Истражувањa

Македонија распната меѓу крстот и полумесечината

Во последните десет години во Македонија се изградени речиси 350 нови џамии и минариња и речиси исто толку нови цркви, црквички, манастири, параклиси, крстови, камбанарии…

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
Црква во дворот на хотел „Плаза“ во Маврово | Фото: Александар Писарев

Црква во дворот на хотел „Плаза“ во Маврово | Фото: Александар Писарев

Религијата во Македонија има сè поголема и посилна улога во политичкиот и во јавниот живот. Таа не е повеќе само приватна работа на поединецот, туку креира потенцијал да влијае врз општеството и врз политиката и станува битен фактор во политичкиот и во јавниот живот. Она што посебно загрижува е сè поголемото влијание на црквата врз јавниот простор, кој според дефиниција треба да е секуларен и лишен од религиското влијание.

Во земјава има 1952 цркви и 580 џамии, а најмалку педесетина цркви и десетина џамии се во изградба или обнова. Ова значи дека на 831 жител во Македонија доаѓа по една црква или џамија.

Според резултатите од анкетата за религиозниот договор во Македонија, што минатата година  ја спроведе фондацијата „Конрад  Аденауер“, мнозинство од 74,2 проценти од анкетираните граѓани од православна вероисповед сметаат дека во земјава има доволно цркви, а 20,4 проценти сметаат дека ги има дури и премногу. И 44,6 проценти од анкетираните муслимани мислат дека има доволно џамии, а 43,1 дека има премногу.

Во двете најголеми верски заедници во државата, Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ ОА) и Исламска верска заедница (ИВЗ), сметаат спротивно – дека бројот  на верските објекти не ги задоволува реалните потреби на граѓаните. Тие меѓусебно се обвинуваат за агресивниот настап и за непочитување на законите при изградбата на верските објекти.

Притоа, МПЦ  ОА ја обвинува ИВЗ дека ги освојува традиционалните етнички простори на православните христијани и дека поради тоа се принудени со масовното поставување на крстови, параклиси, цркви и црквички да го бранат својот етнички простор од „агресивниот настап на муслиманите“.

Хаотична слика

Во ИВЗ се категорични дека бројот од 580 џамии во Македонија не одговара на потребите на нивните верници. „Исламските верници се со различна етничка припадност и сочинуваат 40 проценти од населението во државата. Нашите верници се принудени во петочните молитви да се молат во дворовите и надвор од храмовите оти нема место внатре. Во Прилеп над 10.000 наши верници немаат каде да се молат затоа што не се дозволува обновата на опожарената Чарши џамија“, вели Африм Таири, генералниот секретар на ИВЗ. Тој смета дека во јавноста се создава погрешен впечаток дека се градат многу џамии, а дека се занемаруваат вистинските потреби на верниците.

На 831 жител во Македонија доаѓа по една црква или џамија | Фото: Александар Писарев

На 831 жител во Македонија доаѓа по една црква или џамија | Фото: Александар Писарев

Изградбата на верските објекти, цркви, параклиси, крстови, минариња, џамии оддава хаотична слика. Најголемата динамика на изградбата на нови цркви, параклиси крстови и други верски симболи е во скопската населба Аеродром. Жителите на населба Аеродром велат дека оваа тенденција ја најавил уште во 2008 година тогашниот градоначалникот на Аеродром, Кирил Тодоровски. „Тој веднаш по изборот на функцијата најави изградба на пет нови цркви во нашата населба, кои се утврдени и зацртани во урбанистичкиот план, и постави камен-темелник на црквата „Св. Илија“. Новиот градоначалник на општина Аеродром, Ивица Коневски, уште поамбициозно пристапи кон изградба на нови цркви и верски обележја на територија на нашата општина. За пет години, практично, на секоја крстосница во населбата Аеродром е изградена по една црква, така што само во централниот дел на населбата имаме вкупно осум цркви, кои  според она што јас можам да забележам, се многу слабо посетени. Всушност, освен црквата „Св. Илија“, другите се постојано заклучени“, раскажува Мишо Цвијиќ, жител на урбаната заедница „Васко Карангелески“ во населбата Аеродром.

Религиозните објекти одамна не се храмови на верата, туку алатки за остварување и манифестирање на политичката моќ и секоја хомогенизација по верска основа само ќе ѝ нанесе штета на Македонија

Пред неколку недели во оваа населба е поставен камен-темелник за уште една „руска црква“, „Св. Троица“, која треба да го обележи и маркира просторот во и околу спортскиот комплекс „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“, кој е во изградба, а чиј ктитор е рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Во план е изградба и на црква спроти Железничката станица, која е во близина на населбата.

Во Скопската епархија е најавена изградба на нови цркви во Кисела Вода, Карпош, Влае, Дебар Маало, Драчево и Илинден.

Со присуство на актуелната министерка за култура, Елизабета Канчевска-Милеска, на почетокот од ова лето, во скопското село Љубанци е поставен камен-темелник за изградба на нова камбанарија во црковниот комплекс „Св. Никола“, чиј ктитор е Јохан Тарчуловски, кој беше осуден за воени злосторства од Хашкиот трибунал.

Со изградбата на „Милениумскиот крст“ на врвот на Водно и црквата на Плаошник започна поддршката на државата, односно трошењето на парите на граѓаните за изградба на верски објекти. Веднаш по изборите во 2006 година, Владата донесе одлука да ја финансира изградбата на црквата „Константин и Елена“ на централниот скопски плоштад Македонија, а како носител на проектот е назначено Министерството за култура.

Владата донирала и 150.000 евра за почетокот на изградбата на црквата на Сите светители во Битола. Тоа предизвика бурни реакции во ИВЗ, која побара во центарот на Скопје да се изгради, односно да се возобнови и „Бурмали џамијата“.

Примерот го следеа речиси сите општини во државата кои покренаа иницијативи и понудија финансиски олеснувања и ослободување од комуналните такси за ктиторите на црквите. Оној што гради црква е ослободен и од даночните обврски при градежните работи. Така започна трката меѓу угледните бизнисмени, јавни личности и политичари кој ќе изгради повеќе цркви и на помаркантни локации, обележувајќи го на тој начин „својот простор“.

Еклатантен пример на маркирање на просторот со верски објекти беше и почетокот на изградбата на црква на скопското Кале, по што избија немирите и судирите меѓу Македонци и Албанци и поради што Калето до денешен ден е затворено за посетители, а како што велат луѓето кои успеале да се искачат, од темелите на објектот, чија изградба тогаш беше стопирана, веќе е изградена црква. Сличен пример на „обележување и узурпирање со верски објект“ на јавен простор има и во националниот парк Маврово со изградба на црквата во пределот околу некогашниот хотел „Плаза“, која ја гради семејството на поранешниот министер за финансии Борис Стојменов.

Таири прашува дали се ова „маркери“ на просторот каде што присуството на муслиманите не е пожелно. Меѓу јавни личности, актуелните и бивши политичари и бизнисмени кои јавно се декларираат како ктитори и кои од поставувањето камен-темелник и од почетокот на градбата на верските објекти направиле државно-црковни настани се: Ванчо Чифлиганец, сопственик на градежната фирма „Адора“, кој ја изгради црквата „Св. Јован“ во населбата Аеродром, Сашо Давитковски, сопственик на „Скопски пазар“, ктитор на црквата „Св. Софија“, која се гради во Ново Лисиче,  Живко Пандев, сопственик на градежната фирма „Жикол“, кој ја гради црквата „Св. Никола“ во Горно Лисиче и две цркви во источниот дел на Македонија. Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев ова лето започнаа изградба на црква „Св. Димитрие“ во штипско Ново Село. Со помалку помпа, години наназад, и бизнисмените Ристо Гуштеров и Трифун Костовски изградија нови соборни православни храмови во Радовиш и во Скопје.

Со црковно-државни церемонии и свечености на кои присуствуваа актуелните политичари, меѓу кои и премиерот, многубројни поединци, групи, општински раководства и бизнисмени, започна изградбата на нови  цркви во Прилеп, Струмица, Кичево, Мислешево, Лескоец кај Охрид, Новаци, Стојаково, Штипско Ново Село, Видовиште, Зрновце, Битола, Јанкоец, Претор, Сливница, Штрбово, Долно Лагово, Селце и Дрен. Најавена е изградба на  осум нови цркви во Преспанско-пелагониската епархија. Ктитори се поединци-бизнисмени, цели семејства или групи граѓани.

Во последните десет години во Македонија се изградени и 350 нови џамии, од кои само на потегот Скопје-Тетово-Гостивар и потшарпланинските села се изградени 88 нови џамии, некои во потполно ненаселени локации на Сува Гора и западните падини на Водно. Во селото Теарце е обновена старата џамија, а започната е изградба нова џамија и нова црква. Во Требиште и Ростуше по 2006 година се изградени две нови џамии. На влезот во Тетово е недовршената џамија, а на потегот Гостивар-Боговиње се изградени десет нови џамии. Нови џамии се изградени и во селата Чегране, Форино, Слупчане, Ваксинце и во Липково. Во Кичевско, во последните осум години се обновени и изградени седум џамии, а неодамна е поставен камен-темелник и на осмата џамија. Нови џамии се изградени и во Валандово и во Демир Хисар.

Линија на етничко делење

„Македонски крст“ на влезот од населбата „Аеродром“. Тодор Петров смета дека Македонците имаат право да си го обележат просторот со симбол во кој веруваат | Фото: Александар Писарев

„Македонски крст“ на влезот од населбата „Аеродром“. Тодор Петров смета дека Македонците имаат право да си го обележат просторот со симбол во кој веруваат | Фото: Александар Писарев

Професорот Цане Мојаноски, поранешен претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, вели дека во Македонија има премногу цркви и џамии во однос на реалниот број верници кои редовно ги посетуваат верските обреди и дека тие се движат по линија на етничкото делење.

„Тие претставуваат маркери на територијата која се освојува од страна на етнички дефинираните политички партии. За нив, религиозните објекти одамна не се храмови на верата, туку алатки за остварување и манифестирање на политичката моќ и секоја хомогенизација по верска основа само ќе ѝ нанесе штета на Македонија“, вели Мојаноски.

Во МПЦ ОА сметаат дека изградбата на црквите е во функција да се спречат „освојувачките тенденции на муслиманите“, кои почнуваат да ги населуваат и традиционалните христијански простори.

„Изградбата на верските објекти не треба и не смее да се става во контекст на одбележување на националната територија, бидејќи ќе ја загуби својата основна суштина. Меѓутоа, реалната ситуација на теренот покажува дека муслиманите ја освојуваат територијата и ја обележуваат со верските објекти и таму каде што реално немаат население и верници. Како одговор на тоа, ние градиме цркви, поставуваме крстови и ја браниме нашата територија од освојувачи. Ја чуваме  територијата која е наша и се трудиме на сите верници да им обезбедиме услови достоинствено да си ги изразат и негуваат своите религиозни чувства“, вели отец Бобан Митевски, професор на Богословскиот факултет во Скопје и шеф на кабинетот на поглаварот на МПЦ ОА, г. Стефан.

Веднаш по најавата дека „стокатниците“ во Аеродром ги гради „Скај сити“ на „Џеваир холдинг“ од Турција и дека становите во овој комплекс им се понудени на продажба најмногу на граѓаните на Тетово и Косово, Светскиот македонски конгрес (СМК), поддржан од градската и локалната власт реши на ова место да изгради 51-метарски „Македонски крст“. Ова е најеклатантен пример на отворен повик за сегрегација и делење по етнички и религиозни рабови и узурпирање на јавен простор кој е наменет за сите граѓани.

Тодор Петров, претседател на СМК од говорницата на државно-црковната свеченост им порача на присутните: „Македонците, христијани, го препознаваат својот етнички простор и треба да го обележат со симбол во кој веруваат. Крстот е легитимација на Македонците и имаат право со него да го обележат својот етнички простор“.

Во тој контекст МПЦ ОА  ја оправдува изградбата на големиот крст во населбата Аеродром како симбол на одбрана на територијата која им припаѓа на христијаните. „Неодговорната и брзоплета одлука на надлежните локални власти, изградбата на овој станбен комплекс и продажбата на становите да ја доверат на муслиманската компанија го испровоцира овој потег на Светскиот македонски конгрес.  Изградбата на Крстот би требала да ги одврати муслиманите да се населуваат таму каде што веќе има  христијански симбол“, вели отец Митевски.

Обвинување за ексклузивност

Африм Таири: Секуларноста на државата е директно нарушена и со одлука на Владата во рамките на проектот Скопје 2014 да се градат цркви

Африм Таири: Секуларноста на државата е директно нарушена и со одлука на Владата во рамките на проектот Скопје 2014 да се градат цркви

Африм Таири, генерален секретар на Исламската верска заедница во Македонија, оценува дека МПЦ ужива ексклузивна положба во македонското општество и е во спрега со државните институции и Владата, што се огледува во нивното постојано присуство и учество таму каде што како на религиозна заедница не им е местото.

„Свештениците на МПЦ осветуваат или поставуваат камен-темелници на јавни објекти и световни згради кои треба да бидат наменети за сите категории на граѓани без оглед на нивното верско определување. Со нивното учество на вакви манифестации и поставување на верски обележја на јавни места и на јавни објекти, тие ставаат до знаење дека се доминантни и дека го оградуваат својот простор. Секуларноста на државата е директно нарушена и со одлука на Владата во рамките на проектот Скопје 2014 да се градат цркви. Ваквите тенденции ги следат и локалните самоуправи и министрите од Владата. Ако сме мултиконфесионална секуларна држава, тогаш на отворање на јавни објекти или почеток на нивната градба нашето присуство како верски службеници може да биде само во функција на декор како граѓани на оваа држава, а не во функција на извршување верски обред“, вели Таири.

Во ИВЗ отворено ја обвинуваат државата и актуелната конзервативна власт дека ѝ дава ексклузивност на МПЦ ОА и дека селективно ја применува секуларноста на државата. Односно, дека, она што е секуларно за муслиманите, кога е во прашање изградбата на нови или обновување на старите верски објекти, не важи за МПЦ ОА која има ексклузивно право и може да гради цркви и верски објекти каде и кога ќе посака.

Во МПЦ ОА се бранат дека е тоа  реална потреба на православните верници. „Во метрополата, на пример, од Соборниот храм во центарот на градот до најдалечната приградска населба Ѓорче Петров нема ниедна црква, а ветувањето на градоначалникот на општината Карпош, Стевче Јакимовски, дека во Влае ќе изгради црква, не е остварено“, вели отец Митевски.

Измислени верници

Архитектката Маја Арсова, која последните десет години сериозно ги проучува и споредува идентитетските слики на урбаните средини во Македонија и европските градови, вели дека „не ретко критериумите за изградба на верските објекти не се духовните верски потреби на мештаните, туку повеќе станува збор за симболични акти на верска демаркација. Истото важи и за нивната големина. Постојат единствени урбанистички стандарди според кои на секој верник во храмот треба да му се обезбеди од 0,25 до 0,6 м2 што би му овозможило стоење, седење или клечење. Според европските нормативи идеално е сакрални објекти да се планираат на 10-12.000 верници и храмот според површината да одговара на бројот на верници кои гравитираат кон него, односно 250 до 500 м2, според реалниот број на верници“, Вели Арсова.

За да се обележи просторот не се води сметка за естетско и урбанистичко уредување на градот | Фото: Александар Писарев

За да се обележи просторот не се води сметка за естетско и урбанистичко уредување на градот | Фото: Александар Писарев

Во Македонија не е направено истражување колкав е процентот на припадници од православната или од муслиманската вероисповед кои редовно одат во храмовите на молитва. Според искуството на парохискиот свештеник во населбата Аеродром, кој сака да остане анонимен, само пет до десет проценти од припадниците на православните христијани во оваа населба редовно одат в црква на неделната литургија, се исповедуваат и се причестуваат.  За време на ова истражување, на пример, во најголемиот православен храм во Скопје, „Св. Климент Охридски“, на денот на еден од најголемите христијански празници, немаше повеќе од триесетина верници.

Љубица Ајтовска од населбата Аеродром е често во тамошната црква „Св. Илија“. „Црквата ми е во „авлијата“ и секое сабајле присуствувам на литургија. Ретко има повеќе од десетина верници, а црквата е полна само кога има некоја венчавка, за Божик или за Велигден. Тогаш доаѓаат повеќе за адетот отколку што навистина веруваат во Господ“, вели Ајтовска.

Во Скопје, џамиите се полни само во петок, за време на петочната молитва – џума, кога оџата посебно им се обраќа на верниците. Во околина на Скопје, во Палиград, Алдинци, Црвена Вода… нема ни верници, ни оџа. Во празните села стојат само минарињата како стражари на „својата“ територија.

„Новите храмови, без оглед од која конфесија се, не би смееле да ги загрозат постојните пејзажи, панорама и просторните репери и објектите кои се веќе симбол на градот. Локалните заедници  можат да имаат позитивен став кон иницијативите за изградба на верски објекти доколку постои доминантна концентрација на верници во зоната каде што се бара изградбата, меѓутоа, процедурата за планирање на такви објекти мора да биде максимално јавна и транспарентна. Европските и светските искуства се такви што за изградба на вакви објекти, како и за школи, факултети, болници и градинки се прави студија за реалните потреби на населението“, вели Арсова.

Владиката на Европската епархија на МПЦ ОА, г. Пимен, вели дека со масовната изградба на камбанариите и минарињата се бележи освоена територија.

„Тоа не е случај само во Македонија. Од искуство може да кажам дека низ Европа денес, освен што камбаната и минарето се декоративен елемент на верските објекти, за жал, тие се и објекти со кои треба да се покаже доминација на одреден простор, нешто како маркери за бележење на освоена територија“, вели владиката Пимен.

Поранешниот претседател на Комисијата за односи со верски заедници, Цане Мојановски, смета дека градбата на вакви обележја претставува новосоздаден манир на актуелната власт и политичка стратегија за етничко и верско обележување на териториите во сите делови на Македонија што долгорочно може да се толкува и како знак дека „другите“ не се добредојдени на веќе обележаните територии, со што државата и граѓаните се враќаат во средновековието, се нарушува секуларноста на државата и институциите.

„Барикади“ од крст и полумесечина

Професорката Мирјана Најчевска, поранешен претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права и граѓански активист, вели дека чувството за припадност кон одредена религија е човеково право кое не смее да се загрози. „Меѓутоа државата често отворено се меша и во верските прашања и под плаштот на заштитата на националните интереси ја става МПЦ ОА во уникатна положба, директно влијаејќи врз нарушување на секуларниот карактер на државата. Со оглед на етничката бинационалност на Македонија истото го побарува (и добива ИВЗ) на териториите кои ги маркирала како свои, што како краен резултат доведува до поделба на граѓаните по верска основа, која всушност е помогната од страна на државата“, вели Најчевска. Таа смета дека во Македонија е воспоставена моќна симбиоза меѓу религијата и политиката зајакната од фактот дека религиското разликување во голема мера се движи по линијата на етничко делење.

Дали верскиот симбол на влезната порта треба да ги селектира посетителите на обележениот простор | Фото: Александар Писарев

Дали верскиот симбол на влезната порта треба да ги селектира посетителите на обележениот простор | Фото: Александар Писарев

Според неа тоа се огледува во бројот на верските објекти кој е многу поголем од бројот на реалните верници кои редовно би ги посетувале. „Религиозните објекти претставуваат само маркери на територијата која се „освојува“ од страна на етнички дефинираните политички партии. Религиозните објекти не претставуваат кумулација на хуманитарно дејствување на луѓето кои ја манифестираат својата вера преку помагање на другите, туку места во кои се врши политичка пропаганда и се држат политички ориентирани проповеди. Со своето присуство на световните настани и манифестации, свештениците даваат легитимитет на власта и создаваат илузија дека станува збор за народна власт. Обележувањето на територијата се врши и преку настава за религијата која им се наметнува на учениците. Во вакви услови, оценува Најчевска, меѓуетничките тензии многу лесно добиваат верски карактер и овозможуваат јасна поделба на граѓаните, која, во одредени моменти погодува за брза мобилизација во насока на насилно дејствување.

Мирјана Најчевска: Државата отворено се меша во верските прашања и влијае врз нарушување на секуларниот карактер на државата

Мирјана Најчевска: Државата отворено се меша во верските прашања и влијае врз нарушување на секуларниот карактер на државата

„Таа симбиоза е демонстративна особено при поставување на разни камен-темелници и почетоци на изградба на објекти, без оглед  дали станува збор за световни или за духовни содржини“, вели Најчевска.

Во контекст на ова, Сашо Орданоски, новинар и политички аналитичар, објаснува дека Македонија спаѓа во нешто што се нарекува „полусекуларни држави“. „Македонија не е ни целосно секуларна како Франција, на пример, ниту е целосно несекуларна како некоја источна теократија, туку е повеќе еден германски модел каде што државата и црквата се поделени, но државата ѝ помага на црквата на индиректен и „невидлив“ начин. Кога се националисти на власт, како ВМРО, тогаш таа помош е видлива, директна и демонстративна“, вели Орданоски.

Отецот Бобан Митевски смета дека Македонија не може да биде до крај секуларна држава поради вековната испреплетеност на македонската културата, традицијата и историјата со верата.

„Сите значајни моменти од историјата и суштествувањето на македонската држава и етникум се поврзани и испреплетени со црковната традиција и со датумите од христијанската религија. Тоа подразбира меѓусебно учество на државниот и на црковниот врв на сите манифестации поврзани со државните и со црковните празници“, вели Митевски.

Според него „црквата не би требала да биде заштитник на граѓаните по етничка основа, бидејќи тогаш ќе ја загуби основната суштина која произлегува од верата, меѓутоа во актуелната политичка ситуација и загрозеност на виталните национални интереси и традиционални вредности, црквата треба да биде активна и во општествениот живот и да го каже својот став околу прашањата кои се битни за нацијата и за државата.“

Рамадан Рамадани: Она што не се смета за секуларно кога е во прашање МПЦ ОА важи како секуларност кога е во прашање ИВЗ

Рамадан Рамадани: Она што не се смета за секуларно кога е во прашање МПЦ ОА важи како секуларност кога е во прашање ИВЗ

Експертот за религиозни прашања, оџата Рамадан Рамадани, вели дека „поради непризнавањето на МПЦ  ОА од страна на сестринските цркви и нејзината исклученост од православното единство, таа ужива уникатна положба. Се воспоставува чудна симбиоза помеѓу државата (власта) и црковната хиерархија во која едните на другите си помагаат во остварување на нивните интереси. Од друга страна, таквиот однос помеѓу МПЦ ОА и државата доведува до појава на асиметрична секуларност. Она што не се смета за секуларно, кога е во прашање МПЦ ОА, важи како примена на секуларност кога е во прашање ИВЗ“ . Така имаме ситуација во која државата ја поддржува изградбата на 51-метарскиот крст во населбата Аеродром и тоа не е нарушување на секуларноста на државата, а истовремено е против возобновување на урнатите џамии во општина Центар, во населбата Маџир Маало и во општината Аеродром, бидејќи тоа „ја нарушува секуларноста на државата“. Ширењето на стереотипот дека за Македонците сите Албанци се  муслимани, а за Албанците сите Македонци се православни христијани, директно носи идентификациски код и води во сегрегација“, оценува Рамадани.

Маргинализирани заедници

Во Македонија, освен православни христијани и муслимани, живеат и повеќе од 60.000 граѓани со поинакви верски убедувања (католици, протестанти, јеховини сведоци, припадници на разни источни секти како што се: Харе Кришна, муслимани од Дервишките редови, припадници на Православната охридска архиепископија – ПОА и други), чии верски права сè почесто се прекршуваат. Ова е особено видливо кај припадниците на ПОА  и кај дервишите кои се во директен конфликт со подржавените МПЦ ОА и ИВЗ.

Според податоците на Комисијата за односи меѓу верските заедници, на територијата на Македонија постојат и имаат свои следбеници уште триесет и две верски и религиозни заедници.

Иван Грозданов, проповедник на Христијанската-баптистичка црква во Македонија смета дека одлуката на Владата да изгради православна црква во центарот на Скопје претставува грубо кршење на правата на другите верски заедници. „Очигледно е дека Владата почна да прави од земјава средновековна црковна држава. Тоа е грубо кршење на Уставот и на гарантираната рамноправност на верските заедници. Евангелско-протестантските христијански цркви веќе 50 години не можат да добијат дозвола да изградат свои објекти во градот“, вели Грозданов.

Верските и религиозните заедници вон корпусот на МПЦ ОА и ИВЗ постојано се жалат на маргинализација од страна на државата.

Евангелско-методистичката црковна заедница има 5.000 верници. На територија на Република Македонија е присутна 150 години, вклучена е во екуменско единство со другите методистички цркви, а има само 12 верски објекти-цркви во Струмица,  Кочани, Радовиш, Скопје, Битола и Ресен. Тоа не е доволно да ги задоволиме религиозните потреби на нашите следбеници. Повеќе од 40 години бараме изградба на нови цркви во некои средини каде што се проширил бројот на верниците, но тоа не се дозволува под оправдување со секуларноста на државата и со деталните урбанистички планови според кои не е предвидена изградба на цркви за оваа конфесија“, вели Софија Трајковска, членка на секретаријатот на Евангелско–методистичката црква со седиште во Струмица.

Силвана Петрушева од Прахристијанска заедница „Универзален живот“ се жали на игнорантскиот однос на државната Комисија за односи со религиозните заедници и укажува дека МПЦ ОА има ексклузивитет како верска организација.

Според новиот Закон за верски заедници, кој е ускладен со европската норматива за оваа област, државата ќе мора да има повеќе разбирање и за другите верски заедници без оглед дали постојат слични во рамките на МПЦ ОА или ИВЗ, како што се ПОА и Бекташите, Ехли сунет велџемат и други.

Алиби за лоши политики

Црква во населбата Аеродром, не е важно што е недовршена, битно е просторот да е обележан со симболот на христијанството | Фото: Александар Писарев

Црква во населбата Аеродром, не е важно што е недовршена, битно е просторот да е обележан со симболот на христијанството | Фото: Александар Писарев

Професорот Цане Мојаноски смета дека врските помеѓу политиката и црквата се силни, иако црквата реално не може да придонесе за некои политички решенија. Меѓутоа таа влијае врз верничката структура и застанува во одбрана на некои политики на власта. „Така, од олтарот ќе слушнете потсетување на 100-годишнината од Букурешкиот договор за поделба на Македонија, повик за одбрана на интегритетот и името на државата, мешање во популационата политика, односите во семејството, бракот… Сите овие повици се наменети за домашната јавност и можат да претставуваат основа или да се користат како алиби во решенијата кои не се секогаш според очекувањата. Колку се девалвирани, односно применливи начелата на секуларизација и колку овие спреги на верата и политиката влијаат врз носењето одлуки кои не би смееле да ги земаат предвид верските начела туку исклучиво граѓанските, како што се на пример, односот кон  дефиниција на бракот, воспитување на децата и младите, прашањата врзани за абортусот и демографската политика“, оценува Мојаноски.

Социологот, професор Илија Ацевски, предупредува дека МПЦ ОА ужива ексклузивитет кај државата и врската помеѓу црквата и политиката е очигледно блиска во македонското општество. „Говорите на верските лидери сè повеќе личат на политички говори што не можат да најдат свое место и значење во една демократија, а последиците можат да бидат сериозни. Прво во смисла на нетрпеливост меѓу останатите, а второ се добива впечаток дека црквата презема врз себе решавање на политички проблеми што е исто така неразбирлива конотација“, вели Ацевски. Според Ацевски, проблемот е во тоа што партијата која е на власт често бара поддршка од МПЦ ОА, а верските говори се стават дури во контекст на политичко алиби во рамките на градење одреден став по клучните политички прашања за кои се сака да се изгради или претстави впечатокот дека тоа е општо расположение.

По објавувањето на сторијата реагираше отец Бобан Митевски кој тврдеше дека не бил интервјуиран. Одговорот на авторот може да го прочитате овде.