Актуелно

Партиска агенција за вработување

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Кроење списоци за државни вработувања во општински комитети, откази за непослушниците и награди за проверените партиски кадри на владејачката партија беа само дел од снимките што ги објави СДСМ на 20-тата по ред „политичка бомба“.

„Нема државен систем, сè е партија“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на 20-тата по ред „политичка бомба“ | Фото: СДСМ

„Нема државен систем, сè е партија“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев на 20-тата по ред „политичка бомба“, презентирајќи аудио снимки меѓу високи функционери за тоа како се договараат партиски вработувања, како се бркаат лидери на синдикат од работа и како се користат државни ресурси за партиски цели.

Во најголемиот дел од разговорите се слушаа договори за вработувања во државни институции, а бркање на оние неподобните и „комуњарите“.

Во разговор кој наводно се води меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на УБК Сашо Мијалков, тој зборува дека „ќе ја бираме Гордана Гешкоска за обвинител“, па ја прашува Јанкулоска случајно да не има ургенција за вработување на уште еден обвинител во Основното јавно обвинителство.

„Затоа што јавниот обвинител има и сега прашува, ако имате вие, неговата да почека“, вели Мијалков.

Инаку Гешкоска ја застапуваше државата во големи судски случаи како Бачило, Пајажина, Змиско око, Монструм, Изгрев…

Во друг разговор кој наводно се води меѓу Јанкулоска и Мијалков, веќе се разговара за новиот избран обвинител, жена од Кичево, „чиј сопруг бил член на Лустрациска комисија и ги поддржувал“.

„Таа ја квалификувавме како наша“, вели Јанкулоска за новоизбраната обвинителка.

На аудио снимките може да се слушне и разговор кој, според СДСМ, се води меѓу Јанкулоска и претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, каде што се коментира работата на актуелниот претседател на Судскиот совет, Бранко Ушковски. Разговорот најверојатно се води во времето кога тој беше избран во Судскиот совет во 2010 година од Собранието, а на предлог на ВМРО- ДПМНЕ. Според разговорот, Ушковски бил предложен од Ристо Новачевски, сопственик на фирмата оф-шор компанијата „Сирах“ која се јавува како сопственик на огромно парцели на Водно.

„Нема ништо врска со судство, а го ставаме во Судски совет“, коментира Вељаноски за Ушковски, кој минатиот месец застана на чело на Судскиот совет.

Во партијата се кројат списоци за вработувања

Списоците за државни вработувања се правеле во партиските општински комитети, обвини опозицијата | Фото: Freepik.com

Списоците за државни вработувања се правеле во партиските општински комитети, обвини опозицијата | Фото: Freepik.com

Во разговор кој наводно се води меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и премиерот Никола Груевски, за вработување триесетина луѓе во Управата за јавни приходи (УЈП), тој вели дека „ние треба да направиме екипа за да ги интервјуира луѓето“.

„Горде, познавајќи го Горан (н.з. Горан Трајковски, директор на УЈП), кој најмногу ќе му ургира, ќе му врши притисок од нашиве тој ќе помине, одма да ти кажам вака. Така да предлагам да земеме ние една екипа да напраиме да ги направи интервјуата“, вели Груевски додавајќи дека „секако ќе им се даде предност на нашите, само да се види кои наши“.

Според разговорите што ги објави опозицијата, може да се чуе дека во општинските комитети на владејачката партија се кроеле списоците за вработување во националниот парк Галичица.

„Горде извини, ама претседателот ми рече… тука ми прати едно за потпис ми рече прашај ја Горде, за одбор за контрола на материјално финансиско работење на јавната установа Национален парк Галичица Охрид“, ѝ вели секретарката на премиерот Ленче Самарџиевска на Јанкулоска.

На ова, министерката одговара дека трите лица за вработување се предложени од општинските комитети.

Според опозицијата, главен посредник за партиските вработувања е министерката Гордана Јанкулоска

Според опозицијата, главен посредник за партиските вработувања е министерката Гордана Јанкулоска

Во друг разговор, наводно меѓу Јанкулоска и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер се договара како да се вработи партиски активист кој работел во штабот, на некое место во државна институција, но „каде што нема да треба да се појавува на работа“.

„Треба да е негде каде што ќе може да не оди на работа“, вели Јанкулоска.

„А може после кај тебе да се размести или не?“, прашува Протуѓер.

„Абе кај мене ќе треба да оди на работа“, одговара министерката.

На крајот, двајцата се согласуваат дека човекот треба да се вработи во возниот парк кај Јанкулоска, за да „нема проблем да брка партиски работи“.

На денешната „политичка бомба“ беа презентирани и разговори кои наводно ги водат Јанкулоска и нејзиниот сопруг Влатко Илиевски за вработувања во здравството. На снимката може да се слушне дека директорот си примал кого сакал, „непотистички“, на што Јанкулоска одговара дека тој е „ѓубре човек“.

„По мене опцијата е или да најде начин да го испочитува списокот што ние сме му го дале или да го смениме него, нека влезат неговите на работа, па следниот директор ќе почитува“, вели Јанкулоска.

„Нема државен систем, сè е партија, Груевски и тие неколкумина соработници околу него урнисале сè! Со партиски кадри исклучиво под контрола и по одобрение на Никола Груевски ги преполниле полицијата, судството, здравството, образованието – додека професионалци и луѓе кои не мислат како власта, биле исфрлени на улица“, изјави Заев.

Да не останат комуњари, сè да се исчисти

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Заев е лицемерен, додека тој најавува дека опозицијата ќе продолжи со „политичките бомби“ додека не падне власта

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Заев е лицемерен, додека тој најавува дека опозицијата ќе продолжи со „политичките бомби“ додека не падне власта

Освен вработувањата по партиска линија, на денешната прес-конференција можеа да се слушнат и снимки за бркање од работа на непослушниците.

Во разговор кој наводно го водат Јанкулоска и Протуѓер, се разговара за тоа како директорот на цивилна и воздушна пловидба Живко Поповски, татко на министерот за надворешни работи Никола Поповски, го избркал претседателот на Синдикатот поради непослушност.

„Тоа не е добро за државата, знаеш во секоја земја синдикатот проптестира, дава остри изјави…“, вели Јанкулоска.

Таа објаснува дека „отказот му бил даден затоа што дал некоја изјава во која се тврди дека раководството ги репресира вработените“.

Во разговор меѓу Панче Кралев, поранешен министер за образование и Јанкулоска, тие наводно зборуваат за вработување асистенти на факултетите.

„Ама Панче, треба да видиме кои се луѓето, да не се некои комуњари“, вели Јанкулоска, на што Кралев додава дека „тие од ес-де-ес секако не поминуваат, но имало група неопределени“.

Понатаму, во разговор кој наводно се води меѓу Јанкулоска и директорот на УБК Сашо Мијалков, таа сугерира дека „треба да се види да не е останат некој комуњар по институциите и дека сето тоа треба да се исчисти“.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев изјави дека ќе продолжат со објавување на „политичките бомби“ сè додека не падне власта.

„Имаме тони од материјали“, рече тој и додаде дека сепак ќе остави простор за преговарачкиот процес во Брисел.

Со реакција на прес-конференцијата на СДСМ се јави ВМРО-ДПМНЕ, која оцени дека однесувањето на Заев е лицемерно.

„Заев сака да се заборави и избрише од колективната меморија на граѓаните дека токму тој изјавуваше дека ако СДСМ дојде на власт лично тој ќе јаде живи луѓе и дека ќе ги брка луѓето од работа од хигиеничар до министер и на нивно место ќе вработува луѓе за кои ќе добие насока и одлука од кадровската комисија на СДСМ, наведува ВМРО-ДПМНЕ.