Анализи

Посредниците куртулуваат „пеејќи“

Дали и во „Империја“ ќе има покајници

По замрзнувањето имот што упатува на Сашо Мијалков, истрагата „Империја“ тргнува по траекторијата на судскиот процес „Плацови на Водно“, во кој обвинителството ги таргетираше скриените недвижнини на Никола Груевски.

Анализата на замрзнатите хотел, куќа, акции и деловен простор дава впечаток дека и во „Империја“, како и во „Плацови на Водно“, обвинителството ќе се фокусира да докаже дека поранешен висок функционер, во случајов шеф на УБК, нелегално стекнал имот и вешто го криел од јавноста со помош на горе-долу истите посредници.

Надевајќи се на поблаги казни, дел од тие посредници неочекувано „пропеаја“ за имотот на експремиерот и логични се очекувањата за реприза во „Империја“

Надевајќи се на поблаги казни, дел од тие посредници неочекувано „пропеаја“ за имотот на експремиерот и логични се очекувањата за реприза во „Империја“.

Прашање на денови е кога овој предмет ќе влезе во судница, водејќи се според изјавите на првите луѓе во обвинителството. Оттаму, во неформалните контакти не откриваат дали сите 14 осомничени ќе бидат и обвинети.

СЈО ја почна истрагата пред три години и осомничи 14 лица, од кои Сашо Мијалков, Јордан (Орце) Камчев и Цветан Панделески одреден период поминаа во притвор.

Жесток крај на едно побратимство

Ќе ја повтори ли Камчев улогата од Плацеви на Водно?

Протагонистите во „Империја“ и во „Плацови на Водно“ се поранешни функционери и бизнисмени, кои се поврзани, и приватно, и професионално.

Најуспешно дејствуваа кога ВМРО-ДПМНЕ неприкосновено владееше.

Со години, БИРН и други медиуми пишуваа за лукративните потфати на оваа неформална групација. Известувавме дека евтино заокружуваат градежни парцели во центарот на Скопје, преземаат успешни фирми или купуваат акции во најголемите македонски компании.

За нив се кроеја закони, а тие финансираа портали во корист на владината пропаганда.

Од новинарските истражувања се исцртуваа сомнежи дека Сашо Мијалков, како шеф на тајната полиција и прв братучед на Груевски, бил тој што обезбедувал моќ и капитал и оти неговиот компањон од младоста Орце Камчев ја контролирал мрежата од фирми и луѓе што се користеле како плашт.

„Од понеделник таму јас преземам“, вели Мијалков во една од „бомбите“, по повод влегувањето на Камчев во новинската компанија МПМ.

Од новинарските истражувања се исцртуваа сомнежи дека Сашо Мијалков, како шеф на тајната полиција и прв братучед на Груевски, бил тој што обезбедувал моќ и капитал и оти неговиот компањон од младоста Орце Камчев ја контролирал мрежата од фирми и луѓе што се користеле како плашт

За сето тоа да функционира со години се чини клучно беше побратимството меѓу Камчев и Мијалков. Затоа, пак, растурањето на тоа другарство по политичките промени ја преполни чаршијата со шпекулации.

„Бевме пријатели, повеќе не сме. Причините се различни, во однос на тоа што се шпекулациите, но тоа останува меѓу нас двајцата“, вели Камчев во едно од ретките интервјуа.

Овој веќе поранешен пријател на Мијалков може да биде клучен на рочиштата што следат.

Во времето на ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога Камчев влегуваше во некоја голема компанија, веднаш се ширеа шпекулациите дека и Сашо Мијалков е дел од истата бизнис-авантура.

Иако него никаде го немаше во официјалните документи, како по правило, во хартиите, покрај Камчев, се впишуваше и фирмата со мистериозно сопствеништво – „Ексико“. Подоцна, како што  се појавуваа во сопственичката структура семејните фирми на Мијалков, така ја снемуваше „Ексико“.

А, судот во петокот замрзна акции на оваа фирма.

Потенцијални покајници

Замрзнат имот на „Ексико“ и на плоштад | Фото: БИРН

Слична улога би можел да одигра и градежникот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова. И тој се „исповеда“ како посредник во „Плацови на Водно“, а замрзнувањето на имотот го инволвира и во „Империја“.

Александар Ивановски му е бизнис-партнер на Сашо Мијалков во хотелот „Мериот“. На хартија, две третини од угостителскиот објект се негови, а остатокот е во сопственост на семејна фирма на Мијалкови.

Индикативно е што во рамките на „Империја“, судот не го замрзна само уделот на Мијалкови, туку и делот на Ивановски, и покрај тоа што досега не се најде на листата на осомничени. Порталот на неделникот „Фокус“, повикувајќи се на извори од истрагата, објави дека уделот на Теранова во барокниот хотел и не е баш негов и дека со хотелот може да се поврзе и Никола Груевски.

Индикативно е што во рамките на „Империја“, судот не го замрзна само уделот на Мијалкови, туку и делот на Александар Ивановски, и покрај тоа што не е осомничен

Изненадување беше што судот замрзна и деловен простор вреден 1,6 милион евра во објектот на скопскиот плоштад, објектот го гради рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Во периодот на ВМРО-ДПМНЕ, Самсоненко беше промовиран како спортски месија. Инвестираше во ракометниот и во фудбалскиот клуб Вардар и имаше забележителен успех, меѓутоа по смената на власта, таа приказна неславно заврши.

Русинот е уште еден од ликовите што се јавуваат и во „Плацови на Водно“, неговата сопруга е последниот сопственик на фамозното градежно земјиште.

Судот, во петокот ја замрзна и семејната куќа на Сашо Мијалков на падините на Водно, која формално е запишана на компанија на скопскиот адвокат Серјожа Марков.

Новинарите, во деценијата зад нас, открија и други имоти и зделки што се врзуваат со оваа група, а кои не се замрзнати. Повеќе од веројатно е дека и тие се во фокусот на обвинителите зашто нивното петочно соопштение финишира со реченицата „запленувањето не е конечно“.