Актуелно

Јанева со неограничен буџет и право да ги избира соработниците

Една од работите договорени ноќеска е и во објаснувањето за изборот на специјалниот обвинител да се оди со формулацијата „заеднички предлог“ за да се избегне партизирањето на функцијата во самиот старт.

Меѓународната заедница, како што објаснуваат за БИРН дипломатски извори, е задоволна со изборот на специјален обвинител

Специјалниот обвинител Катица Јанева од Гевгелија за која партиите ноќеска се договорија, самата ќе ги избира замениците од редот на постојните јавни обвинители и ќе има неограничен број на стручни соработници. Ќе има мандат од четири години со право на реизбор. За да се гарантира независноста, за својата работа обвинителот нема да одговара пред никој. Ќе има неограничен буџет кој треба да го оправда.

Ова се дел од решенијата во предлог-законот за специјално обвинителство за кој до рано утрово под силен меѓународен притисок се договараа четирите партии во маратонски преговори, брифираат за БИРН извори присутни на средбите.

Копјата се кршеле не само за изборот на специјалниот обвинител, туку и околу тоа што ќе биде запишано во законот за кој денеска во Собранието се гласа со двотретинско мнозинство.

На преговарачка маса, како што велат партиски извори се ставиле повеќе предлози, а главната дилема била дали

Специјалниот обвинител Катица Јанева

Специјалниот обвинител Катица Јанева

обвинителот мора да има искуство во судот, или пак, би можел да биде и универзитетски професор.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во изјава за БИРН вели дека е задоволен од досегашниот исход на преговарачкиот процес.

„Преку законското решение специјалниот обвинител добива целосна автономија според нашите очекувања. Обвинителката е искусна и има беграунд кој ни дава надеж да веруваме дека истрагата ќе ја води независно и професионално“, нагасува Заев.

Извори кои се информирани за преговарачкиот процес за БИРН велат дека Јанева има големо искуство со оглед дека има поминато обуки во САД, во Сицилија и е едукатор во Академијата за судии.

„Значајно е што нејзиното име не може да се врзе за партиски структури. Се работи за искусен професионалец со над 13 години искуство. Беше избрана како заеднички предлог“, објаснуваат истите извори.

Всушност, како што дознаваме, една од работите договорени ноќеска е и во објаснувањето за изборот на специјалниот обвинител да се оди со формулацијата „заеднички предлог“ за да се избегне партизирањето на функцијата во самиот старт.

Меѓународната заедница го поздравува договорот

Меѓународната заедница, како што објаснуваат за БИРН дипломатски извори, е задоволна со изборот на специјален обвинител.

„Важна е и улогата на парламентот, да има доволно време за да се изгласа законот во демократски процес, да има време за дебата“, вели истиот дипломатски извор.

Тој објаснува дека преговорите не оделе лесно и до последен момент не се знаело дали ќе има договор, иако партиите дадоа таква гаранција. СДСМ инсистирале да се гарантира независноста на специјалниот обвинител и да не може за случаите од прислушување да постојат паралелни процеси што би ги покренале обвинителите под капата на државниот обвинител Марко Зврлевски.

Со изборот на специјалниот обвинител ќе се запази рокот од договорот од Пржино кој истекува денеска. Во преговорите на белгискиот експерт Питер Ванхауте во последните два дена му се придружија амбасадорите Аиво Орав и Џес Бејли.

Утре е ден за одмор, а партиите со посредство на меѓународната заедница од четврток продолжуваат со активностите на работните групи за медиуми и за избирачкиот список.