Остануваат уште три месеци и 10 дена за Кежаровски да го заврши одлежувањето на затворската казна од две години. Во моментот кога ќе ја прими одлуката на Апелацискиот суд и кога ќе му стигне поканата за одлежување на затворската казна, тој ќе мора остатокот да го издржува во затвор, велат од одбраната
Новинарот Томислав Кежаровски остатокот од казната ќе мора да ја издржува во затворот во Шуто Оризари, велат од адвокатскиот тим на Кежаровски.
Новинарот сега е правосилно осуден на 2 години затвор. Остануваат уште три месеци и 10 дена за оваа казна да биде издржана. Во моментот кога ќе ја прими одлуката на Апелацискиот суд и кога ќе му стигне поканата за одлежување на затворската казна, тој ќе мора остатокот од казната да го издржува во затвор.
Од адвокатскиот тим на Кежаровски велат дека ќе ги исцрпат сите правни средства за случајот да стигне до судот за човекови права.
„Имаме правосилно осуден новинар за два објавени текстови. Тоа е преседан, и на Балканот и во Европа. Никаде и никогаш не се случило новинар да биде осуден на толкава затворска казна за објавени текстови“, вели Филип Медарски, адвокат на Кежаровски.
Тој вели дека ќе бараат вонредно преиспитување на одлуката пред Врховниот суд а потоа случајот ќе оди пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Новинарите на протести: „И јас сум Кежаровски“
Новинарите денеска го изразија својот револт за пресудата на Кежаровски пред Апелацискиот суд во Скопје. Тие повикаа на масовен протест во вторник во 12 часот. Со транспаренти „И јас сум Кежаровски“, на повеќе јазици, тие порачаа дека сега се уште посплотени во одбраната на слободата на медиумите.
„Не прифаќаме никакви калкулации затоа што само еден ден затвор е многу за невин новинар и е голема казна која прави голема штета врз слободата на говорот и на медиумите. Апелација сака да нè убеди дека државата никогаш не греши и со тоа сака да нè обесхрабри како новинари критички да ја опсервираме работата на државните институции. Ако власта сакала да не уплаши, се излажа, бидејќи како никогаш порано сега сме сплотени во одбрана на Кежаровски. Затоа што сите сме Кежаровски“, изјави Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Тамара Чаусидис од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници изјави дека со пресудата против Кежаровски, осудено е целото македонско новинарство.
„Кежаровски е невин и македонското новинарство е невино. Ние како новинари нема да замолчиме и да ја прифатиме одлуката на судот затоа што тоа значи замолчување на новинарите“, изјави Чаусидис.
Одлуката е срам за државата
Реакции пресудата пристигнуваат и од меѓународната заедница. Кристијан Мир, извршен директор на „Репортери без граници“ од Берлин за БИРН изјави дека станува збор за „апсурдна одлука“.
„Најостро ја осудуваме затворската казна против Кежаровски. Тоа е една апсурдна одлука. Кежаровски направи една единствена грешка, а тоа е што ја критикуваше власта. Ние, и покрај оваа судска одлука, остануваме на ставот дека нема ништо лошо во тоа“.
На неговиот Фејсбук профил денеска тој напиша: Je suis Keza! #Freedom4Kezarovski
Од Европската федерација на новинари (ЕФН) преку писмено соопштение изразија загриженост за пресудата против новинарот.
„Тој само ја вршеше својата работа. За тоа тој не треба да биде осудуван. Оваа одлука е вистински срам за државата“, вели претседателот на ЕФН, Могенс Бјергард.
„Оваа пресуда праќа порака за цензура и за останатите новинари во земјата. Насекаде во Европа на новинарите им е овозможено да се занимаваат со истражувачко новинарство во име на јавниот интерес и се ослободени од секакви закани за затворски казни. Овој случај ние ќе го пријавиме до сите организации за слобода на медиумите“.
Во 2013 година, кривичниот суд во Скопје го осуди Кежаровски на 4,5 години затвор. Тој од мај до октомври 2013 година казната ја издржуваше во истражниот затвор во Шуто Оризари, а оттогаш е во домашен притвор. Вчера Апелацискиот суд се изјасни по жалбата што тој ја поднесе и го осуди Кежаровски на затворска казна од две години.