Нов почеток им се заканува на неколку крупни предмети што ги отвори згаснатото специјално јавно обвинителство.
Поводот е ист како и лани, кога одново почна предметот за уривањето на Космос, „ТНТ“: возраста на судија-поротник, кој наполнил 60 години и, според Законот за судови, повеќе не може да дели правда.
Судејќи според праксата, обвинетите очигледно повеќе од судот „внимаваат“ за „родендените“ на поротниците, односно за „законитоста“ на постапката. Преку нивните адвокати бараат да му се констатира престанок на функцијата на поротникот Митко Сандев, кој суди дури во четири предмети на СЈО.
За ова, „на сите труби“ разгласи опозицијата од партиската говорница, од пред ДКСК и пред Кривичниот суд, каде што се одвиваат постапките. Бараат итна смена на поротникот.
Тоа во превод значи оти предметот за изборна измама „Титаник“, кој беше прв отворен случај на СЈО, „Топлик“, за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град” во Сопиште, „Талир“ за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и „Тендери“ за тендерот за Музејот на македонската борба, се соочуваат со нов почеток.
Штом еден судија или поротник е променет, тоа значи дека судењето почнува одново.
Најмал проблем е „Талир“, каде што процесот е на самиот почеток со петнаесетина сослушани сведоци, но проблем се другите три предмети, кои се речиси пред самиот крај, а се водат со години.
Така, на пример, во предметот „Титаник“ досега се сослушани приближно 170 сведоци на Обвинителството, како доказен материјал пуштени се над илјада бомби и илјадници страници материјални докази. Првото рочиште се одржа пред повеќе од три години.
Само во „Титаник“ се сослушани скоро 200 сведоци
Првото рочиште за еден од најобемните предмети на СЈО со докази се одржа пред повеќе од три години. На обвинителна клупа се 21 обвинет.
Уште подолг стаж имаат судењата за предметите „Тендери“ и „Топлик“, кои траат по приближно три и пол години. Поради брзината на судењето, на 14 обвинети во „Титаник“ веќе во текот на судењето им застаре по едно дело.
Од судот соопштија дека за возраста на поротникот веднаш го информирале Судскиот совет. Но, не поднеле барање за разрешување, туку само известиле, бидејќи оценуваат дека законот е недоречен.
„Збунувачки е што Законот истовремено предвидел дека за судија поротник со мандат од четири години може да биде избрано секое лице до навршување на 60 години, а истовремено предвидел и дека со навршувањето 60 години, поротникот треба да се разреши“, соопштија од Кривичен.
Информираа и дека додека Судски не му констатира престанок на функцијата на поротникот, тој ќе суди. Прашањето е до кога.
Дека има правна празнина говореше и министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој изјави оти во претходните закони за судови, поротниците суделе до 64 години.
„Дел од тие судии поротници се избрани со мандат од четири години, неколку месеци пред да наполнат 60 години“, рече Маричиќ, уверувајќи дека стојат на располагање за евентуални законски измени. Сепак, дури и да се случи тоа, не би можело да важи ретроактивно.
Адвокатите на обвинетите, пак, се децидни оти ќе падне секоја пресуда во која судел поротник, и покрај тоа што му престанала функцијата.
Судски уште не знае кога…
Сега на ред е Судскиот совет, кој на една од следните седници треба да го стави како точка на дневен ред известувањето од претседателот на Кривичниот суд.
Судејќи според досегашната пракса, Советот не расправа, туку само констатира престанок на функцијата.
Од судот се повикаа на пракса од минатото, каде што судиите-поротници што навршиле 60 години, им се дозволува и понатаму да ја вршат функцијата до истекот на мандатот од четири години за да не почнат постапките од почеток и за да не се зголемат трошоците.
Но, ако тоа не се случи, тогаш извесен е новиот почеток на четирите предмети.
Отежителна околност е и тоа што во овие судечки совети нема резервни поротници, кои би можеле да го заменат поротникот со истечен мандат. Оние што ги имаше се „потрошија“, односно веќе судат.
Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, за БИРН, потврди дека известувањето од судот им стигнало минатата недела, но не можеше да се сети точно на кој датум.
Немаше дециден одговор на прашањето кога ќе ја стават таа точка на дневен ред. Некои членови користеле годишен одмор и рече дека не знае кога ќе се случи тоа.
„Тоа ќе одлучиме на колегиум“, одговори Црвенковска на прашањето дали очекува за престанок на функцијата на Сандев да расправаат пред летните одмори.
На последната седница веќе констатирале престанок на функцијата „поротник“, кај неколку поротници.
Поништена владина Уредба
Уставен лани ја поништи Уредбата на Владата и одлучи оти продолжувањето на роковите за време на вонредната состојба не важи за годините на поротниците.
Самиот поротник, пак, е меѓу „чеканот и наковалната“, односно помеѓу евентуалната кривична одговорност, која од него најави дека ќе ја бара опозицијата и можноста самиот да побара престанок на функцијата, како што тоа го направи поротничката во предметот „ТНТ“, по многуте натегања.
Уставниот суд во 2006 година пресече дека навршувањето 60 години е основа за престанок на функцијата „поротник“, за разлика од судиите на кои им престанува судиската функција на 62, односно на 64 години старост.
„Ваквата разлика во регулативата, според Судот, е резултат на различниот статус, права и обврски на судијата и судијата поротник при вршењето на судиската функција.“
Тоа значи дека судијата ја врши судиската функција како вработен, а судијата-поротник не е вработен, туку добива надоместок.
Партија се сомнева во партиска пристрасност
Но, не се спорни само годините кај поротникот, туку и партиската припадност. Опозицијата истражувала и најде дека спорниот поротник бил член на статутарната комисија на Партијата на пензионери, која е во коалиција со СДСМ, што за нив е доволен аргумент да го оспорат неговото судечко поведение поради пристрасност.
И не е само тој пример. БИРН лани истражи дека поротник кој суди во Кривичниот суд бил партиски активист и кандидат за советник во скопска општина.
Ако партиската припадност е строго забранета за судиите, за поротниците тоа е слободен терен, бидејќи законот не пропишува такви правила.
Во меѓувреме постојано се објавуваат нови огласи за избор на нови поротници, а овие прашања уште пливаат во безграничната слобода на толкувањето.