувате како злосторство и да им судите на лица за извршување на тоа злосторство, ако во времето кога било извршено делото, не било тако именувано”, истакнува Лазаревиќ.

Паралелно со Радиќ, Судот на БиХ осуди уште тројца припадници на првиот баталјон на Бело Поље на втората бригада на ХВО.

Драган Шуњиќ беше осуден на 16, Дамир Брекало на 20 и Мирко Врачевиќ на 12 години затвор, за злосторства што ги извршиле како учесници во здружен злосторнички потфат, во затворот Војно, во соработка со други војници и стражари.

Во друг предмет, поранешниот управник на затвор во Мостар, Иван Зеленика, беше осуден на 6 години затвор, поранешниот член на Хрватските одбранбени сили (ХОС), Иван Медиќ, доби 7, Едиб Буљубашиќ, 6, и Марина Грубишиќ-Фејзиќ 5 години затвор, за учество во здружен злосторнички потфат, со цел отстранување на српското население од територијата на Херцеговина.

Адвокатите на повеќето од овие затвореници, за БИРН изјавија дека немаат намера да бараат трансфер на нивните клиенти во затвор во Хрватска, заради скратување на казната.

Фадил Абаз, кој го застапуваше Иван Зеленика, вели дека е „несфатливо, еден од нашите граѓани да бара казната да биде извршена во друга држава”.

„Тој е наш затвореник, тој е осуден врз основа на нашите закони. Фактот дека има двојно државјанство, не му дава можност да оди од една земја во друга“, нагласува Абаз.

Мидхат Кочо, адвокат на Драган Шуњиќ, истакнува оти „нема индиции или барања”, дека неговиот клиент сака трансфер во Хрватска.

„Не сакам ова да го коментирам. Ако законот тоа го дозволува, тогаш тоа е во ред. Ако не … “, рече Кочо.

Данило Мркаљевиќ, адвокат на Мирко Врачевиќ, исто така, нагласува дека не побарал трансфер за својот клиент.

„Ние не сме во контакт, откако случајот беше завршен”, вели Мркаљевиќ.

А заменикот министер за правда на БиХ, Пивиќ, е категоричен: „Случајот на Радиќ нема да стане преседан за сличните случаи”.