Актуелно

Тесно скроен закон за специјален обвинител

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Крајниот рок што го добива специјалниот обвинител за истражување на сите случаи од прислушувањето е до март 2017 година. Доколку до тогаш не поднесе обвинение понатаму не ќе може да го стори тоа. Рокот остава можност да не се покрене никаков процес за „бомбите“ пред изборите во април.

„Јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземање на предметите и материјалите во негова надлежност“ (член 22).

Ова е само едно од решенијата во Законот за специјалниот обвинител, кое отвора дилеми дали со политичкиот договор биле предвидени вистински решенија за непречена работа на новиот обвинител кој треба да ги истражува прислушуваните материјали?

Крајниот рок што го добива специјалниот обвинител за истражување на сите случаи од прислушувањето е до март 2017 година. Доколку до тогаш не поднесе обвинение понатаму не ќе може да го стори тоа. Истовремено, рокот остава можност да не се покрене никаков процес за „бомбите“ пред изборите во април.

Ако се имаат во вид дел од прислушуваните материјали кои откриваат случаи на евентуална корупција преку кинески компании, или префрлање пари преку оф-шор компании, барањето на докази во вакви случаи, од меѓународен карактер не може да биде гаранција дека во тој рок од 18 месеци можат да се завршат сите постапки.

Може ли овој рок, од 18 месеци да биде прекраток за завршување на постапките и на тој начин да му се врзат рацете на обвинителот?

Рокот од 18 месеци остава можност да не се покрене никаков процес за „бомбите“ пред изборите во април | Фото: БИРН

Рокот од 18 месеци остава можност да не се покрене никаков процес за „бомбите“ пред изборите во април | Фото: БИРН

Втората дилема, според законските решенија е, тоа што на обвинителите кои ќе работат во специјалното обвинителство им се врзуваат рацете и немаат надлежност да издаваат наредби или да потпишуваат обвиненија како што функционираат сегашните обвинители , туку само да постапуваат во судовите во име на специјалниот обвинител.

Член 9 став 2: „Јавните обвинители немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, аимаат право да го застапуваат Јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство пред надлежен суд“.

Постојните предмети кои сега се во надлежност на Јавното обвинителство треба да му бидат предадени во рок од 8 дена откако ќе ги побара специјалниот обвинител.

Најважен е тимот на Јанева

Новата специјална јавна обвинителка Катица Јанева работи како обвинител во Гевгелија 13 години. За обвинител е избрана во 2003 година, а претходно била стручен соработник во судот.

Во 2010 година, е избрана од Советот на јавни обвинители за шеф на Основното јавно обвинителство во Гевгелија, откако претходно два пати несупешно конкурирала. Годинава мандатот и е продолжен за уште четири години.

Таа е едукатор во Академијата за судии и јавни обвинители, а според нејзината биографија, има завршено повеќе обуки за борба против мафијата, корупцијата и организираниот криминал.

Во 2005 година надлежноста на гевгелискиот суд и обвинителство се менува – двете институции стануваат надлежни само за постапување по дела за кои следуваат затворски казни до 5 години. Тоа се најчесто дела како тепачки, кражби или сообраќајни несреќи, па оттаму произлегуваат и дилемите дали Јанева ќе може да се справи со потешки дела како организиран криминал, со оглед на тоа што нема искуство во оваа област.

Упатените велат дека сепак, најважен е тимот што ќе го избере Јанева.

„Независно што станува збор за политички договор, добро е што е од редот на обвинителите, а за тоа дали има или не искуство на работа со потешки предмети е ирелевантно бидејќи секој обвинител лесно може да се вклопи ако ја има пред себе матрицата по која работи Јавното обвинителство“ , изјави за БИРН Љупчо Шврговски, поранешен јавен обвинител на РМ.

За познавачите на правосудниот систем изборот на Јанева беше изненадување, со оглед на тоа што не е позната за пошироката јавност. Сепак, судски извори коментираат дека досега таа ја извршувала својата работа неутрално и професионално.

Јавниот обвинител кој треба да ги гони кривичните дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ќе има плата која ќе биде за 10 проценти помала од сегашната плата на јавниот обвинител Марко Зврлевски, а тимот кој ќе го предложи исклучиво од редот на постојните јавни обвинители ќе има плати како обвинителите во сегашното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Решението во законот за кој постигнаа согласност четирите политички партии, предвидува името на јавниот обвинител да се утврди преку Комисијата за избори и именувања во Собранието, а изборот да го направи Советот на обвинители со две третини од бројот на членови.

Со вакво мнозинство од вкупниот број на гласови, Советот на обвинители ќе го избира и тимот на обвинители, од редот на постојните јавни обвинители. По изборот, обвинителката треба да направи внатрешен распоред на обвинителите, кои во зависност од потребата ќе настапуваат пред Основниот, Апелациониот или Врховниот суд.

Сепак, многу решенија во законот, поради брз превод и недоволно објаснување отвораат простор за дилеми. Првата е токму за луѓето кои ќе го сочинуваат тимот на специјалниот обвинител. Тие ќе бидат од редот на постојните обвинители, за кои опозицијата изразуваше сомнеж во нивната работа и затоа се преговараше за специјален обвинител.

Седиштето на обвинителството ќе биде во Скопје, а во рок од 3 дена, сметано од денеска Министерството за правда треба да обезбеди основни простории, а во рок од 35 дена целосни простории и финансиски средства.

Во рок од 30 дена од назначувањето на обвинителот, специјалниот јавен обвинител до Собранието и до Владата ќе достави финансиски план и список на луѓе кои ќе му бидат потребни за работа. Просториите во кои ќе бидат сместени специјалните обвинители треба да се надвор од сегашното јавно обвинителство, за да се постигне фактичка и соодветна истражителска и обвинителска независност.

Обвинителот ќе постапува за дела поврзани со прислушувањето од 2008 до 2015 година, постапувајќи по снимките кои се доставени до сегашното обвинители до 15 јули, но како што стои во законот, не само по нив, туку и по дополнително доставени.

Обвинителите кои ќе работат во специјалното обвинителство, по неговото укинување ќе се упатат на работа во Јавното обвинителство на позиции кои ќе одговараат на нивниот степен на образование и платата што ја примале.

На Специјалниот обвинител му се дава можност да отвори истражен центар во кој може да ангажира стручни соработници, експерти, советници, истражители и административен персонал кој ќе работи во Центарот.

Решенијата предвидуваат целосна независност на Специјалниот од сегашниот Јавен обвинител, со тоа што предметите целосно ќе се реферираат само пред Специјалниот обвинител, и за тоа нема да знае ниту да се меша било кој обвинител од сегашното обвинителство кои не се дел од тимот.

За својата работа, предвидено е да ја информира јавноста, а на секои 6 месеци ќе доставува извештај и до Собранието на Република Македонија, со тоа што, ќе има право одредени делови ако смета дека треба да бидат тајни, да не ги споделува ниту со пратениците.