Анализи

Над 2,5 милиони евра за 19 дена медиумско предизборие

Порталите побитни за ВМРО-ДПМНЕ, телевизиите за СДСМ

Поминаа месец дена од изборите. На дневна основа, политичката клима ја вжештуваат, па ја оладуваат јавните и тајните средби на политичарите за обезбедување мнозинство за влада.

Додека сето тоа се случува, како под дебела сенка, државата веќе ги пополнува уплатниците и ги исплаќа медиумите што ги рекламирале пропагандните пораки за време на изборната кампања.

Со тоа се исплаќаат услугите и просторот што медиумите им ги отстапиле на партиите. Веб-страницата на Државниот завод за ревизија и натаму е „онлајн-трезор“ што собира колку пари од буџетот треба да се одлеат за рекламирањето на партиите.

Извештаите сè уште стигнуваат и податоците не се целосни. Но, од она што досега е познато, може да се заклучи дека изборите биле плодна „жетва“ за медиумите и за фирмите за закуп на рекламен простор, имајќи го предвид фактот дека рекламниот колач секоја година е сè посиромашен, што директно се одразува врз приходите, особено годинава со корона вирусот.

Иако короната ги замрзна гломазните митинзи, кои беа редовен декор на сите изминати изборни циклуси, изборната пропаганда не беше смалена, туку напротив, „атакуваше“ од сите страни, имајќи ги предвид обраќањата на кандидатите за пратеници преку ТВ-спотовите и рекламите и објавите на социјалните мрежи, но и билбордите и рекламните паноа.

БИРН ги собра сите извештаи кои партиите и медиумите ги доставиле до ревизорите. Испративме и барања за слободен пристап. Најголемиот дел од партиите не одговорија на барањата, па и лично ги контактиравме во обидот да пресметаме колку вкупно чинела изборната пропаганда.

Базата податоци што ја сумиравме покажа дека вкупната медиумска пропаганда на партиите надминува 2,5 милиони евра. Со овие пари треба да се платат рекламите во телевизиите, радијата, весниците и на порталите.

Од нив, најмногу, речиси два милиона евра добиле телевизиите (во преден план националните), нешто над половина милион, односно 550 илјади евра – порталите, 150 илјади евра – радијата, а весниците најмалку – нешто над 40 илјади евра.

Сосема на крајот стигна цехот и за изборната пропаганда од улиците, што дополнително ја зголеми сумата потрошена за изборната пропаганда. Овие избори недвосмислено покажаа дека и овој дел од рекламирањето учествува со значителен процент во вкупните трошоци што се плаќаат за партиските реклами.

Па така, четири компании за рекламирањето на политичарите од билбордите, паноата и постерите вкупно треба да добијат речиси 600 илјади евра, поточно 591 илјада евра. Со тоа, вкупната сума надминува 3 милиони евра.

Партиите во извештаите ги пријавиле и парите што треба да им бидат исплатени на продукциските куќи за изработка на изборните спотови, како и на пиар-агенциите.

ВМРО-ДПМНЕ подарежлив кон порталите, СДСМ кон телевизиите

Вкрстената проверка на досегашните податоци објавени на ДЗР и тие што ги добивме од партијата откриваат дека победничката коалиција предводена од СДСМ се рекламирала на најмногу медиуми, вкупно 98. Овде влегуваат 26 телевизии, 20 радија, 48 портали и 4 весници.

Иако идентична сума за рекламирање имала и ВМРО-ДПМНЕ, според досегашните податоци на ДЗР, оваа коалиција се рекламирала на 83 медиуми, ДУИ на 39, а другите партии што влегоа во парламентот се рекламирале на помалку од 10 медиуми.

Изборни реклами на 70 проценти од радијата и телевизиите

Од 96 радиодифузери што се регистрираа во ДИК да емитуваат изборна пропаганда, договори за рекламирање склучиле 69, односно 38 телевизии и 31 радио. Тоа во проценти е над 70 отсто.

Убедливо најмногу пари од сите партии и коалиции за рекламирање во медиумите потрошиле двете најголеми коалиции предводени од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Нивната изборна пропаганда заедно чинела речиси два милиони евра, поточно 912 илјади евра ВМРО-ДПМНЕ, односно 916 илјади евра СДСМ.

Овие коалиции имале различни таргети и пристап во изборната пропаганда. Па, така, на пример, ако се суди според парите, за социјалдемократите поважни биле телевизиите од порталите, бидејќи за нив издвоиле повеќе пари од партиските опоненти. Рекламирањето на 26 телевизии, нив со вклучен ДДВ ги чинело над 790 илјади евра, а ВМРО-ДПМНЕ, според досегашните податоци, приближно 520 илјади евра.

Но, затоа, според истиот критериум, на ВМРО-ДПМНЕ споредено со СДСМ им биле поважни порталите, па на нив потрошиле 272 илјади евра, наспрема 69 илјади евра што ги потрошил СДСМ. Двојно повеќе од СДСМ потрошиле и ДУИ – 134 илјади евра.

15 дена непрекинати партиски реклами

Агенцијата за медиуми пресметала дека на телевизиите вкупно се емитувале реклами од 367 часа, 55 минути и 46 секунди, или преведено во денови, тоа е како непрекинато на телевизиите да течеле изборни реклами 15 дена. Кај радијата тоа се 4,5 дена, односно 102 часа, 14 минути и 12 секунди.

За ВМРО-ДПМНЕ било важно нивните реклами и промо-спотови повеќе да се слушаат и на радио, па за тоа потрошиле приближно 100 илјади евра. СДСМ за оваа намена издвоил над 43 илјади евра, потоа следуваат ДУИ и Левица.

Фокусот на медиумското рекламирање кај Левица очигледно биле социјалните медиуми, бидејќи, како што посочија за БИРН, на нив потрошиле приближно 20 илјади евра, или десетина илјади евра помалку од износот што треба да им се плати за нивните реклами на телевизиите. Коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива за промоција, на Фејсбук дале 3.200 евра.

Партиите најмалку пари за рекламирање дале во печатените медиуми. Лидер во износ за рекламирање е ДУИ (над 17 илјади евра), по него се ВМРО-ДПМНЕ (над 13 илјади евра) и СДСМ со речиси 12 илјади евра.

Од партиите што влегоа во парламентот, досега незначителни 1.800 евра имаат пријавено печатените медиуми за Левица, а Алијанса и Алтернатива и ДПА, според досегашната објава на веб-страницата на ДЗР, не се рекламирале во весниците.