Скопска апелација ја забетонира последната надеж преку политичките бомби одново да се отвори судењето за „Пајажина“ – дамнешна желба на поранешниот сопственик на телевизијата А1, Велија Рамковски.
Со тоа, практично, се загуби последната правна можност за поранешниот медиумски магнат од Перо Наков да добие ново судење.
Минатата недела, тројца апелациски судии пресекоа дека нема да му го удоволат барањето на Рамковски да бидат укинати правосилните пресуди и предметот да го вратат во фаза на истрага.
Аргумент за барањето на бизнисменот се бомбите што се појавија во јавноста за затворањето на телевизијата, откако предметот веќе беше пресуден.
Законот за кривична постапка пропишува дека завршеното судење со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот ако се изнесат нови факти или, пак, ако се поднесат нови докази.
Рамковски, преку адвокат, побарал од Кривичниот суд повторување на постапката, со образложение дека политичките бомби може да му одат во прилог, но судот го одбил. Претходно негативно мислење за ново судење доставило и Вишото јавно обвинителство во Скопје. Тоа го обжалиле пред повисокиот суд.
Но, и за апелациските судии, како и за нивните колеги од пониските судови, бомбите немале толкава детонирачка доказна моќ.
Во решението на Апелацискиот суд, на пет страници се наведува дека од бомбите не произлегуваат нови факти.
„Во никој случај, вака предложените нови докази не ја доведуваат во прашање правилно и целосно утврдената фактичка состојба со првостепената пресуда“.
Судот оценил дека на Рамковски му биле испочитувани сите права, добил правично судење во разумен рок, пред надлежен, правичен и независен суд.
Tранскриптите од прислушуваните разговори што Рамковски и адвокатот ги поднеле, биле доставени „во форма на текст искуцан на хартија, за кој не може да се утврди потеклото и веродостојноста“, „ниту, пак, законитоста во прибавувањето“.
Дополнително, судиите напишале дека Европскиот суд за човекови права утврдил дека на Рамковски му се повредени правата, но само во однос на траењето на мерката притвор, а не му биле повредени неговите права во текот на кривичната постапка.
„ЕСЧП утврдил дека нема повреда на правото на пресумпција на невиност на обвинетиот“.
Рамковски беше осуден на затворска казна од 13 години во случајот „Пајажина“, на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Од затворот излезе со привремен отпуст во 2017 поради лекување.
Во „Пајажина“, заедно со него, беа осудени вкупно 20 управители и основачи на повеќе фирми на Перо Наков број 60, за затајување данок од околу пет милион евра, перење пари, злосторничко здружување и измама на доверители, меѓу кои и неговиот брат, ќерка и син, директорот на телевизијата Дарко Перушевски и други.
Поранешниот сопственик на телевизијата А1 и другите фирми и останатите обвинети јавно говореа дека станува збор за „правна егзекуција“, во која им се повредени правата на фер судење.