Вести

Медиумска бомба: Како изгледа поданичко новинарство

Аудио разговори кои ја покажуваат спрегата меѓу јавниот сервис МРТВ и останатите медиуми со највисоките претставници од власта обелодени опозициската СДСМ на денешната објавена „политичка бомба“.

Разговорите кои беа презентирани укажуваа на тоа дека вработувањето дописници во јавниот сервис наводно се договарале меѓу премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Следуваа разговори за нарачки на телевизиски прилози на телевизиите „Сител“ и „Канал 5“, договарања за големи претплати на неделниот весник „Република“ во Министерството за транспорт, вработувања новинари во јавниот сервис со „аминување“ од Јанкулоска…

„Ќе видите до каде овие сопственици на телевизии се подготвени да се свиткаат пред Никола Груевски, по цена не само на интересите на граѓаните, туку и на сопственото елементарно човеково достоинство – само за да му се додворат и да добијат по некој бизнис. Ќе слушнете како Стојменов и Иванов ги спроведуваат нарачките преку поставените послушни главни и одговорни уредници на телевизиите, Драган Павловиќ Латас и Лидија Богатинова“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Ова се дел од разговорите кои БИРН ги издвои од денешната „медиумска бомба“ на опозицијата.

Премиерот Никола Груевски и министерката Јанкулоска договараат кој да биде дописник за МРТВ, на што министерката вели дека има тефтерче со имиња.

1

Министерката Јанкулоска и шефот на кабинетот на премиерот Протуѓер договараат вработувања во јавниот сервис.

„Или ќе пуштаме од комитети предлози, или ќе јакнеме капацитет. Најчесто не одат заедно тие две работи“, вели гласот на Јанкулоска, а Протуѓер додава дека „и ќе се јакне капацитет и ќе пуштаат луѓе од комитети“. Двајцата се согласуваат дека немаат доволно квалитетни кадри за новинари и дека треба нешто да се смени.

2

Јанкулоска и Протуѓер разговараат дали новинарот Миле Ристески да биде примен во Македонската радио телевизија како новинар. Ристески во моментов е вработен во МРТВ.
3

Премиерот Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески разговараат за тоа кој би можел да го преземе Радио Гостивар, кое требало да оди во стечај.

4

Сопственикот на Канал 5 Емил Стојменов и Протуѓер разговараат за вестите на главната уредничка на телевизијата Лидија Богатинова. Протуѓер не бил задоволен од гостинот Денко Малески, па бара да се повлече прилогот што Стојменов веднаш го прифаќа.

5

Протоѓер му наложува на Јанакиески Министерството за транспорт и врски да се претплати на што поголем број изданија на неделниот весник „Република“.

6

Главниот уредник на „Сител“ Драган Павловиќ – Латас и сопственикот на телевизијата Горан Иванов зборуваат како се покриваат активностите на опозицијата.

7

Министрите за внатрешни работи и за финансии, Јанкулоска и Ставрески зборуваат за водителот Миленко Неделковски, од чии што статуси и наслови „се срамат“ нарекувајќи ги „мизерии и најниски вулгарности“.

8

Главниот уредник на „Сител“ Драган Павловиќ – Латас се жали кај сопственикот на телевизијата Горан Иванов дека за соопштение кое наводно го пишувал самиот Груевски од Владата инсистирале да оди на насловната страна на „Вечер“.

9

Насловната страна на „Вечер“ за која наводно разговараат Павловиќ и Иванов

Насловната страна на „Вечер“ за која наводно разговараат Павловиќ и Иванов

Мартин Протуѓер и сопственикот на „Канал 5“ Емил Стојменов разговараат за неплатена фактура на телевизијата, најверојатно за владини реклами, на што шефот на кабинетот го известува дека сè ќе биде завршено.

10

Министерот за транспорт Јанакиески и сопственикот на „Сител“ го прогнозираат гласањето на дијаспората на изборите. Јанакиески се надева дека „сè ќе биде во ред“.

11

Главниот уредник на „Сител“ Драган Павловиќ – Латас и сопственикот на телевизијата Горан Иванов зборуваат за состојбите во телевизијата.

12

Главниот уредник на „Сител“ Драган Павловиќ – Латас и сопственикот на телевизијата Горан Иванов предвидуваат што ќе се случи со телевизијата „Алфа“ откако беше продадена.

13

„Сето ова почитувани граѓани, сопствениците на овие телевизии и нивните главни уредници го правеле за пари. Ја заборавиле обврската што ја имаат кон граѓаните, да ги информираат објективно. Се пазареле со власта за некој тендер, за да извлечат глава од незаконско работење, во што Груевски со соработниците помагал“, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Тој очекува уште од утре да се промени оваа политика и на приватните медиуми, Канал 5, Сител, МПМ, а посебно на националниот сервис Македонската Радио Телевизија.

Заев на денешната прес-конференција рече дека е згрозен од последниот инцидент, кога на новинарот и уредник од ТВ Нова Борјан Јовановски дома му пристигна погребен венец од лице што се претставило како Тодор Александров.

„Венец ќе има, но венец на слободата и демократијата во Република Македонија! И тоа многу брзо ќе го добие тој венец Никола Груевски и неговиот режим, на кои им е дојден крајот“.