Почнуваат свечено. Со гламур и црвен тепих по кој дефилираат политичари и функционери, а завршуваат тивко и на суд со распродажба на имотот како стечајна маса. Ова кратко сценарио насловено: „Како се отвора и затвора медиум за неколку години“, кај нас се повторува во многу случаи.
Формално згаснати поради долгови и ненаплатени побарувања, а заднински поради лични, политички или бизнис-интереси. Во некои случаи, стечаите ги надживуваат годините на постоење на медиумите.
На крајот, со имотот располагаат стечајните управители, а медиумите им должат пари на сите, на вработени, фирми и државни установи, па дури и на основачите и газдите. За да се обезбедат пари, преку аукции и на рати се распродаваат опремата, возилата и сè што поседувале.
Домашниот медиумски пејзаж е преполн со вакви примери. Еден од најдраматичните се случи пред речиси една декада, кога беше отворен стечај за првата приватна национална телевизија А1, а подоцна и за сестринската А2.
Последни во низата медиуми што објавувале дека освоиле „рекорди на гледаност“ и биле опремени со „најсовремена технологија“ се телевизијата на шоуменот Бојан Јовановски 1ТВ и Нова на бизнисменот Сеад Кочан. На листата згаснати медиуми во последниве неколку години се и радиото Слободна Македонија, како и медиумскиот магнат „Медиа принт Македонија“. За сите нив има стечајни рочишта во скопскиот граѓански суд.
Со згаснувањето на фирмите, згаснаа и медиумите, а и нивните веб-страници. Останаа активни само видеоканалите на Јутјуб.
БИРН анализираше како медиумите од првично најавени амбициозни проекти, кои беа рекламирани на билборди и автобуси, завршуваат неславно и со лицитација на кабли, генератори, камери, миксети и друга ТВ-опрема.
За почеток помпа и гламур
Беше декември 2015 година, кога медиумите почнаа да пишуваат дека ќе се отвора нова телевизија, која ќе се вика Нова. На оглас за тогашниот нов медиум се бараше мала „армија“ од стотина вработени: седум уредници, 32 новинари, продуценти, 16 сниматели, десет монтажери… Телевизијата во етерот почна да зрачи на први февруари 2016 година. Медиумите известија дека „оваа телевизија ќе биде една од најмодерните во Македонија“.
Стартот беше амбициозен, со најави за секојдневна програма во живо, вклучувања и јавувања на десетина дописници од градовите. Веќе на првиот роденден, на кој присуствуваа високи домашни функционери, меѓу кои и претседателот Ѓорге Иванов, бизнисмени и јавни личности, сопственикот Сеад Кочан, гордо објави дека телевизијата направила „енормна“ гледаност и ја постигнала целта.
Телевизијата на големо се фалеше дека во брендиран автобус наречен „ТВ Нова експрес“ ќе биде сместено мобилно студио, од каде што ќе се известува за изборите во 2016 година.
На идентичен начин, но со многу повеќе „помпа“, беше означен и почетокот на 1ТВ, телевизијата која во 2018 година беше рекламирана на билборди.
На свеченото отворање со многу функционери, политичари и бизнисмени, кое траеше повеќе од три часа, неформалниот сопственик на телевизијата, Бојан Јовановски, ја пресече црвената лента. Кажа дека Македонија ќе биде „првата станица“ на медиумот, со тоа најави амбиции за проширување во регионот.
Оваа церемонијалност не беше одлика само за отворањето, туку и за првиот роденден, кој телевизијата го прослави во Македонската филхармонија, каде што во ред да се поздрават со неформалниот сопственик се најдоа највисоките ешалони на општествениот живот: функционери, судии, обвинители…
За разлика од овие два медиума, во 2013 година, тивко, но со многу испреплетени бизнис и политички релации, почна да зрачи и радиото Слободна Македонија, чиј сопственик беше контроверзната фирма НВСП. Уште во првата година од работењето радиото почна да прикажува солидни приходи.
Аукција на опрема „на парчиња“
Се продава имот во сопственост на стечајниот должник ТРД „Телевизија НОВА“ ДООЕЛ Скопје. Ова беше објавено на веб-сајтот на Централниот регистар, кога во мај 2019 година започна наддавањето за продажба на опрема од телевизијата.
Koмпјутери, мебел, агрегат, возила, oпрема за греење и ладење… Тогаш во седум пакети била понудена опремата на телевизијата, која завршила како стечајна маса. Проценетата вредност била приближно пола милион евра, а најмногу бил проценет четвртиот пакет телевизиска опрема, над 360 илјади евра. Овој обид за електронска продажба со јавно наддавање бил неуспешен.
Неколку месеци подоцна, поточно во ноември, била спроведена нова аукција, односно втора продажба. Се продавале сателитски приемници, видеомиксета, ресивери, ранци, полначи, светла, рекордери, кабли… Овде аукцијата била успешна, но за опремата што била проценета на над 10 милиони денари, стигнала само една понуда и таа била четирипати помала, односно два милиони денари.
Најголем интерес од изложеното имало за генераторот. За него стигнале 19 понуди. Aукцијата била успешна. Завршила со постигната цена од 220 илјади денари.
Стечајната управителка за телевизијата Нова ТВ, Христина Јоновска, за БИРН потврди дека досега имало неколку аукции за продажба на имотот на медиумот. Јоновска рече дека имало понуди да се купи опремата што завршила како стечајна маса. „Не се продаде затоа што беа понудени мали износи и Собранието на доверители одлучи да не ги прифати“, кажа таа за БИРН.
Идентично е и со стечајот на фирмата „Графички центар“, екссопственик на медиумската империја „МПМ“. На повеќе рати се лицитираат разни машини, ваги, возила… Од стечајот на МПМ се продаваа земјишта, возила, комплетна дигитална опрема…
На ист начин се продава и опремата на радиото Слободна Македонија. Проценителот оценил дека имотот кој се нуди на аукција чини приближно 300 илјади евра.
Телевизиската и радиоопремата многу тешко може да се впаричи поради застареноста, а полесно се продава останатиот имот, како возила и друга опрема. Ова го кажаа стечајни управители со кои разговараше БИРН.
Стечајниот управник на поранешната А1, кој е и претседател на Комората на стечајни управници, Ацо Петров, вели дека кога се отворал стечајот за таа телевизија имало премин од т.н. аналогно кон дигитално емитување, па тешко одело впаричувањето на ТВ опремата.
„Главниот имот на медиумот е опремата. Но, техниката бргу оди напред, па таа бргу застарува, и тоа е еден од главните проблеми при впаричувањето на стечајната маса кај медиумите. Дополнително, тесен е и пазарот за продажба на ТВ опрема и нема кој да ја купи“, вели Петров, кој е стечаен управник и на 1ТВ.
На кого сè им должат медиумите во стечај
Долги се листите доверители за медиумите во стечај. БИРН дојде до побарувањата за телевизиите „Нова“ и „1ТВ“, како и на „МПМ“. Она што е исто за сите е што голем број побарувања се оспорени.
Кај Нова, доверителите првично побарале над 3,5 милиони евра, а им биле признати едвај еден милион евра. Вкупната сума на побарувања од 1ТВ е далеку помала – биле побарани милион евра, а признати приближно 680 илјади евра.
Медиуми должни и на газдите
Меѓу стотината доверители на Нова е и името на екссопственикот Сеад Кочан, кој побарал од стечајната маса да му бидат исплатени приближно 150 илјади евра, пари за плати, но и за заеми што ѝ ги давал на телевизијата. Од нив признати му биле едвај шест илјади евра.
Седумдесет и три илјади евра од стечајната маса на МПМ бара Срѓан Керим, првиот човек на Управниот одбор на „МПМ“. На листата потврдени доверители е и бизнисменот Јордан Камчев, на кого судот му признал 28 илјади евра.
На листата доверители кај згаснатата 1ТВ е името на Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ, директорка на медиумот. Нејзиното побарување од над 380 илјади евра, кои биле донација за телевизијата, не е прифатено.
Покрај вработените што си ги бараат заостанатите и неисплатени плати и придонеси, на листите се еден куп фирми, државни институции, банки и адвокати. Најмногу пари се должи за неплатен данок за струја и за телефон.
Од Нова во стечај, 350 илјади евра за неплатен данок на добивка и ДДВ бара Управата за јавни приходи. Агенцијата за филм пријавила побарување од 26 илјади евра, а приближно 20 илјади евра побарала и фирмата „Нилсен“, која ја мери гледаноста. Побарувања пријавиле и фирмата на Сеад Кочан „Трансмет“ и кабелската телевизија Роби од Штип.
Медиумите веќе пишуваа дека во стечајната постапка за „Нова“, со тужба, се бара од новинарите да вратат долгови за направени патни трошоци за патување во странство.
Сто и седумдесет илјади евра 1ТВ ѝ должи на УЈП. На листата се и „Пелистерка“ и „Пелистер“ од Битола, „Телекабел“ и други фирми. Побарувања од приближно 12 илјади евра на продукцијата „Инсајдер“ од Белград, која повела тужба поради користење иста трговска марка (емисијата „македонски Инсајдер“) не е прифатено бидејќи спорот не е правосилно завршен до прогласувањето на стечајот.
Кај 1ТВ, нето-платите на вработените се движат меѓу десет и дваесет илјади денари, а се побаруваат и пари за исплата на К-15, односно регрес за годишен одмор.
Од сите овие медиуми, најдолга листа има „МПМ“. Таму, еден од најголемите доверители е „Графички центар“ за сума од приближно 1,6 милиони евра. На листата потврдени доверители се и новооснованата фирма „МПМ ДООЕЛ“, за сума од 35 илјади евра, ЕВН, Македонски телеком, Министерството за одбрана, продукции, адвокати, банки… Дел од побарувањето за неплатени сметки за струја застарел.
Со одлука од 2019 година, утврдено е доверителите да се намират со 49,09 отсто од утврдените побарувања откако ќе се намират трошоците на постапката и обврските од стечајната маса.
Сомнително уште на почеток
Медиумите, а особено телевизиите се „скапи играчки“. Ова мошне често може да се слушне од луѓето што се во медиумскиот бизнис. Историјата покажа дека нивната одржливост е многу поважна од „галопирачките почетоци“.
А тие најчесто се поврзани со конкретни групации, речиси без исклучок во „добри односи“, со одреден политички центар и веќе при самиот старт се знае кој медиум кон која политичка опција инклинира.
Потеклото на парите со кои се отвораат медиуми е прашање, за кое, кај нас има дебата речиси колку што е независна државата, но ниту една институција не се занимава со тоа од каде му се парите на сопственикот и дали медиумот може да осигури среднорочна финансиска стабилност.
Дилемата за потеклото на парите за отворање медиум се отвори многу одамна, поточно по појавата на А1.
Стануваше збор за кредит од 1,4 милиони долари, кој бил наменет за купување техника и набавка на трансмитери, кој американскиот Фонд за развој на медиумите (МДЛФ) го исплатил во 1997 година. Но, наместо техничко опремување, фирмата на сопственикот на телевизијата, Велија Рамковска купила пилешки копани од американска компанија за извоз на месо од Бостон. За кредитот меѓу А1 и МДЛФ се водеше и судски спор.
Телевизија од 721 ден
Телевизијата НОВА, од отворањето до стечајот, работела точно 721 ден, а стечајната постапка веќе трае повеќе од траењето на телевизијата, односно до 1 декември, тоа се 1.044 дена.
Кај 1ТВ, од самиот старт се „шушкаше“ и се поставуваа прашања од каде му се парите на Јовановски за да влезе во скапиот и блескав ТВ-бизнис, особено затоа што стануваше збор за лик, кој зад себе, освен блокирана сметка, нема други бизниси, нешто што е „фолклор“ за сопствениците на останатите медиуми кај нас. Јовановски во „Рекет“ се правдаше дека има наследство од баба му и заеми од пријатели.
Ако се земе само основачкиот капитал како индикатор, излегува дека многу медиуми биле основани со мали износи: 1ТВ и Радио Слободна Македонија, со минимален паричен влог од 5.000 евра, а Нова ТВ со 100 илјади евра.
Кратки рочишта за „згаснување“ на рати
На втори декември, пред судницата број 2, петмина полномошници на доверителите и стечајната управителка чекаа да започне рочиштето за стечајот на телевизијата Нова.
На рочиштето на кое присуствуваше БИРН, Собранието на доверители се согласи на физичко лице да му се продаде возило што влегло во стечајната маса.
„Првата електронска аукција за пакетот се одржа на 26.10.2020 година“, констатираше судијката. На аукцијата учествувале седум заинтересирани, од кои била прифатена понудата на физичко лице од 2.000 евра, што е нешто над 94 проценти од вредноста на возилото.
Рутинирано и без задршки, рочиштето траеше одвај десетина минути. Кај истата судијка, за две недели е закажано и рочиште за стечајот на 1ТВ.
Речиси во исто време, од соседната зграда на Кривичниот суд, новинарските екипи ги следеа судењата за случајот „Меѓународен сојуз“ и „Организатори на 27 април“. Голема е веројатноста меѓу нив да имало новинари или сниматели што некогаш биле дел од свечените почетоци на овие телевизии, што сега се распродаваат дел по дел, далеку од очите на јавноста.