Мртов агол

Поради отсуство на дијалог за многу прашања, вклучително и за францускиот (европски) предлог устоличен во преговарачка рамка, власта и опозицијата наскоро ќе се најдат пред мртов агол во поглед на уставните измени. Власта сѐ уште е далеку од двотретинско мнозинство, а опозицијата и натаму најблиску до цементирано „не“.  

Од она што ќе се случува меѓу овие две спротивставени позиции, ќе зависи – како ќе изгледа следниот парламент. Уставните измени од „цел“, во следниот период ќе се претворат во „средство“ за изборни калкулации.

Имено, колку повеќе опозиционерите цврсто се држат до нивното „не“, толку повеќе власта пред меѓународните партнери ќе има чисто алиби зошто не успеало нејзиното „да“. И со тоа ќе издејствува препорака за себе, заедно со другите проевропски сили (како што ќе бидат ословувани приврзаниците за уставни измени) за компонирање големо мнозинство во идниот парламент, според принципот „сите (проуставни) зрна во еден амбар/коалиција“. 

Влезот на АА во Владата е првата ластовичка од очекуваното идно поголемо јато, што треба да ја направи коалициската „пролет“

Тогаш нема да биде важно дали СДСМ добил помалку на изборите, ни дали ВМРО-ДПМНЕ добила повеќе, туку чиј коалициски капацитет ќе биде поголем. Слично како и во 2017 година. Ако тогаш во прашање беше ставање крај на власта на Груевски, овојпат целта ќе биде кревање на рампата за Втора меѓувладина конференција, односно за отворање на првиот кластер во преговорите со ЕУ, преку исполнување на главниот услов – влез на Бугарите во Уставот.

Ваков развој навестува сегашната ситуација. Најавувањето работна група задолжена да подготви амандмани, кои потоа би оделе на јавна расправа, наликува на јакнење на впечатокот дека „власта прави сѐ што е во нејзина моќ“. Но, речникот со кој власта ја повика опозицијата да учествува со нејзини експерти во работната група, не е баш соодветен, ако навистина сака да ги убеди да се придружат.

„Сметам дека опозицијата тоа треба да го прифати, иако во минатото се покажало дека тие во ништо не сакаат да учествуваат, освен во блокирање на Собранието. Меѓутоа, мислам дека овојпат треба да учествуваат“, порача Ковачевски.

Кој би бил мотивиран со ваква „покана“, дури и да не е политички архиопонент на власта? Никој. И тука почнува „игранката“. Со одбивање ваков предлог, ВМРО-ДПМНЕ, не сакајќи, субвенционира идно, постизборно сценарио, во кое сите што полошо би поминале на изборите, полесно ќе може да состават влада, преку монополизирање на нивната улога во интеграцискиот процес за Македонија, а со амин од меѓународните партнери.

Влезот на АА во Владата е првата ластовичка од очекуваното идно поголемо јато, што треба да ја направи коалициската „пролет“.

Зошто? Во време кога на тлото на Европа се води војна и никој не може да го предвиди нејзиниот тек, во клучните политички престолнини првата нелагода ќе дојде од прашањето – што ќе се случи ако поддржувачите на уставните измени повеќе нема да бидат во позиција да го водат процесот? Второ, веќе постои презаситеност од потребата за ново медијаторство во земја за која се смета дека ги затвора споровите со соседите, а во време кога ангажманите во други земји (Србија, Косово и БиХ) сѐ уште завршуваат како во дупка без дно.

До утре може да ламентираме дека бугарското вето не е тргнато, туку временски поместено пред Втората меѓувладина конференција и условено со уставни измени (како што лани летото се пофали и Кирил Петков). Илјада пати може да повторуваме дека тој пат е послан со стапици и услови неспоиви со европските вредности и дека ЕУ замижала пред невиден преседан… Но, сето тоа сега не го решава проблемот, бидејќи рамката е прифатена, а тврдењата дека таа не е „Библија“ и може да се промени, не добиваат потврда од семејството земји што еднаш ја усвоиле.

Незапирливо се ближи денот кога нема да биде важно кој е власт, кој е опозиција во испразнета држава, бидејќи ни пет луѓе не ќе може да се соберат дури и за фудбал на мали голчиња, а камоли за поголеми нешта

Опозицијата повикува дека мандат за уставни измени треба да дадат граѓаните на избори, со што и самата, фокусот за решавање на ова прашање го префрла на изборите. А, критиките од премиерот дека „ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски дејствуваат лицемерно околу уставните измени – едно зборуваат пред граѓаните, а друго во амбасадите“, само уште повеќе ја турка опозицијата кон докажување дека е конзистентна и дека нема да се премисли.

И таквиот наратив од власта не изгледа како отсуство на политички такт, туку како на планирана тактика. Исто, како што беше чудно мнозинство да се „окрупнува“ (за уставни измени) со тоа што една партија ќе влезе, ама друга ќе излезе, и никој нема да се потресе за тоа. Со чинење и нечинење е направен совршен мртов агол, во кој уставните измени повеќе наликуваат на симулирана тема од интерес, наспроти вистинската – калкулации за (по) избори.

Данок од ова поведение ќе бидат изгубени месеци, во кои ќе доминира наратив за тоа кој ги урива, а кој ги брани идентитетските темели, партиските ефектуирања на родољубиви емоции контра интеграциите и обратно, мобилизирање презир на граѓаните кон естаблишментот и од естаблишментот кон „кочничарите на иднината“, накусо – еден нов вртлог, кој ќе остави тешки последици во општеството.

Со сигурност може да се прогнозираат нови бранови на иселување, кои ќе ја водат земјат на еден сигурен пат – ни кон Запад, ни кон Исток, туку во последната фаза од катаклизмата на нејзиниот социјален капитал. Незапирливо се ближи денот кога нема да биде важно кој е власт, кој е опозиција во испразнета држава, бидејќи ни пет луѓе не ќе може да се соберат дури и за фудбал на мали голчиња, а камоли за поголеми нешта.

Ова дури и од мртов агол јасно се гледа. Ако некој сака да го види.   

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија