Истражувањa

Бизнисот на пратеникот Пишев во Бугарија не е покриен во анкетниот лист

Вредноста на бизнисот на пратеникот Васил Пишев, во Бугарија и во Македонија, е поголема од оној што тој го пријавил во Државната комисија за спречување на корупцијата

Пратеникот од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Васил Пишев како бугарски државјанин поседува компанија за производство на масло за јадење, преку која е сопственик на луксузниот хотел „Парк Бочиново“ во Благоевград, Бугарија.

Струмичкиот пратеник не крие дека е газда на хотелот, пред неколку недели на провокација од опозициските пратеници, од собраниска говорница ги покани колегите да се одморат во неговиот хотел.

„Васил Пишев е резултат на три генерации еснафи. Еве, ве поканувам сите да бидете мои гости! Ќе бидете добро услужени, со масажа, нагостени со македонска скара, па ќе ви покажам и ред други работи“, кажа Пишев.

Иако во Собранието зборувал за хотелот во Бугарија, Пишев избегна да одговори на прашањата на БИРН. Прво прифати да разговараме, но потоа нѐ упати кај неговиот портпарол кој не ни одговори на прашањата.

Хотелот во Бугарија скриен во податоците за имотот на Пишев

Иако во Собранието зборувал за хотелот во Бугарија, Пишев избегна да одговори на прашањата на БИРН / Фото: Фејсбук-страница на хотелот „Парк Бачиново“

Иако во Собранието зборувал за хотелот во Бугарија, Пишев избегна да одговори на прашањата на БИРН / Фото: Фејсбук-страница на хотелот „Парк Бачиново“

Од наведените фирми во имотниот лист на Пишев како негов личен и удел на сопругата произлегува дека бизнисите му тежат нешто над 300 илјади евра. Станува збор за удели во три фирми каде што Пишев пријавува дека поседува половина, третина и 40 проценти од вкупната вредност.

Дополнително, тој во анкетниот лист за имотот не напишал за кои деловни субјекти станува збор или дали тие се во Македонија или надвор од земјата иако има таква обврска.

Пишев во анкетниот лист за имотот не напишал дека има компанија во Бугарија, иако има таква обврска

Пишев во анкетниот лист за имотот не напишал дека има компанија во Бугарија, иако има таква обврска

Поранешната антикорупционерка, Слаѓана Тасева објаснува дека функционерите се должни во анкетниот лист да потенцираат ако имаат компании во странство, а како пример го наведува поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, кој пријавил дека фирмите му се во Прага.

БИРН дојде до документи кои покажуваат дека Пишев поседува дел од хотелот во Благоевград преку бугарската фирма „Ал-макс ООД“. Пратеникот има најголем удел во оваа компанија, 35 отсто, неговата сопруга Гордана Пишева 10 проценти, сестрата и зетот на Пишев, Ѓоко и Саветка Краиц заедно 45, додека директорката на „Ал-макс ООД“, бугарската државјанка Ели Димитрова – Михова поседува 10 отсто од фирмата. До 2008 година газда на хотелот бил и неговиот татко, Атанас Пишев. Од документите може да се види дека Пишев најпрвин бил газда со македонски, а потоа со бугарски документи.

Хотелот има 36 соби, пет луксузни апартмани, ресторан и спа-центар и според бугарските медиуми, само хотелот вреди над три милиони евра.

Во Антикорупциската комисија пратеникот пријавил фирма која според податоците за уделот е најблиску до „Ал-макс ООД“ од Благоевград, меѓутоа вредноста на оваа компанија е далеку помала од имотот. Имено, во пријавата на пратеникот во Антикорупциска стои дека тој има 40 отсто, а жена му 10 проценти од компанија вредна само 2.500 евра.

Пратеникот има најголем удел во компанијата „Ал-макс“, 35 отсто, неговата сопруга Гордана Пишева 10 проценти, сестрата и зетот на Пишев, Ѓоко и Саветка Краиц заедно 45, додека директорката на „Ал-макс ООД“, бугарската државјанка Ели Димитрова – Михова, поседува 10 отсто од фирмата

Пратеникот има најголем удел во компанијата „Ал-макс“, 35 отсто, неговата сопруга Гордана Пишева 10 проценти, сестрата и зетот на Пишев, Ѓоко и Саветка Краиц заедно 45, додека директорката на „Ал-макс ООД“, бугарската државјанка Ели Димитрова – Михова, поседува 10 отсто од фирмата

Хотелот во Благоевград не е единствениот имот на бугарската фирма „Ал-макс ООД“. Одофицијален документ за бришење на хипотека од бугарскиот Катастар до кој дојде БИРН, може да се види дека „Ал-макс ООД“ во село Еленово, општина Благоевград имаат плус 3.000 хектари со погон за флаширање на масло за јадење, како и производствена зграда.

Пратеникот од власта во невладина
Пишев заедно со сопругата и сестра му се јавуваат и како основачи на невладина организација „Граѓаните пред сѐ“. Преку здружението во јавноста главно се појавува сопругата на Пишев, обично на настани од хуманитарен карактер. На дел од нив учествуваат заедно со Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Интересно е што на 1. Декември е направена промена на овластеното лице во оваа организација: сопругата на Пишев е избришана, а на нејзино место доаѓа Костадин Стоилов, но Пишев останува како основач.

Пишев како бизнисмен во Македонија е познат како еден од газдите на струмичката „Ал-макс ДОО“ која го произведува маслото од сончоглед „Бисер“. Покрај него, како сопственици на оваа, македонската „Ал-макс ДОО“ се јавуваат неговата сестра и фирмата „Амор“, која во Струмица поседува маркет.

Од друга страна, пак, газди на „Амор“ повторно се тој и неговата сестра.

Основната главнина во „Ал-Макс“ е околу 55 милиони денари или 893.000 евра. Пишев во Антикорупциска пријавил дека поседува една третина од компанија со исто толкава главнина. Меѓутоа реално сопственоста на Пишев е половина од „Ал-Макс“, ако се земе во предвид и уделот што го поседува преку фирмата „Амор“.

Еден од најбогатите пратеници

Пишев се повлекол од „Гарганстои“, а во фирмата како газди се јавуваат неколку македонски државјани

Пишев се повлекол од „Гарганстои“, а во фирмата како газди се јавуваат неколку македонски државјани

Анкетниот лист за имотот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица покажува дека тој е еден од најбогатите народни избраници.

Освен станови, земјоделското земјиште, деловен простор, возила, акциите и банкарски сметки во Македонија, Пишев кај антикорупционерите пријавил дека во Благоевград поседува два стана во изградба, два деловни простори и паркинг кои вкупно вредат над 390.000 евра.

Што предвидува законот?
„Избран или именуван функционер, службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие или друго правно лице што располага со државен капитал е должно во рок од 30 дена да го пријави секое зголемување на неговиот имот, односно на имотот на член на неговото семејство, како што е изградба на куќа или други објекти, купување на недвижности, хартии од вредност, автомобил или други подвижни предмети во вредност што надминува износ од дваесет просечни нето плати во претходниот тримесечен период“, пишува во Законот за спречување на корупција.

Дополнително, бугарскиот весник „Струма“ објави дека тој има блок од апартмани на улица „Васил Левски“ во Благоевград кои се распродадени. Поткрепа на вклученоста на Пишев во градежниот бизнис дава тоа што, според податоци од бугарскиот регистер на компании, тој во неговата втора татковина бил еден од сопствениците во „Гарганстои“, компанија која се занимава со недвижности од каде се повлекол во 2010.

Гарганстои“ и бугарската „Ал-Макс ООД“ се регистрирани на иста адреса во Благоевград и имаат ист директор, што го отвора прашањето за улогата на македонскиот пратеник иако веќе формално не е заведен како сопственик.

Индиректни врски постојат и со други компании преку некои од сопствениците во „Гарганстои“: „ИМ-2009“ за туристички услуги каде како сопственици се јавуваат српски граѓани и „Мерси Боку ООД“ која има двајца сопственици од Азербеџан и се занимава со хотелиерство.

Ели Димитрова – Михова, која е косопственик и директор во бугарската „Ал-Макс ООД“, има удел и во „Гарганстои“, заедно со уште тројца македонски државјани – Алекандар Георгиев, Гоне Ангелов, Игор Стоилов и еден српски државјанин – Славко Велинов.

pisev