Регион

Фрлен солзавец на концертот на Горан Бреговиќ во Албанија

Фото: Wikipedia.org

Албанската полиција денеска соопшти дека уапсила 21-годишно момче, кое се сомничи дека на фестивал во Корча фрлило солзавец на концертот на Горан Бреговиќ и неговиот бенд, на чиј настап се спротивставија албанските националисти, поради наводната улога на овој музичар, во конфликтот во Косово.

„На 22 август 2021 година, за време на Фестивалот на пивото, 21-годишниот Редон Лека фрли канистри со солзавец, со намера да го наруши јавниот ред и мир“, се вели во полициското соопштение.

Во него се додава дека полицијата веднаш го фатила Лека и дека инцидентот не го прекинал концертот што се одржа во неделата вечер. Уште едно машко лице е уапсено, затоа што ѝ пружало отпор на полицијата, се вели во соопштението.

На видеата објавени на Јутјуб може да се види дека посетителите на концертот ги бришат очите, ги покриваат лицата и се обидуваат да избегаат од солзавецот.

Инцидентот се случи по протестите со кои се бараше на Бреговиќ да му се забрани настап во Албанија. Националистичките демонстранти наведоа дека причина за тоа е што неговата песна „Калашников“ ги инспирирала масакрите извршени од српските сили на Косово за време на војната, иако тие не дадоа никакви докази за ова тврдење.

Музичарите од Косово, кои требаше да настапат на фестивалот во Корча, се повлекоа и побараа од локалната самоуправа да го откаже настапот на Бреговиќ.

Албанскиот огранок на движењето Ветевендосје, националистичка владејачка партија во соседно Косово, ја негираше одговорноста за инцидентот со солзавецот, иако се спротивстави на одржувањето на концертот на Бреговиќ.

„Нашите ставови за овој концерт и за именуваниот пејач беа искажани со акција со транспаренти, организирана во Корча на 19 август 2021 година“, објави денеска огранокот на Ветевендосје.

Минатата недела, активистите на Ветевендосје закачија транспарент со пораката „Бреговиќ тапан на геноцидот“ на главниот плоштад во Корча.

Црвено-црните навивачи, популарна група на фудбалски фанови, исто така, побара забрана за концертот на Бреговиќ во Корча и соопшти: „Нема да застанеме, додека не стигнеме до целта“, а тоа е откажување на концертот. Групата ниту потврди, ниту негираше дека стои зад нападот со солзавецот.

Во пресрет на концертот, општина Корча издаде соопштение во кое се вели дека Бреговиќ и неговата музика „ќе испратат порака дека уметноста и културата се мостови на пријателство што ги поврзуваат луѓето“.

Бреговиќ, роден во Сараево од татко Хрват и мајка Србинка, се прослави со бендот Бијело Дугме во времето на Југославија, а се здоби и со меѓународна репутација со својата музика базирана на балкански теми, особено откако напиша музика за неколку филмови на Емир Кустурица.

Ова не е прва посета на Бреговиќ на Албанија. Во 2014 година, тогашниот градоначалник на Тирана, а денес премиер на Албанија, Еди Рама, симболично му го предаде клучот на градот.