Телеком го освежува составот на менаџерскиот тим. Во него влезе бившиот министер Кралев, а останува Жарко Луковски, кој е во кумски врски со директорот на УБК Сашо Мијалков. Ирена Мишева, претседавач на Советот на град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, пак, е во Одборот на директори на Т-мобиле Македонија како неизвршен член.
Поранешниот министер за образование Панче Кралев на денешната седница беше избран за неизвршен член во Одборот на директори на Македонски телеком, заедно со Небојша Стајковиќ и Мелинда Мандок.
Кралев беше министер за образование до април 2013 година, кога поднесе оставка од лични причини. Сепак, тој остана во кабинетот на премиерот Никола Груевски како советник од прашања за образованието и човек од доверба во партијата.
На вчерашната прес конференција на опозицијата беше објавен разговор кој наводно се води меѓу Кралев и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за вработување асистенти на факултетите, проверени партиски кадри.
„Ама Панче, треба да видиме кои се луѓето, да не се некои комуњари“, вели Јанкулоска.
„За тие што се знае дека се СДСМ ги имаат лоцирано, тие што се наши ги имаат лоцирано и тие се поминати, тие од СДСМ не поминуваат меѓутоа имаме група луѓе на недефинирани“, вели тој во разговорот.
Неизвршен член во Одборот на директори на Телеком е и Жарко Луковски, кој е во кумски врски со директорот на УБК Сашо Мијалков. Ирена Мишева, претседавач на Советот на град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, пак, е во Одборот на директори на Т-мобиле Македонија како неизвршен член.
Во седмата по ред политичка бомба на опозицијата, СДСМ објави разговор за кој тврдеше дека се води меѓу Мишева и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Во разговорот, Јанакиески ја замолува Мишева да го стави вон употреба бројот од Центарот за комуникации на СДСМ.
„Да го ставиш вон сила, да не можат да вртат“, ѝ вели Јанакиески, на што Мишева одговара „Океј“.
Небојша Стајковиќ, македонскиот ватерполо судија, кој исто така е дел од Одборот на директори на Телеком, е брат на Владислав Стајковиќ, сопственик на фирмата НВСП, компанија која беше спомната во една од политичките бомби за наводната донација од Израел што ја договорал Мијалков.
НВСП е прв сопственик на агенцијата за обезбедување СГС, сопственик на Радио Слободна Македонија и прв газда на Финзи – компанијата во чии раце е порталот Нетпрес.