Вести

Орце Камчев под американски санкции

„Корупцијата има последици“, изјави американската амбасадорка Агелер

Надлежното тело на американското министерство за финансии за следење на странски пари денеска соопшти дека го санкционира македонскиот бизнисмен Јордан Орце Камчев.

Камчев ја „злоупотребил својата позиција и бил ангажиран во коруптивни активности„ рече Брајан Нелсон, потсекретарот на одделот за тероризам и финансиско разузнавање на  Министерството за финансии.

Тој додаде дека Камчев тоа го сторил преку „спроведување себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија“.  

Тој е на црната листа заради „корупција, поткуп, перење пари и други криминални активности“, се вели во писмената изјава на американската амбасадорка Ангела Агелер.

„Овие санкции не влијаат само врз сопственоста и  имотот на г-дин Камчев, туку и врз оние кои имаат бизнис со него. САД ќе продолжат да таргетираат корумпирани поединци кои што го поткопуваат владеењето на правото и стабилноста на Северна Македонија. Корупцијата има последици“, изјави  Агелер.

Зошто е санкциониран Камчев?

Американските институции во образложението на одлуката цитираат и дел од судското досие на Камчев, наведувајќи дека тој лани беше осуден во предметот „Плацеви на Водно“ поради учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште.

Во одвоено судење, Камчев се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на својата положба во случајот „Империја“. Во него, како што се наведува во одлуката, тој призна вина за злоупотреба на својата положба, но го „искористи своето коруптивно влијание и богатство за да манипулира со судскиот систем на Северна Македонија во негова корист“.

„По скандалот Специјалното јавно обвинителство пропадна. Како резултат на тоа, многу случаи на корупција на високо ниво кои СЈО ги разгледуваше стагнираат или сѐ уште не се решени, со што се одложува одговорноста за многу поединци кои се занимавале со корупција слично на Камчев“, наведува во одлуката американската администрација.

Подемот на Камчев

По случајот познат како „Рекет“, пред четири години, специјална јавна обвинителка Катица Јанева си поднесе оставка и сега е затворски осудена.

Камчев, пак, пред македонските институции е слободен човек. Тој основата за својата бизнис империја ја наследи од својот татко, Илија Камчев, познат бизнисмен од раните деведесетти години. По директните политички екскурзии како тогаш млад социјалдемократ, Камчев се соочи со процес за даночно затајување во времето на претходната влада на СДСМ во 2005 година.

И тогаш не се соочи со правдата. Привремено се засолни во соседна Бугарија. Големата бизнис империја почна да ја гради во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ користејќи ја тогашната блискост со шефот на тајната полиција Сашо Мијалков.

Во неговото бизнис портфолио се офшор фирми, банка, земјоделскиот комбинат, млекарница и неколку хотели меѓу кои беше и хотелот Мериот на скопскиот плоштад.

Камчев се најде на листата санкционирани личности во САД речиси еден месец откако таму се најде и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Вчера, пак, американското министерство за трговија на црна листа ја стави и македонската компанија Сајтрокс заедно со три други од Грција, Унгарија и и Ирска поради развивање и трговија со нелегален софтвер за следење на комуникациите.