Напаѓајќи ја неосновано и неоправдано пратеничката Бонева, поединци и групи ги релативизираат и игнорираат вистинските причини поради кои нејзината партија е, или треба да биде изложена на критика. Со нивните измислици, тие, всушност, ја минираат битката за демократски вредности.
Итно мора да престане вулгарната, невистинита и хистерична кампања насочена кон моралниот интегритет на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева.
Борбата за демократијата кон која се стреми општеството, не смее да биде минирана од поединци или групи кои социјалните мрежи ги користат како несанкциониран простор за плукање по секого, кои си пикираат лик од политичката полица и без никакви аргументи и докази, по принципот „сто пати повторена лага станува вистина“ – се изживуваат врз него со конструирани приказни за наводни љубовни афери.
Такви поединци и групи ја компромитираат мојата, вашата и општата заложба за демократски стандарди. Тие не можат да разберат дека фундираното незадоволство и критиките кон одредена партија, во случајов кон ВМРО-ДПМНЕ, не можат да се ефектураат ниту да бидат сериозно сфатени ако се рализираат преку конструирање персонални афери за кој било нејзин партиски член, во случајов, денес за Силвана Бонева, утре за некој друг.
Напаѓајќи ја неосновано и неоправдано Бонева, тие ги релативизираат и игнорираат вистинските причини поради кои нејзината партија е, или треба да биде изложена на критика.
Втората голема штета што ја предизвикуваат е оставањето сомнежи дека ваквите напади мора да се природно мотивирани директно од опозицијата. Доказ дека веќе постигнале успех во тоа е обраќањето на Бонева директно до лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со барање тој да се огради од шпекулациите, клеветите и лагите објавени на некои „опозициски портали“.
СДСМ навистина ќе мора да се огради од ваквите фантазмагорични писанија за Бонева од страна на индивидуалци, групи и портали, бидејќи веќе е перфидно вовлечена во опасна стапица, поради неколку причини.
Прво, неколку портали, чија работа е под какво било професионално ниво, деновиве побрзаа да „раскажат“ куп детали од наводни секс афери за јавни личности. Тајмингот им беше мудро избран. Следеше по оваа изјава на Шеќеринска, дадена во ТВ-интервју: „Се разбира дека имало многу приватни разговори кои можеби би биле поатрактивни за македонската јавност, а поболни за луѓето во власта. Имало. Меѓутоа од првиот до последен момент одолеавме на тој предизвик. Знаете, кога сте опозиција ќе речете – пушти разговор, па нека црвенее некој министер или премиер. Ни еднаш не ја преминавме таа граница и мислам дека на тој начин покажавме дека овие информации не ни се в раце за ние да ги злоупотребиме туку за да ја нормализираме состојбата“.
СДСМ можеби не ја премина границата, ама некои т.н. медиуми ја преминаа. Прашање е дали и колку тие портали се „опозициски“ или само така треба да изгледаат за потребите на некој друг. Но, бидејќи со такви прикаски се шлепуваа директно по изјавата на Шеќеринска, партијата или мора да покаже остар гард кон ваквите појави или во спротивно, со молкот ризикува да остави впечаток или директно да потврди дека таа ги инспирирала.
Второ, ако лидерот на СДСМ вели дека опозицијата поседува само дел од прислушувани комуникации, а дека комплетниот посед на материјалите е во УБК, тогаш можна е една многу ризична ситуација. Што ако власта реши да ја „жртвува“ интимната приватност на некој свој член, објавувајќи на Јутјуб негов разговор, со цел за таквиот потег автоматски да биде обвинета опозицијата, која, нели, „ексклузивно“ ги поседува „бомбите“?
Додека опозицијата да докаже дека тие не ја преминале црвената линија туку некој друг, „оде воз у кукуруз…“
Затоа, токму опозицијата мора прва да инсистира на заштита од злоупотреба на приватноста преку објавување на прислушуваните комуникации, инсистирајќи на нивно што поскоро депонирање, архивирање и безбедносна заштита.
Патем, би било добро кога и пратениците на СДСМ од собраниска говорница би застанале во заштита на Бонева. Демократијата не значи само можност за борба против политичкиот опонент. Заложбите за демократијата се докажуваат и со борба за правата на личности од кампусот на опонентот, тогаш кога тие се загрозени или повредени.
Тоа би бил еден исклучително значаен и вреден момент со кој ќе почне да се гради политичка култура на почит кон противникот, со отфрлање ниски удари од чија било страна преку атавистистички методи.
Чекајќи тоа да се случи, како граѓанин и новинар, најостро ги осудувам произведувачите на невистини искажани кон пратеничката Бонева.
Во општество, заглавено меѓу патријархалното и мачоистичкото, во кое сѐ уште е најлесно на жените да им се лепат етикети, еднаш мора да почне да се прави разлика: што е незадоволство кон политичка опција и партија, а што измислен конструкт кон нејзин претставник.
Бонева е пратеничка со13 години стаж, една од најредовните и со значаен придонес во парламентот и неговите органи и тела. Секој може да ја опсервира и критикува нејзината работа ако има аргументи за тоа, но не може и не смее да ѝ измислува афери.
Ваквите напади кон неа, во време кога се предлага зголемување на квотата за жени во парламентот, може да демотивира многу жени да се откажат од намерата, поради стравување дека влегуваат во зоната на нечисти политички игри, чија прва жртва може да биде нивниот морален и професионален интегритет.
Во насока тоа да се спречи, повикувам на разум и почит. Бидете сигурни дека од тоа сите ќе имаме корист.