Актуелно

Париз го запали алармот – ќе се ограничува протокот на бегалци

По терористичките напади во Париз, се запали алармот во државите низ кои транзитираат и бараат азил бегалците и мигрантите од Блискиот Исток. Дебатите за тоа дали треба да се затворат границите за бегалците и мигрантите особено се засилија откако француската полиција најде пасош кој гласи на името Амад Алмохамад, во близина на телото на човек кој го нападна францускиот фудбалски стадион во петокот во Париз.

На 7 октомври, лице со ваков пасош пристигнало на грчкиот остров Лерос и било регистрирано како бегалец, пред да го продолжи патот кон Србија, Хрватска и Франција. Во саботата, друго лице со ист пасош било откриено во бегалскиот центар во Прешево, објави српски „Блиц“.

Пасошот кој гласи на името Амад Алмохамад беше најден во близина на телото на човек кој го нападна францускиот фудбалски стадион во петокот во Париз

Пасошот кој гласи на името Амад Алмохамад беше најден во близина на телото на човек кој го нападна францускиот фудбалски стадион во петокот во Париз

Британски Гардијан, повикувајќи се на полициски извори, утринава објави дека српската полиција уапсила уште едно лице со сириски пасош, кој ги содржи истите податоци како на пасошот кој бил најден во близина на телото на еден од бомбашите–самоубијци. Пасошот гласел на истото име, Алмад Алмохамад (25), само имал различна фотографија.

Српските власти изјавиле дека двата пасоша се лажни, но додале дека интензивно работат со француските истражни служби за да се најде потеклото на документите.

Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, за БИРН изјави дека сè уште се вршат проверки за да се види дали лицето Алмохамад било регистрирано дека влегло во Македонија и понатаму го продолжило патот кон Србија. Тој вели дека се вршат и електронски и рачни проверки, од причина што „многу од лицата се јавуваат се исти или слични генералии“.

Според она што беше објавувано во странските медиуми, голема е веројатноста овие пасоши да биле фалсификувани – пред два месеца холандскиот новинар Харалд Дурнбос успеал да извади сириски пасош за 825 американски долари на сириско – турската граница. Пасошот имал фотографија на холандскиот премиер Марк Руте.

На социјалните мрежи, насекаде низ светот се поставува прашањето за тоа кој бомбаш самобиец со себе носел пасош додека врши терористички напад, а голем број бегалци од Сирија реагираат, тврдејќи дека со последните случувања, се зголемува веројатноста секој бегалец да биде етикетиран како „терорист и потенцијална опасност за државата во која пребегал“.

Протокот на бегалци ќе се ограничи на 3.000 лица дневно

Тероростичките напади во Париз ги засилија дискусиите за тоа како и дали треба да се затвораат границите или ќе се пристапи кон намалување на протокот на бегалци и мигранти.

Словенија соопшти дека нема да ги затвора границите туку ќе се преземаат мерки во соработка со соседните држави за да се регулира приливот на мигранти и бегалци во согласност со расположливите капацитети на државата.

Во Словенија досега влегле повеќе од 221 илјада мигранти, од кои само вчера 4.140.

Министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, за Радио Телевизија Србија (РТС) изјави дека Словенија и Австрија веќе подигаат жичени огради на своите граници, а Србија е подготвена за секакво сценарио. Тој во интервјуто додава дека нивото на безбедност во Србија е подигнато на високо ниво.

„За нас е важна одлуката на Германија и ако таа држава донесе одлука за намалување на протокот на бегалци, тоа ќе биде и проблем за Србија“, рече тој.

Според неофицијални информации, на вчерашната 38 генерална конференција на УНЕСКО во Париз, каде што учествува и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, прво била донесена одлука да се затворат границите на Словенија и Австрија, но доцна вечерта, одлуката била променета.

Според последните информации, под притисок на Германија, најверојатно протокот на бегалци и на мигранти ќе биде редуциран на 3.000 лица дневно во зимските месеци, а потоа ќе се носи одлука дали границите ќе се затворат.

begalci-mk

По одржаниот Совет за безбедност што го свика претседателот Иванов, беше соопштено дека Македонија ќе подигне ограда на одредени места, доколку соседните земји го ограничат или го намалат транзитирањето на мигрантите.

Франција, на седницата на министрите за внатрешни работи на ЕУ, во петок ќе побара да се воведе внатрешна контрола и времена суспензија на Шенгенскиот договор.