Актуелно

Насилно преземена ИВЗ

Пред Исламската верска заедница -ИВЗ е мирно со видливо присуство на приврзаниците на скопскиот муфтија Шабани кој денеска се прогласи за нов Реис ул-Улема. Тие делуваат смирено велејќи „вистинскиот Реис е на работа“, а што е со досегашниот поглавар Реџепи никој не знае. МВР врши увид, но не интервенираше да го спречи пучот.

Пред Исламската верска заедница -ИВЗ е мирно со видливо присуство на приврзаниците на скопскиот муфтија Шабани кој денеска се прогласи за нов Реис ул-Улема / Фото: В. Апостолов

Пред Исламската верска заедница -ИВЗ е мирно со видливо присуство на приврзаниците на скопскиот муфтија Шабани| Фото: В. Апостолов

Дваесетина верници попладнево се уште седеа на клупите или на тревникот во дворот на Исламската верска заедница (ИВЗ) . Тие утринава околу 8 часот и 30 минути дошле во поголем број пред зградата на Битпазар за да го поддржат сменетиот скопски муфтија Ибраим Шабани кој упаднал во седиштето, и прогласи смена на првиот човек на ИВЗ, реисот Сулејман Реџепи.

Тие го чекаа исходот од полицискиот увид во седиштето каде се уште беше Шабани, додека реисот Сулејман Реџепи денеска не се појави на работа и е недостапен за новинарите.

„Вистинскиот Реис е на работа“, велат поддржувачите на Шабани откако ги прашавме каде е Реисот.

Во близина на Иса бег џамијата, веднаш до влезот на ИВЗ паркирани беа два полициски автомобили и блиндиран џип, меѓутоа полицајците не го попречуваа влегувањето и излегувањето од седиштето. Од Министерството за внатрешни работи скудно информираат само за настанот, најавувајќи повеќе информации по увидот.

Полицајците на влезот од ИВЗ пронашле чаура, со која, според МВР, најверојатно било направено оштетувањето во ходникот, но засега нема официјални информации што точно се случило. Се претпоставува дека приврзаниците на Шабани наишле на отпор од вработените и редарите при што било и пукано, но повредени во инцидентот нема.

Односите во ИВЗ се проблематизираа пред една недела откако скопскиот муфтија Шабани јавно побара реисот Реџепи да му се извини за навредите искажани кон скопските муфтии и нивните семејства.

Во близина на Иса бег џамијата, веднаш до влезот на ИВЗ паркирани беа два полициски автомобили и блиндиран џип / Фото: В. Апостолов

Во близина на Иса бег џамијата, веднаш до влезот на ИВЗ паркирани беа два полициски автомобили и блиндиран џип | Фото: БИРН

Два дена подоцна, Реџепи свика седница на Ријасетот при што едногласно беше потврдена неговата доверба и легитимност, а скопскиот муфтија беше разрешен од функцијата и испратен да биде професор во медресата „Иса Бег“ во Скопје. Разрешен и прераспореден на работно место во здружението „Илмије“ беше и поранешниот генерален секретар на ИВЗ, Африм Тахири. Разрешените бараа Реисот да образложи зошто одржал тајна седница во Кондово на која незаконски се реизбрал, а нив ги разрешил.

„Раководството на ИВЗ го урна правниот систем, уставот и другите нормативни акти на заедницата. Имајќи го предвид овој хаос и последниот инцидент создаден од реисот Реџепи, по кој следеа неуставни одлуки спротивно на сите норми, Скопското муфтиство даде рок од 48 часа за подобрување на состојбата, но Сулејман Реџепи не се извини за навредите кон сопругите на имамите. Тој ги прекрши сите уставни принципи и не може да се толерира неговото однесување“, изјави разрешениот скопски муфтија Шабани а денешната прес-конференција во дворот на ИВЗ.

Тој нагласи дека од денеска со ИВЗ ќе управува привремено раководство што ќе го води тој, а верниците за се ќе бидат детално известени.

Новинарот и познавач на приликите во ИВЗ, Мухамед Зекири е убеден дека овој инцидент кој претставува атак врз највисоката институција на муслиманите во Македонија, немаше да се случи без индиректна поддршка од државните институции.

„ Замислете полицијата воопшто не интервенираше за да спречи ваков упад. Јас само би поставил едно реторичко прашање, како ќе реагираше полицијата ако истово се случеше со МПЦ, ако на пример, група верници предводени од Вранишковски или од било кој друг би влегле и би ја преземале МПЦ“, прашува Зекири.

Тој потсетува дека автономноста на верските заедници е гарантирана со Устав и затоа државата треба да застане во нивна одбрана, а не, како што вели тој, да се води од дневно политички побуди.

„Ако на власта до вчера не ѝ пречеше Реисот Сулејман Реџепи, се поставува прашањето зошто сега ѝ пречи? Затоа што гласно зборува против режимот на Груевски преку неговите колумни и изјави?“ вели Зекири

Тој додава дека луѓето што денеска упаднаа во ИВЗ до вчера биле први соработници на Реџепи, а се досетиле оти тој не им чини дури откако биле разрешени и обвинети за криминал тежок половина милион евра

Ова не е прв пат ИВЗ да биде место на пресметки и насилни обиди за преземање. Пред изборот на Реисот Сулејман Реџепи ИВЗ беше потресувана со жестоки пресметки на различни струи. Медиумите информираа за вооружени упади и напади со калашњикови на предводени од Зенун Бериша.

Реџепи прв пат дојде на функцијата на изборното собрание во 2006 со поддршка на сите 13 муфтиства колку што е организациски поделена ИВЗ.