Актуелно

Дечиња собираат донации за лекување слепо улично куче

Барон, уличното куче кое целиот живот го помина во делот кај училиштето „Песталоци“ и градинката „13 Ноември“, во понеделник заминува на операција во Бугарија откако го загуби видот. Децата во последнава недела делеа од парите за ужинки и така собираа пари за неговото лекување.

Во понеделник, на 13 април, Барон заминува за Бугарија, каде што ветеринарите од Софија ќе се обидат да му го вратат видот | Фото: ААПЖ

Во понеделник, на 13 април, Барон заминува за Бугарија | Фото: ААПЖ

Некои го викале Барон, а некои пак, Црни. Кучето кое пред половина година го загуби видов, повеќе од осум години живееше во делот кај Основното училиште „Песталоци“ и градинката „13 Ноември“.

Во понеделник, на 13 април, Барон заминува за Бугарија, каде што ветеринарите од Софија ќе се обидат да му го вратат видот, барем на едното око. За операцијата која чини 750 евра пари се собираа пари преку донации, а од Асоцијацијата на активисти за права на животните (ААПЖ) велат дека донацијата која најмногу им значи е онаа што ја собрале дечињата од градинката „13 Ноември“.

„Децата го обожаваа Барон. Оставивме кутија за донации во градинката и кога дојдов да ја подигнам ми дојдоа солзи на очи. Дечињата собрале 1.800 денари за една недела и ги оставиле во кутијата за донации“, раскажува Венера Петкоска, претседател на ААПЖ.

Донациската кутија во градинката „13 Ноември“ каде дечињата за една недела собраа 1.800 денари за лекување на слепото улично куче | Фото: ААПЖ

Донациската кутија во градинката „13 Ноември“ каде дечињата за една недела собраа 1.800 денари за лекување на слепото улично куче | Фото: ААПЖ

На заминување од градинката, раскажува Венера, случајно слушнала и разговор помеѓу баба и нејзиното внуче.

„Внучето бараше нешто да му купи, а бабата му рече, ‘не може, сите пари ги оставивме за лекување на Црни’. И тогаш детенцето кимна со главата и рече ‘епа, добро тогаш’. Таа случка ме натера да мислам колкава хуманост и чистина се крие во тие мали, а големи суштества“, вели Петкоска.

Барон е улично куче, но жителите од околните згради и куќи се погрижиле тој да биде редовно вакциниран. Спиел под стреите во училишниот двор на „Песталоци“ или во градинката. Како што раскажуваат активистите на ААПЖ, децата ја делеле својата ужинка со него за време на одморите.

„Нема да заборавам една случка, се сеќавам дека врнеше многу… Го барав Барон, бидејќи живеам во близина и видов дека вратата од градинката е отворена. Имаше една мала настрешница и здогледав девојче со виолетово мантилче и чадор што го имаше ставено над Барон, за да не го врне“, вели Венера.

Венера со Барон се подготвуваат за патувањето во Бугарија

Венера со Барон се подготвуваат за патувањето во Бугарија

Така живеело ова улично куче во последните 8 години, сè до ноември минатата година, кога најверојатно поради излив во мозокот, тој го загубил видот на двете очи. Активистите морале да го тргнат од пред градинката, бидејќи тешко се снаоѓал.

„Децата го испраќаа, трчаа по мене и викаа, ве молиме да ни го вратите назад“, раскажува Венера.

Во последниве месеци тој живее во пансион за кучиња, а единствено ветеринарите од Централната ветеринарна клиника во Софија се нафатиле да извршат операција за да се обидат да му го вратат видот.„Шансите за успех се можеби мали, но вреди да се обидеме. Сакам да го вратам Барон меѓу децата“, вели Петкоска.

Во понеделник, тој заминува за Бугарија. Изваден му е пасош и сите потребни документи за патувањето. Уличното куче од „Песталоци“ ќе остане таму една недела.

„Потребните средства сè уште не ги собравме докрај, но, се надеваме дека ќе има донации во наредниве денови, додека не заминеме“, велат активистите што се грижат за ова куче, кое, сепак, ја имаше среќата поголемиот дел од животот да го помине меѓу деца.